Достапни линкови

Течат роковите за пријавување на пратеничките листи


Државна изборна Комисија (ДИК) врши жрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче за локалните избори 2013 година.
Државна изборна Комисија (ДИК) врши жрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче за локалните избори 2013 година.

Пратеничките листи денеска ги објави ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ имињата на кандидатите за пратеници ќе ги објави во некој од наредните денови, а досега од големите партии листите ги објавија СДСМ и ДПА.

На 11 ноември на полноќ завршува рокот за пријавување на пратеничките листи во Државната изборна комисија за предвремените парламентарни избори на 11 декември. Во истиот рок треба да се направи и увидот во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на македонските граѓани кои живеат во странство.

Од големите партии досега пратеничките листи ги објавија СДСМ и ДПА. Партиите ги комплетираат потребните документи за листите да ги достават во ДИК.

Денеска листите ги објави ДУИ, а кандидатите партијата во ДИК ќе ги достави до крајниот рок во петок на полноќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека листите до Изборната комисија исто така ќе ги достават во законски предвидениот рок, а имињата на кандидатите партијата ќе ги објави во некој од наредните денови.

Кај ДУИ, лидерот на партијата Али Ахмети е носител во шестата изборна единица, во првата носител е Артан Груби, во втората Ејуп Халими, во третата Нафит Дурмиши, во четвртата Артан Спахиу, во петтата Агим Шаќири и во седмата Џевдет Спахиу.

Кандидатските листи само за пет изборни единици ги утврди и Либералната партија (ЛП). ДОМ синоќа ги избра кандидатите за пратеници и донесе одлука за настап со опозициската коалииција предводена од СДСМ. Кандидатите за пратеници ги објави и движењето БЕСА.

По истекувањето на утрешните рокови, ДИК има дополнителен рок од 48 часа да ги разгледа листите и потоа почнуваат да течат останатите рокови за прифатените кандидати за пратеници, кои ќе треба да достават докази за отворени жиро сметки за изборната кампања.

„Потоа доаѓа рокот за ждрепка на 19 ноември, а на 21 ноември е првиот ден кога започнува изборната кампања. Тука се и роковите што се однесуваат на Избирачкиот список по завршувањето на јавниот увид: во рок од пет дена ДИК го доставува Избирачкиот список до политичките партии на увид и тие потоа во рок од три дена ги доставуваат своите забелешки до ДИК“, вели портпаролот на Изборната комисија, Адмир Шабани.

Досега, за гласање се пријавиле над 16 илјади граѓани од дијаспората. Шабани вели дека заинтересираноста е солидна и оти очекуваат во последниве денови да има поголем интензитет на пријавување.

„Така што, ќе видиме каков ќе биде крајниот епилог откако ќе заврши рокот. По завршувањето на рокот ќе излеземе со конечни бројки во однос на гласањето на дијаспората и во однос на Избирачкиот список по јавниот увид“, вели Шабани.

Државната изборна комисија на 27 ноември треба да го потпише избирачкиот список. Изборната кампања ќе заврши на 9 декември на полноќ и потоа за нешто повќе од 24 часа почнуваат предвремените парламентарни избори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG