Достапни линкови

Хан доаѓа да оневозможи пролонгирање на изборите


Хан со своите домаќини ќе разговара за состојбите во земјата, особено на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети, велат од ЕУ.

Одлуката на владеачката коалиција да не го подржи законот за заштитените сведоци и да обие продолжување на мандатот на СЈО е дел од политичката атмосфера која треба да го пречека евро комесарот Јоханес Хан кој во Македонија доаѓа идниот петок.

Неговата посета на два дена по предвиденото распуштање на парламентот ја потврди и портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич. Таа за Македонската информативна Агенција (МИА) изјави дека Хан ќе се состане со претставниците на четирите најголеми политички партии во земјата, со специјалниот обвинител и со претставници на граѓанското општество, а обемот на мисијата ќе биде дискусии за состојбите во земјата, особено на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети.

Експертите коментираат дека притисокот врз СЈО и одолговлекувањето на реформите со цел да се пролонгираат изборите повторно го запалил црвениот аларм кај меѓународната заедница од каде порачуваат дека СЈО е клучната работа која произлегува од Пржинскиот договор.

Универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кој беше претседателски кандидат на СДСМ, изјави дека Хан доаѓа да оневозможи пролонгирање на изборите договорени на крајот на август на последната лидерска средба кога партиите потпишаа дека услови за избори на тој датум постојат.

„Хан доаѓа во насока на зацврстување на терминот од 11 декември за избори, затоа што владејачката коалиција почнува со нивните тековни опструкции на целиот тој процес кој е договорен и се јавуваат први знаци од нивна страна дека можеби не се задоволни од 11 декември и дека можеби сакаат да ги спојат со локалните избори“, вели Пендаровски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју деновиве ја искажа својата загриженост, според информациите кои ги има, дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги одложи изборите на пролет.

Во однос на одлагањето на изборите и закажување на некој друг термин, професор Никола Дујовски вели дека тоа не може да биде еднострано и за тоа треба да се согласат сите партии. Според него односот на власта кон СЈО и сите прашања кои ќе водат кон организирање избори е дискутабилен и затоа е подобро што побргу да се подготви теренот за избори за да се одржаат на 11 декемри и да се стави крај на долготрајната македонска политичка криза. Тој оцени дека корисно е Хан да ја посети земјата и да се увери колку сме напреднале.

„Ценам дека одлагање на изборите од 11 декември е многу тешко прашање и нема да се случи, особено затоа што земјата е предолго во криза, а решението е на повидок. Посетата на Хан е добредојдена и ценам дека Македонија ќе има само корист од тоа. Веројатно се случува нешто што во Европа повторно се пали црвеното свето и мора повторно да се прават посети, да се сугираат одредени решенија за Македонија да продолжи по овој, ајде да речам, неколкумесечен помирен период“, вели Дујовски.

Според Пендаровски политичката ситуација ќе биде сè потензична до 11 декември поради намерата на власта да ја опструира работата на СЈО. Тој очекува дека и датумите што се закажани за судење по првите обвиненија на СЈО ќе бидат опструирани.

„Се сомневам дека воопшто ќе почнат на закажните термини на 21 ноември. Ќе се прави сè ниту една активност да не продолжи понатаму во следните фази барем до изборите на 11 декември“, изјави Пенадровски.

Претходно амбасадорот нa ЕУ во Mакедонија Самуел Жбогар порача дека СЈО е клучнатa работа која произлегува од Пржинскиот договор. Од владејачките партии истакна дека за нов мандат на СЈО треба да се договорат на маса четирите партии. Лидерот на СДСМ, Заев, изјави оти не се плаши дека Уставниот суд би можел да го укине Специјалното јавно обвинителство, бидејќи верува оти народот нема да го дозволи тоа.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG