Уставниот суд може повторно да стане клучен фактор во политичката криза. Покрај за иницијативата за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, кое зависно од одлуката може да предизвика сериозни политички потреси, пред Уставниот суд би можела да се најде и шестата изборна единица.
Тоа и не би било невозможно сценарио, ако се земе предвид дека ДУИ уште во мај, кога ДИК пред изборите, тогаш договорни на петти јуни, испрати допис до Собранието за изборните единици, најави таква иницијатива.
И сега од партијата на Али Ахмети тврдат дека се доведува во прашање легитимитетот на изборите по основ на законитоста која што е определена со Закон и Устав.
Лидерот на ДПА Мендух Тачи во минатата недела ги оспори изборните единици, велејќи дека власта манипулативно ќе ги балансирала, а прашањето го отвори и членот на ДИК Бедредин Ибраими.
„Контролата што ја имаат владејачките партии на Уставниот суд, а тоа е апсолутна контрола, може да стане фактор кој ќе оневозможи изборите да се одржат на 11 декември, или пак, се одржат и бидат со неповолен резултат за владејачките партии да бидат поништени“, вели аналитичарот Џељаљ Незири.
Професор Темелко Ристески посочува дека со нерешеното прашање за балансираноста на изборните единици се повредува изборниот законик.
„Мора таа неправилност да се отстрани и може да интервенира Уставниот суд и ако се поднесе иницијатива да се постигне усогласеност со тоа што го предвидува Изборниот законик“, вели Ристески.
Државната изборна комисија во мај до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски испрати допис во кој наведе дека во изборните единици 3, 4 и 6 има нерамномерен број на гласачи и побара измени во Изборниот законик. Пет месеци подоцна Собранието се распушти без да ги донесе измените.
Но, проблемот со изборните единици не од сега. Уште во 2011 година партијата Нова демократија на Имер Селмани поведе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на некои членови од Изборниот законик, наведувајќи дека со постојните граници на изборните единици, особено во изборната единица број шест, уделот на гласањето не е исто како и во другите изборни единици.
Уставниот суд, пак, предизвика сериозни потреси на политичката сцена откако пролетва одлучи да ги укине законските измени на Законот за помилување од 2009 година и со тоа му ги врати на претседателот ингеренциите со кои може да помилува затвореници осудени за изборен криминал, кривични дела против полова слобода и морал и недозволено производство и пуштање во промет наркотични средства. Судија известител за таа иницијатива беше Никола Ивановски, кој е избран за нов претседател на Уставниот суд.