Достапни линкови

Зошто е забранет пренос во живо од Собрание?


Собранието мора да работи потранспарентно и да овозможи расправата за битните прашања да биде јавна и да стигне до што е можно повеќе граѓани, апелираат аналитичарите. Законот не забранува пренесување на собраниска расправа во живо.

Наредбата на собраниските служби за забрана на два медиума да пренесуваат во живо комисиска седница, не може да се толкува поинаку освен како обид да се ограничи можноста на граѓаните изворно да ја следат пратеничката расправа за битно прашање, вели Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми. Таа смета дека Собранието мора да работи потранспарентно, затоа што тоа е претставнички дом на граѓаните и треба во секое време да им овозможи на медиумите да известуваат за неговата работа, и тоа во форма која што е најсоодветна за публиката и технолошката платформа која ја користат.

„Инаку во демократскиот свет, парламентите мака мачат да обезбедат медиумска покриеност и медиумско внимание за својата работа, со тоа граѓаните да можат да ја следат работата на пратениците, бидејќи граѓаните ги избрале да ги претставуваат во највисокиот законодавен дом. Очигледно нашето Собрание доколку толкува дека нема законска основа да им овозможи на интернет медиумите да ги пренесуваат седниците во живо, тогаш под итно треба да иницираат измена на законите кои што ќе овозможат тоа да не биде повеќе проблем во нивното толкување“, вели Петковска.

Претставникот на собраниските служби Тодор Пендаров вчера додека Радио Слободна Европа ја пренесуваше во живо на интернет комисиската расправа, побара да престанеме со пренесувањето во живо затоа што го прекршуваме законот за собрание и Деловникот. Но во деловникот на Собранието е наведено дека во согласност со прописите за внатрешниот ред на Собранието, претставниците на медиумите може да присуствуваат на седници на Парламентот и на седници на работните тела заради известување на јавноста.

Во правилникот од 2011 година потпишан од претседателот Трајко Вељаноски, до кој дојдовме, не е наведено како, туку само дека работата на седниците и на работните тела може да ја следат претставници на медиуми. Единствен член, поврзан со медиумите, се наоѓа во Законот за Собрание. Во него се наведува дека за одржувањето на надзорната расправа јавноста се информира преку веб страницата на Собранието и Собранискиот канал.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека зачудува фактот што не е дозволено на одредени медиуми да пренесуваат во живо собраниска седница, особено кога таа е од особен интерес на јавноста.

„За оние случаи кога тие треба да исклучуваат одредени медиуми за пренесување дирекно, тоа треба да биде наведено во законот, ако таква изрична одредба, јасна одредба не е наведена, не е прецизирана, не е нормирана, сметам дека на ваков начин самите тие го повредуваат и деловникот и Законот за работа на Собранието,“ објаснува Кадриу.

Долгодишниниот пратеник Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, вели дека според Уставот, деловникот за работа и Законот за Собрание, сите седници се отворени за јавноста, освен кога станува збор за расправи кои се поврзани со доверливи безбедносни информации. Но апсолутно право на избор е на медиумот во каква форма ќе известува за пратеничките расправи.

„Мислам дека за тоа треба да се отвори расправа во Парламентот, да се побара одговорност кој си дозволил во име на сите 123 пратеници, да ги затвора седниците да не може ги следат во живо граѓаните, односно да не можат медиумите во живо да пренесуваат.“

Тој додава дека медиумите треба да ги имаат сите можности и слободи да пренесуваат според платформата на која известуваат. Трајанов смета дека со оваа одлука пратениците од владејачкото мнозинство не сакаат да граѓаните изворно да бидат информирани за работата на Специјалното јавно обвинителство и од можните дискусии поврзани со тоа.

„Се работи практично за обид за медиумска блокада или пак најбитно провладините медиуми по работата на тие седници да извлекуваат работи кои не се одраз на суштинската расправа и на таков начин да ја девалвираат работата на Специјалното јавно обвинителство.“

Вчера собраниските служби им забранија на новинарите од Радио Слободна Европа и на порталот НОВА ТВ да ја пренесуваат во живо на интернет собраниската комисија на која се разгледува извештајот за работата на Катица Јанева и Марко Зврлевски.

Инаку пред една недела порталот НОВАТВ во Собранието ја снимаше и ја емитуваше во живо на својата веб страница надзорната расправа за поплавите каде што се дискутираше за одговорност на поединци во институции.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG