Достапни линкови

Хан ќе прогласи фајронт на „собраниската игранка“?


Еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје ќе врши притисок за одржување на изборите на 11 декември и за усвојување на измените на законите што ги бара СЈО, оценуваат аналитичарите. Според нив, со последниот маневар во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ се обидела да купи време.

„Игранка“ во Собранието со буџетот и со распуштањето, меѓупартиски обвинувања кој не сакал избори и неусвоените закони поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство го дочекуваат еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје.

Средбите со лидерите на партиите потписнички на Договорот од Пржино ќе се случуваат претпладне и според денешните најави би требало да завршат до 15 часот. На неговата агенда, според некои информации, се и средби со специјалната јавна обвинителка и со претставници на граѓанското општество.

Со вчерашните условувања на ВМРО-ДПМНЕ распуштањето на собранието да се случи по носењето на буџетот за 2017 година и ставањето на тие точки на седница в понеделник, владејачката партија се обиде да заземе позиции пред доаѓањето на европскиот политичар, оценува аналитичарот Алајдин Демири.

„Постојано ВМРО-ДПМНЕ ја игра таа игра, играта на купување време, создавање нова криза и правење нов проблем“, вели Демири.

Хан на средбите ќе инсистира изборите да не се одложуваат, односно да се постигне согласност дека има минимум услови тие да се одржат, оценува Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

„Нему му е битно да има некаква ситуација што ќе може да ја прикаже како напредок или придонес на Европската комисија во однос на разрешување на кризата во Македонија пред годинашниот извештај за напредокот што ќе се објави во ноември“, вели Ристевска Јорданова.

Според Демири пак, приоритет на еврокомесарот ќе бидат работите поврзани со Специјалното јавно обвинителство.

„Посетата на комесарот Хан сметам дека пред се е обид да се направи притисок врз парламентот да се изгласаат законите што ги бара СЈО и да се овозможи негова непречена работа“, вели Демири.

Вчера пратеничката група на СДСМ поднесе барање за итно распуштање на Собранието, тврдејќи дека со тоа ќе се гарантираат изборите на 11 декември кои како што велат власта сакала да ги избегне. Минатата недела, пак, опозициската партија ги поднесе измените за продолжување на рокот за поведување постапка на СЈО и за заштитени сведоци, но мнозинството не ги изгласа. Амбасадата на Соединетите Американски Држави веднаш реагираше, наведувајќи дека ги охрабруваат сите партии да се придржуваат кон обврските преземени со договорите од Пржино и од 20 јули за да осигураат веродостојни избори и непречена работа на Специјалното обвинителство. Слична порака испрати и претставникот на другиот гарант на Договорот од Пржино, евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој потсети дека политичките партии во многу наврати се имале обврзано да дадат поддршка на СЈО.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG