Достапни линкови

Локални кампањи за парламентарни избори


Илустрација
Илустрација

Асфалтирани улици, маалски паркчиња, фонтани и водоводи ќе бидат дел од позитивната изборна кампања уште пред нејзиниот официјален старт. Предизборниот маркетинг ќе падне на плеќите на локалната власт, политичарите ќе ги искористат сите расположливи ресурси за политичка кампања која реално ќе започне многу порано од предвидениот рок - 21 ноември, велат политичките аналитичари.

Сомнежот дека гевгелиската вода е „збогатена“ со арсен, градоначалникот Иван Франгов најави дека ќе го отстрани со изградба на нов водоводен систем. Оваа најава доаѓа на само еден ден по распишувањето на изборите, иако гевгелиските невладини организации со години бараат решение за проблемот со загадената вода, за која тврдат дека имаат потврда од меѓународни институции.

Пред две недели, Општина Битола го потпиша договорот со градежната компанија „Гранит“ за изградба на северна трибина на стадионот во вредност од 5,5 милиони евра. Битолските фудбалски фанови со години на натпреварите излегуваа со транспарент „Сакаме стадион“, а најавената целосна реконструкција на стадионот засега се сведе само на изградба на една трибина.

Град Скопје под полна пареа започна со реконструкција на главната улица во скопската населба Ѓорче Петров која води кон мостот за Сарај. Во голем дел од скопските населби во полн ек е и изградба на маалски плоштади и фонтани.

Политичките аналитичари велат дека најлесен начин за собирање гласови е кампања базирана на проекти од локалната власта, затоа што таму резултатите се најлесно видливи. Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека во Македонија нема јасна поделба на кампања за локални и парламентарни избори.

„На парламентарните избори се ветуваат работи кои имаат врска со локалната самоуправа, на локалните избори се повикуваат на успеси на централната власт. Не се прави дистинкција меѓу властите“, вели Муслиу.

Аналитичарот Митко Гаџовски вели дека ќе бидеме сведоци на предизборен маркетинг кој ќе се одвива по сите линии, а од тоа нема да бидат изземени ниту градоначалниците. Со оглед на тоа дека земјава е влезена во предизборна година, последната година од мандатите на градоначалници се во тек, па најголемите проекти ги реализираат сега за да им остават впечаток на потенцијалните гласачи дека си ја сработиле успешно задачата.

„Е сега тука се поставува прашањето, а тоа е дали истиот тој проект кој се прави во предизборна година, во која длабоко се навлезени градоначалниците, односно локалната власт, би требало да се направи сега, непосредно пред изборите или за тоа имале мандат од четири години каде што можеле да ги реализираат тие проекти“, вели тој.

Политиколозите се сложни дека во земјава е пракса предизборната кампања да падне на плеќите на локалната власт. Големата слика за проблемот е во тоа што Македонија е во константна кампања веќе 10 години, објаснува Муслиу.

„Кај нас разликата е во тоа што во предизборието, во законскиот термин за водење на кампања, малку се поинтензивни рекламите на телевизиите и евентуално плакатите низ градовите“, вели тој.

Пред само една недела, министри и градоначалници даваа отчет пред претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за тоа дали тие ги исполниле неговите ветувања кои во неодамнешниот поход низ Македонија ги даде на жителите на неколку општини.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG