Достапни линкови

Хан: Изборите мора да бидат добро спроведени


Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија, 14.10.2016
Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија, 14.10.2016

Еврокомесарот Јоханес Хан ги охрабрил политичките лидери во Македонија да им ја дадат поддршката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим да си ја работат својата работа професионално, непристрасно и непречено.

Изборите се важна пресвртница за враќање на вашата земја кон евроатланскиот пат, но подеднакво важно е да се работи на реформските приоритети од извештајот на Прибе и спроведување на договореното во Пржино, рече еврокомесарот Јоханес Хан, по завршувањето на средбите со политичките лидери, специјалната јавна обвинителка и невладиниот сектор.

„Не е доволно да сте само посветени на реформите. Сакаме да видиме една мапа на активности со јасни временски рокови, конкретни рокови, за да се продолжи со реформите и да нема можност за никакви оправдувања за неспроведувањето на потребните реформи“, рече Хан.

Тој додаде дека особено е важно изборите да бидат добро подготвени и исто така спроведени така што никој нема да може да ги критикува потоа. Подвлече дека има постигнато напредок од неговата последна посета тука, особено во делот на медиумите кои покажале неутралност во изминатиот период, како и во работата на Државната изборна комисија. Сепак очекува напредок и договор во однос на редефинирање на изборните единици, во контекст на шестата изборна единица.

Хан ги охрабрил сите свои соговорници да им ја дадат поддршката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим да си ја работат својата работа професионално, непристрасно и непречено. Не даде конкретен одговор за тоа дали во разговорите била спомената опцијата за формирање на специјално одделение во судот каде ќе се процесуираат предметите на СЈО.

Има различни идеи и предлози, дебати во однос на различните интереси. Важно е да се гарантира дека секој дел од судството, а особено СЈО може да работи непристрасно и професионално. Многу е важно специјалната обвинителка да може да ги употреби сите свои можности и да се види исходот од нејзината работа, но исто така и да не се злоупотреби тоа. Тоа е особен предизвик е за неа и нејзиниот тим, рече Хан.

Еврокомесарот нагласи дека е особено важно во донесувањето на одлуките да биде вклучена опозицијата, нешто што, како што рече, недостигало во земјава. Важна е рече политичката дебата, но и исто така и учеството и гласот на младите на изборите.

Партиите со став - Исполнети услови за избори во декември

Од ВМРО-ДПМНЕ по средбата со Хан соопштија дека соговорниците констатирале дека се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 11- ти декември.

„Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ принципиелно се придржува и го дава својот придонес во исполнување на политичкиот договор постигнат меѓу партиите“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ, пак, соопштија дека претседателот на партијата Зоран Заев и Хан изразиле заедничка согласност дека е неопходно сите политички партии и институции, вклучувајќи го и Собранието да ја испочитуваат обврската за слободни фер и регуларни избори на 11 декември.

„На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија при што е нагласена потребата од реализација на сите договорени услови за организирање и спроведување на договорените предвремени парламентарни избори, овозможување функционирање на правдата, како и за важните реформски процеси за демократизација на Македонија“, пишува во соопштението на СДСМ.

Ставот на ДПА е дека дел од условите за изборите се исполнети. Но, дека кога ќе се објават официјалните резултати, ако има еден факт што потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги повториле работите од минатите избори, тие ќе ги прогласат за невалидни.

Лидерот на ДУИ пак, Али Ахмети изјави дека му пренел на Хан, оти за да се усвојат законите за СЈО требало нов договор, а немало време.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека со Хан разговарала за продолжување на мандатот на СЈО, за неговата досегашната работа и за проблемите со кои се соочувале.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG