Пет пати изборите се спомнати во договорот од Пржино потпишан лани на втори јуни и седум пати во краткиот документ именуван како протокол кон договорот потпишан на 15 јули. По две одложувања на изборите поради неисполнети обврски, за помалку од еден месец, односно на 11 декември, тие ќе се одржат, но според аналитичарите, суштински промени за подобрување на изборниот процес не се постигнати.
Со договорот од Пржино се направија некои измени во Изборниот законик, се смени составот на Државната изборна комисија, се врати кривичната одговорност за влијание врз изборите. Oвие се формални промени кои не мора да имаат влијание врз изборниот процес, оценуваат упатените.
„Пржинскиот договор западна во замката на очекувањата дека со формални чекори ќе дојдеме до некаква имплементација. Тоа очигледно не функционира во Македонија“, вели истражувачот во Институтот за демократија Миша Поповиќ.
Тој сугерира дека недостаток на Пржинскиот договор е што во него не се предвидени мерки на одговорност за функционирите во извршната, законодавната и судската власт кои не ги спроведуваат договорените работи кои произлегоа од пржинските договори.
Меѓу нив контроверзно остана и прочистувањето на избирачкиот список, па и покрај процесот што го спроведе Државната изборна комисија, се уште нема целосна доверба во него. Функционирањето во министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски, каде што првите луѓе се од СДСМ и во министерствата за финансии, земјоделство и јавна администрација каде што има заменици-министри се под постојан „напон“ поттикнат од партиски препукувања. Идејата на тој систем беше да овозможи контрола и баланс на моќта пред изборите и одвојување на партијата од државата, но аналитичарите не се убедени дека и тоа е постигнато.
Сепак мали промени се забележуваат кај медиумите и покрај скептичноста на медиумска заедница дека привременото тело за набљудување составено од пет членови, од кои четири по предлог на партии, може да донесе значителни резултати. Сега има разлика во известувањето, но не и медиумска слобода вели Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика.
„Се зборува за некаква избалансираност, меѓутоа не се зборува за тоа каков е квалитетот. Една работа е квантитавното, колку минути има за кого, но битен е квалитетот, тонот во прилогот. Значи професионалноста не е сменета, а дотолку повеќе што привременето тело ги мониторира само електронските медиуми, а не и порталите и печатените“, вели Адамчевски.
Поповиќ, пак, нагласува дека покрај малата промена кај медиумите, најголемиот успех на Договорот од Пржино всушност е формирањето на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи како што вели почнал да се урива митот за неказнивост. Но, тука некаде и завршува успешната страна на тој договор, додава тој.