Достапни линкови

Извештајот на СЈО - топ тема во весниците


Извештајот за работата на СЈО и појавувањето во Собрание на обвинителката Катица Јанева се топ тема во печатените медиуми. Тие пишуваат и за двојазичноста, а поплавените изгледа излегоа од фокусот на интересирање.

Топ -тема во печатените медиуми е комисиската расправа во Собранието по вториот шестмесечен извештај на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за работата на СЈО. И вообичаено, на што, се чини, веќе одамна се научи јавноста, весниците, секој според уредувачката политика која инклинира кон владејачката партија или се обидуваат да бидат политички коректни, коментираат или информираат за тоа.

Нова Македонија цитира дел од изјавата на Јанева дека „СЈО нема увид во случајот Монструм‟ и дека останува на својата поранешна изјава за нелигитимноста на Парламентот, затоа што во прислушуваните разговори се утврдиле основи за кривични дела за изборите.

„Многу прашања до Јанева, следува Зврлевски‟ - е насловот во Утрински кој додава дека почетокот на седницата го одбележале серија процедурални забелешки на координаторите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на редоследот на пратениците пријавени за збор, како и на одлуката на Јанева да не одговара на секоја реплика поединечно.

Во електронското издание на Вечер има десетина наслови за Јанева: „Специјалната јавна обвинителка се појави пред пратениците и наместо да го презентира сработеното си направи селфи‟, „Шилегов и Мисовски со шепкање и инструкции до Јанева‟... и таканатаму. Вечер објавува и видео со наслов: „Катица Јанева пие апчиња во Собрание‟.

Дневник во наслов ја објавува нејзината изјава дека „Парламентот е нелигитимен‟, а Слободен печат оди со ваков наслов: „Не се плашам, ја имам поддршката од Груевски!‟

Утрински објавува и напис со следниов наслов: „Двојазичноста ги разгоре етничките страсти – политичката пропаганда во која деновиве интензивно се користи етничката основа, според политичките посматрачи, јасно ги исцртува контурите на претстојната предизборна кампања, во која повторно манипулативно ќе царува патриотизмот и националистичката реторика‟.

Ова наспроти текстовите во Вечер кој го обвинува СДСМ што поканата за една своја прес-конференција покрај другите и до албанските медиуми, ја испратил на албански јазик. А Сободен печат обелоденува: „Партиските штабови веќе прават списоци и ветуваат вработувања – власта почна да купува гласови за изборите на 11 декември‟.

Поплавените како да излегоа од фокусот на интересирањето на јавноста, но Утрински објави дека „Поплавените обвинуваат за нефер игри при делењето помош – разни измами и злоупотреби во Стајковци, некои сѐ уште не зеле ниту денар‟.

А на Министерството за одбрана му се потребни и сценографи; според информацијата на Утрински, министерот Јолевски распишал оглас за советник за уметнички настани и продукција за плата од 35.000 до 50.000 денари! Во изјавата за Утрински, Јолевски вели дека огласот е распишан со цел да се надополни досегашниот недостиг од стручен кадар за организација на уметнички настани и продукција во Министерството за одбрана и во Армијата на РМ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG