Ги објавивте листите. Има нови и непознати имиња. Зошто се одлучивте на ваква варијанта?
Ова е волја на мнозинството, на членството на Демократската унија за интеграција. ДУИ како партија функционира како демократско движење каде што се почитува волјата на мнозинството, каде што се почитува волјата за промени. Сигурно и во иднина ќе има нови лица и овој тренд ќе продолжи и во иднина. Значи сè се прави со разбирање, сè се одлучува со дијалог, компромис и сите заложби ги правиме за да се најде најдоброто решение. Но во Демократската унија за интеграции е тешко да се одлучува за одвојување луѓе, бидејќи се работи за лица што придонеле многу, имаат посебни способности за менаџирање на раководните места, но сепак на крај се работи за волјата на мнозинството.
По 14 години на власт, што може да им понудите на граѓаните на овие избори, на што ќе се фокусирате во програмата?
Албанците во Македонија со постигнувањето на Рамковниот охридски договор се разбира дека освоија слобода, но сега еден од приоритетите на Демократската унија за интеграција е оваа слобода да се материјализира и со рамноправноста, бидејќи со немањето рамноправност сигурно дека и слободата не може да биде целосна. Слободата за која што се надевааат граѓаните, слобода и рамноправност.
Зборувате за рамноправност, зошто досега тоа не го овозможивте?
Во континуитет се работеше за рамноправност, но ние имавме важни прашања кои требаше да се затворат и кои произлегуваат од Рамковниот договор, почнувајќи од националната слобода која што им недостигаше на Албанците, до рамноправното учество на Албанците во институциите, но во економскиот дел потребно е повеќе време и инвестиции за да бидеме рамноправни.
За ЕУ и НАТО мора решение за името. Вие веќе рековте дека тоа треба да го реши новата влада. Господине Ахмети, би коалицирале ли со ВМРО-ДПМНЕ ако победат на изборите?
Сега во Република Македонија имаме една реалност во која граѓаните сè уште се организирани во политичките партии врз етничка припадност. ДУИ не преферира да дефинира која страна е поприфатлива, подобра од македонската страна, бидејќи која македонска политичка сила ќе добие решаваат граѓаните, со тоа што која партија сакаат да ги претставува, која политичка сила ќе го добие легитимитетот зависи од гласачите Македонци и ние не може да ја наметнуваме волјата на Демократската унија или да речеме волјата на Албанците кој е поприфатлив од македонската политичка провиниенција. Сè додека имаме една таква реалност каде што граѓаните се организирани врз етничка припадност, сè додека сме организирани и гласаме за политички партии со национална припадност - албанска и македонска, треба да се почитува волјата на електоратот без разлика на која етничка припадност припаѓа. Но многу ќе зависи од преговорите во иднина, од платформите што ќе ги имаат партиите во иднина, а во иднина сигурно ќе се одвиваат преговори врз политичките програми, партиски програми, исто така и врз целите што ги имаат политичките партии, можно е да има и разлика во визиите што ги имаат политичките партии.
Претпоставувам слушнавте дел од снимките на опозицијата. Не ви пречеше вокабуларот за Албанците на некои членови на ВМРО?
Не. За нас не е вознемирувачки, апсолутно не е вознемирувачки, бидејќи Албанците знаат за кого ќе се определат. За жал, досега се уште не се случило една македонска политичка партија да се ангажира да ги брани правата на Албанците или без да се плаши да бара да се остварат правата на Албанците и се додека имаме едно вакво политичко организирање, сигурно политичките интереси и националните интереси, правата на Албанците и нивното надградување, останува да ги бранат албанските политички партии.
Груевски лично ви се заблагодари за изјавата за СЈО дека ќе работело додека Македонија не влегла во НАТО што значело промена на името. Нејасно е како се поврзани овие работи. На што точно мислевте?
Јас имав една многу транспаретна изјава. Сите ние, четирите политички партии што постигнавме договор, скопскиот договор што вие го нарекувате пржински и една од одлуките на тие средби со помош на меѓународната заедница како потреба за да се надмине кризата и целата ситуација да влезе во колосек, решивме да се формира Специјалното јавно обвинителство за да се затворат сите отворени прашања, сите дилеми и ние го поддржуваме и продолжуваме да го поддржуваме Специјалното јавно обвинителство за да не останат дилеми, сомнежи кај граѓаните кои се тие што се инкриминирани и да не им се даде простор на политичките партии да се обвинуваат кои се виновни, а кои не се, се додека тие не бидат соочени со правото и судството и правото да е тоа што ќе го каже последниот збор и токму заради ова ние баравме долготраен мандат на Специјалното јавно обвинителство сè додека не се затворат сите дилеми.
Но каква врска има СЈО со НАТО и со името, како што го стави во контекст Груевски. Груевски ви се заблагодари зошто СЈО сте го ставиле во контекст на НАТО и менување на името.
Јас не сум Никола Груевски, зошто ме прашувате? Јас ви го интерпретирав моето мислење околу Специјалното јавно обвинителство, вие ме прашавте околу оваа изјава и јас ви ја прокоментирав мојата изјава како јас размислувам за Специјалното јавно обвинителство. Сега за интерпретациите кои што се прават околу мојата изјава може да ги прашате тие што ги интерпретираат моите изјави.
