Достапни линкови

Празни ветувања и гладен народ


Архивска фотографија - Прослава на ВМРО -ДПМНЕ на победата на парламентарни избори 2014.
Архивска фотографија - Прослава на ВМРО -ДПМНЕ на победата на парламентарни избори 2014.

Партиите ветуваат, а потоа разочаруваат, бидејќи поголемиот дел од ветувањата не можат да ги исполнат. Граѓаните пак, очекуваат владата да даде, притоа не размислувајќи од каде. Над 50 насто стравуваат јавно да го кажат своето мислење.

Граѓаните очекуваат владата да им даде и не мислат многу дека прво треба од некого да земе. Предизборните ветувања несомнено играат улога во тоа за кого граѓаните ќе се одлучат да го дадат својот глас. Сепак, колку луѓе толку табиети. Некому му се битни субвенции, некому асфалтирање пат, некому ветувања за слободни медиуми и демократија.

Впрочем, и последната анкета на ИРИ од април годинава покажува поделеност на мислењата на граѓаните во однос на тоа дали им е поважна демократијата или економскиот просперитет. Истражувањето покажува дека на 45 проценти им е поважна економијата, додека на 47 поважни им се демократските вредности, а седум проценти одбиле да одговорат или не знаат што им е поважно.

Александар Цветкоски од АГТИС, повикувајќи се на резултати од нивниот проект „Фасадата држи, темелите тонат“, вели дека партиите првин им ветуваат на граѓаните, а потоа ги разочаруваат, оти поголемиот дел од работите што ги ветуваат не можат да ги исполнат, не само од гледна точка на пари, туку за нешто немаат ниту надлежност. АГТИС во рамки на проектот ја истражуваше довербата во институциите. Истражувањето покажало дека 27 отсто од анкетираните го поддржуваат „снајдувањето“.

„И по тоа ние гледаме дека тие доста паѓаат на прашањето за клиентелизам, било да се работи за земјоделски субвенции, социјална помош, некој друг вид помош и граѓаните во голема мерка очекуваат државата да дава. Е тука партиите се налепени и им ветуваат дека ќе им даваат. Граѓаните не размислуваат дека државата мора прво да земе од некого за да даде и тоа им дава на партиите едно широко поле за распределување на буџетот“, вели тој.

Цветкоски вели дека истражувањето покажало и дека околу 60 проценти од анкетираните ги сметаат владините проекти, односно начинот на нивно спроведување за клиентелизам, но на околу 30 отсто не им е грижа за тоа.

Претседател на СДСМЗоран Заев на гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014.
Претседател на СДСМЗоран Заев на гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014.

Во истражувањето, во однос на успешноста и потребата од владини проекти, генерално нема јасна согласност дали проектите на владата се успешни, додека за потребноста на тие проекти граѓаните сметаат дека се тоа потребни проекти, освен проектот Скопје 2014, за кој само 19 отсто го сметаат за потребен и 27 отсто за успешен, велат од АГТИС. Како најпотребни и најуспешни проекти испитаниците ги сметаат субвенциите за земјоделците, легализацијата на бесправно изградените објекти, проектот за простување долгови на неплаќачите, Македонија вработува, за кој луѓето сметаат дека е потребен, но не и дека е многу успешен.

Миша Поповиќ, истражувач од Институтот за демократија, вели дека ветувањата или програмите на политичките партии се важни и покрај клиентелизмот што постои во општеството.

„Во услови на таков клиентелизам тие остануваат битни иако постои потреба и од конкретни ветувања кои што се даваат за различни групи на луѓе, различни заедници, различни делови од државата. Меѓутоа, иако конкретните ветувања имаат некој ефект, програмите, како некоја поопшта слика на тоа што една власт би правела во иднина, исто така имаат влијание во едно клиентелистичко разбирање на гласањето, поради тоа што, покрај она што е видливо и очекувано од страна на некое конкретно ветување, исто така во клиентелистичка смисла луѓето сакаат и да се чувствуваат претставувани или лично или нивната заедница во некоја идна власт“, вели тој.

Сепак дел од истражувањата покажуваат дека има проблем и во утврдувањето на желбите и потребите на граѓаните зашто ним им е страв да се пожалат.

Во анкетата на МЦЕО објавена неодамна, на прашањето дали граѓаните слободно го искажуваат своето мислење, 43 проценти одговориле, со „да“, а 51,5 со „не“. А како причини за стравот наведуваат дека се плашат од последици по нив и нивното семејство( околу 79 отсто), помал дел го жртвуваат сопственото мислење за некои предобивки (околу 7 отсто), а има и такви кои мислат дека ако го искажуваат своето мислење нема да сменат ништо.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG