Анкетните комисии за прислушувањето, за фалсификуваните лични карти, надзорна расправа за поплавите, комисиската расправа за извештајот на СЈО со денови беа театар за јавноста, власта и опозицијата се препукуваа, сите очи беа насочени кон тоа, но по неколку денови интересот спласна, а важните прашања останаа неодговорени, виновници не се најдоа, изостанаа решенија.
Привремените комисии, но и постоечките за време на кои се дискутира за важни теми не се делотворни, расправата најчесто наместо за суштинските проблеми, оди во друг правец, а аналитичарите проблемот во лоцираат во киднапираните институции.
Ако не сакате работата да се заврши, тогаш формирајте комисија е едно правило кое во Македонија се почитува подолг временски период, вели аналитичарот Митко Гаџовски, според кого формирањето анкетни комисии за разрешување на клучни теми, повеќе не е ни потребно.
„Тоа е затоа што Собранието на Република Македонија во овој момент е гласачка машина која исполнува она што му е посочено од страна на владејачката партија и сметам дека заради тоа ние немаме ефикасност и ефективност и разумност при носењето на одредени одлуки кои се клучни.“
Гаџовски вели дека во следниот парламентарен состав опозицијата треба да биде погласна, оти таа е коректив на власта,при формирањето на комисии за важни прашања треба поголем простор да им се отстапи и на експертите. Тој додава дека модели има многу со кои би се дошло до функционални собраниски тела, но сега, како што вели, важно е да има фер и демократски избори.
„Избори на кои ќе се изберат легитимни претставници во Собранието и со тоа мислам дека ќе биде многу полесно да се разрешат или да се тргнат овие аномалии кои што се јавуваат подолг временски период.“
Професор Мерсел Биљали, кој е и поранешен пратеник, вели дека сè додека оваа структура е на власт, Парламентот нема да функционира.
„Не е проблем кај Собранието, Собранието е само температурата од болеста, вистинската болест е кај челниците на политичките партии кои ги имаат киднапирано партиите, потоа и институциите и со тоа државата во целина“, вели Биљали.
Тој додава дека работите треба поинаку да бидат поставени и владата треба, како што вели да се тресе од Парламентот, а не спротивно.
„А не обратно Парламентот да се плаши од Владата и да се претвори директно во гласачка машинерија која гласа по волјата на поединци од политичките партиите кои ги имаат киднапирано партиите. Ние мора да се сложиме дека има една многу лоша и сложена ситуација која треба организирано граѓанството, медиумите, меѓународниот фактор за да се ослободиме од ваквиот тумор што го имаме“, вели Биљали.
Aнкетната комисија за прислушувањето, формирана според Договорот од Пржино, ја одбележаа меѓусебни навредувања, паузи и неможност за нормално функционирање, по штоВМРО-ДПМНЕ предложи уште една, нова комисија за скандалот поврзан со т.н. Фабрика за афери. На надзорната расправа за поплавите, која се одржа неодамна, пратениците си разменуваа навреди, недолично се однесуваа, а пратеничката Владанка Авировиќ на својата колешка Софија Куновска и дофрлаше „Ќути, Шарка“. Последното пак „шоу“ во Собранието се одвиваше на комисиската расправа за извештајот за работата на СЈО. Обвинителката Катица Јанева, обвини дека пратениците и вршат мобинг и ја напушти седницата.