Достапни линкови

Парламентот нема да се распушти на 12-ти октомври


И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ велат дека Собранието нема да се распушти на 12 октомври поради недонесувањето на предлог буџетот за 2017 година. Според собраниските служби, за да се распушти законодавниот дом потребно е да поднесат иницијатива партиите или некој од пратениците.

Собранието нема да се распушти на 12 октомври, односно 60 дена пред предвремените парламентарни избори, велат партиите и од власта и од опозицијата. Причината за одлагањето на распуштањето на Собранието и според ВМРО-ДПМНЕ и според СДСМ е поради неусвојувањето на предлог буџетот за 2017 година.

Во Собранието веќе е закажана и седница на 13 октомври в четврток при што на дневен ред се ставени низа предлог закони. Од собраниските служби велат дека за да дојде на дневен ред распуштањето на Собранието потребно е политичките партии застапени во законодавниот дом или некој од пратениците да поднесат иницијатива. Во спротивно Собранието ќе работи се додека тоа не се случи.

Согласно законот, Собранието треба најрано да се распушти на 12 октомври односно 60 дена пред избори или најдоцна до 27 октомври, 45 дена до изборите за тие да се одржат на закажаниот датум 11 декември. Со тоа се дава можност и Собранието евентуално да расправа и за измените за законот за СЈО и за заштитени сведоци, кои пратениците не прифатија да бидат донесени по скратена постапка. Во посета на земјава в петок доаѓа и еврокомесарот Јоханес Хан.

Професор Никола Дујовски вели дека не очекува предлог буџетот да биде пречка врз распуштањето на Собранието, бидејќи уставните рокови течат. Според него, меѓународната заедница ќе ја одигра вистинската улога и ќе се осигура дека на 45 дена пред изборите ќе се распушти Парламентот.

„Доколку Собранието се распушти и на 45 ден пред 11 декември нема ништо да смени од формален аспект, напротив може и некои работи да се завршат. Еве ако ништо повеќе се остава и малку повеќе простор на меѓународната заедница да влијаат за навистина да се случат изборите на 11 декември, а притоа теренот за тоа да биде уште повеќе подготвен. Не очекувам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сили да ги донесе законите кои ги бара СЈО, туку веројатно ќе се релативизира и релаксира атмосферата можеби и со донесувањето на буџетот и со некои други законски акти“, вели Дујовски.

Тој додава дека изборите ќе се случат на 11 декември, иако има различни видувања по тоа прашање.

„Мислам дека Македонија е премногу долго на овој пат и време е да се стави крај на сево ова. Тоа што е договорено е многу силно договорено. Секакви други договарања, барем еден од четворицата лидери нема да прифати, а тоа ќе значи донесување на еднострани одлуки или одлуки кои нема да добијат поддршка кај населението, што може да се одрази негативно и да ги извади граѓаните на улица што е најнепосакуваното во овој период за Македонија“.

Хан е предвидено да се состане со претставниците на четирите најголеми политички партии во земјата, со специјалната обвинителка Катица Јанева и со претставници на граѓанското општество, а во фокусот на разговорите ќе бидат состојбите во земјата, со акцент на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG