Господине Жерновски, какви се очекувањата на вашата партија и на опозицијата од изборите на 11 декември?
Ние не би биле на политичката сцена ако не очекуваме да победи опозицијата. Не толку за да дојдеме на власт, туку затоа што овие што се на власт, после сето ова што се случи, заслужуваат да заминат, затоа што тоа е за доброто на Македонија. Значи, не за да дојдеме на власт по секоја цена, туку убеден сум дека мора да заминат Груевски и оние што се околу него.
Специјалното јавно обвинителство отвори најмалку два предмета поврзани со Општина Центар. Што според вас е најспорно и има основа за истрага во предметот Скопје 2014, дали се тоа неколку споменици, како што се споменуваше во медиумите или нешто друго, имајќи ги предвид ревизорските извештаи што ги правеше вашата партија?
СЈО е клучниот фактор на дејствување на политичките партии денес во Македонија. Од дејствијата на СЈО се гледа, еве и со последниот договор, кои се стратегиите од одлуките на политичките партии во Македонија. Длабоко сум уверен дека без разрешница, без завршување на процесите коишто СЈО го почнува, ние не може да имаме надминување на кризата во која се најде Република Македонија. Не може Македонија утре да има одговорни политичари, доколку овие што го направија криминалот не одговараат за тој сторен криминал. Мора докрај СЈО да ја истера работата и се разбира сето тоа да помине низ судските институции. Мене ми е многу драго што се отворени предмети за Центар, многу ми е драго што за првиот предмет, ако зборуваме за Скопје 2014, во голема мера со нашите ревизорски извештаи, коишто ги ветивме на изборите, придонесовме тој предмет во старт да оди многу брзо, затоа што таму ги напоменавме сите криминални дејствија, неправилности и груби повреди на законите, наместени тендери за тоа како, слободно може да кажам, се переа буџетските пари коишто се трошеа за Скопје 2014. Се разбира, ништо помалку интересен и за нас многу битен предмет е оној каде што вандализираше општината, каде што беа нарачани шамари за мене како градоначалник. Се знае тука кон кого оди обвинувањето, затоа што се знае кој го нарача овој вандализам и овие физички пресметки. За двата предмети ние реагиравме веднаш. За Скопје 2014 веднаш по извештаите го дадов предметот во Основното јавно обвинителство, а тие што молчат, тие се индиректни соучесници во прикривање на тој криминал. Драго ми е што конечно материјалите се во вистински раце и очекувам разрешница, односно тие што ги сторија овие криминали, не само во Центар, туку и генерално, да одговараат, вклучувајќи го и самиот Груевски.
Минатата година изјавивте дека ќе биде урната терасата на седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, затоа што била дивоградба. Зошто не ги остваривте заканите?
Таа е дивоградба, меѓутоа што се случи во меѓувреме. Нашата жалба до второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски беше одбиена. Ние се жалевме на одлуката дека Град Скопје е надлежен за тој сегмент од Општина Центар. Не може да биде Град Скопје, туку Општина Центар. Што направија? Тоа е онаа поврзаност, како што беше забележана и во извештајот на Прибе, меѓу партијата и државата. Се разбира, партиското влијание ја заврши својата работа и министерството нас нè одби, кажувајќи дека тој сегмент на Центар е под Град Скопје. Се разбира, тие што ме знаат мене и екипата што работи во Општината Центар знаат дека од ова нема да се откажеме затоа што е дивоградба.
Господине Жерновски, зошто не одите со велосипед на работа?
Не е точно, неколку пати сум бил со велосипед на работа, но точно е, не онолку колку што би требало да одам. Треба да се стигне насекаде, првите години верувајте и од безбедносен аспект, додека не беа „бомбите“ заканите беа постојани, сега се нешто помали, но да, ја прифаќам критиката во прашањето и треба да ги ползуваме велосипедите, особено што ние учествуваме со една убава акција на субвенции за велосипеди, речиси четири илјади велосипеди ќе бидат до крајот на мандатот и се согласувам дека треба да се даде пример.
Целото интервју со градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.