Велите го поддржувате Специјалното јавно обвинителство, но сите ваши пратеници не гласаа за продолжување на мандатот. Како ја оценувате работата на СЈО досега?
Не, не е така. Дел од пратениците беа присутни во салата. Се работи за политичко прашање, бидејќи и да се направи нешто надвор од Скопскиот договор сигурно дека е потребен консензус од сите четири политички партии, за да се направи каква било промена од тој договор што се постигна меѓу четирите политички партии, бидејќи еднострано никој не може да го промени овој договор што го постигнавме во Скопје.
Каков е вашиот став во однос на СЈО? Како работи СЈО досега?
Јас очекував и очекувам Специјалното јавно обвинителство да ја заврши професионално својата работа, очекувам да е независно и да не зазема страна и да поддржува одредена групација и јас очекувам овде да се отсликува и рефлектира правната држава, да доминира државноста и правото. Ако зазема еднострана насока сигурно ова ќе биде многу штетно за државата.
Зазема ли сега СЈО страна според вас, или работи професионално?
Јас се уште немам некаква проценка во овој момент, сигурно во вистинскиот момент ќе повикам луѓе што ја следат целата ситуација и тогаш ќе го слушнам нивното мислење.
Зборувате за центри кои не и мислеле добро на Македонија и кои стоеле зад кризата. Прецизно кои се тие центри, на кого мислите кога зборувате за такви центри?
Има многу центри кои работат на штета на интегрирањето на нашата земја во ЕУ и посебно во НАТО. Има многу центри што работат во насока на создавање на хаос, недоверба меѓу двете најголеми етнички заедници во нашата земја, т.е. Албанците и Македонците, бидејќи тие центри сигурно дека не се без искуство и знаат дека хармонијата, блискоста и довербата меѓу Албанците и Македонците за да се придвижи земјата напред е многу добра работа, ова е за доброто на Република Македонија и како да речам фрлаат искри за да се влошат овие односи. Јас тука не зборувам и не ги обвинувам владите на соседните земји, но во сите соседни земји има групи и групации кои не ги интересира добрата иднина на Македонија, не сакаат Република Македонија да е дел од НАТО, да е дел од Европската унија. Значи има групи и групации во сите соседни земји во регионот кои се заинтересирани да ја поделат оваа земја за одредени интереси но тука без лошо да бидам сфатен не се работи за влади на земјите од регионот, но зборувам за групи и групации кои не се без влијание во земјите каде што работат навлегувајќи со нивните идеи и во нашата земја, во Скопје и во многу други градови на Република Македонија, промовирајќи ја нивната идеја, платформа на некој начин преку легалните патишта и преку полулегалните и делумно работејќи илегално.
Ако добро ве разбирам зборувате за центри од соседните земји што се невладини центри и соработуваат со домашни структури?
Па сигурно дека има структури и внатре во нашата земја што се обидуваат земјата да се дестабилизира. Не се отфрлува и оваа можност.
Господине Ахмети се плашите ли дека СДСМ и новите партии може да ви одземат гласови?
Не, не апсолутно не сме загрижени. Мислиме дека СДСМ нема да добие ништо со овие акробации, да ги наречам организациски, или пак со овие пораки за граѓански партии, бидејќи е изненаден и самиот албански електорат од каде излегоа тие како спасители. Значи, Демократската унија за интеграции воопшто не е загрижена. Ова што се размислува за граѓанска политичка партија ќе дојде време во иднина и не може да се избегне од овој пат. Но ова може да се случи по една или две децении, во иднината. Сега имаме многу работа во насока на рамноправноста меѓу двете најголеми заедници.
Велите СДСМ нема право на албанските гласови. Има ли ДУИ право на македонските гласови?
Ние не можеме да навлегуваме во волјата на граѓаните. Не можеме да ги контролираме граѓаните како ќе гласаат и за кого ќе гласаат. Може да има Албанци кои ќе гласаат за македонска политичка партија и исто така може да има Македонци кои ќе гласаат за албанска политичка партија. Ниту една страна од нас не може да знае кој како гласа. Нас не гласаат граѓаните на Република Македонија и во гласовите не се пишува дали е Македонец, Албанец или пак Турчин, Ром, Србин или пак дали е Влав итн.
И за крај господине Ахмети, каков изборен ден очекувате на 11 декември. Ќе имаме ли фер и демократски избори што е услов за напредокот на Македонија?
Врз основа на волјата на четирите најголеми политички партии во земјата што се согласивме да има избори на 11 декември 2016 година сите страни го дадоа своето уверување дека се исполнети условите за одржување на демократски и слободни избори без заплашување и избори прифатливи, чесни, без да претендираме дека овие избори ќе бидат одлични, скандинавски избори. Значи ниту една страна не го претендираше ова но сите се согласивме дека условите се исполнети за организирање на изборите и се ќе зависи од волјата и работата на политичките партии, но во интерес на земјата е да имаме избори што ќе бидат прифатени од сите, да имаме избори со стандарди бидејќи вака ја подобруваме сликата на државата, вака ја подобруваме сликата за заедниците што ги претставуваме.