Достапни линкови

Солиден Избирачки список за кредибилни избори


Добри мерки беа преземени со цел да се осигура дека избирачкиот список е кредибилен, вели во интервју за Радио Слободна Европа, амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалајнен. Според експерти, Избирачкиот список е солиден, иако не се согласуваат со методологијата на неговото прочистување.

Верувам дека е направен важен напор од страна на ДИК, МВР и експертите во прочистувањето на Избирачкиот список и секако политичките партии го адресираа ова во договорот, вели во интервју за Радио Слободна Европа, кое целосно ќе го емитуваме в недела, амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалајнен.

Според неа, добри мерки биле преземени со цел да се осигури дека избирачкиот список е кредибилен. Секако избирачкиот список секогаш треба да ја рефлектира актуелната ситуација, не ситуацијата од пред 10 или 5 години, туку кога луѓето навистина живеат. Во многу земји тоа се прави автоматски, додава Суомалајнен.

„Секоја година да речеме на 1 јануари, кој живее таму гласа во таа изборна единица. Така што, на истиот начин како изборните единици, така и избирачкиот список треба да подлежи на автоматски периодични проверки. Сега беа преземени некои мерки во однос на овие речиси 40 илјади луѓе. Некои од нив повторно се регистрираа, а за останатите се уште ќе има шанса да се регистрираат пред изборите. Што се однесува до оние 170 илјади на дополнителната листа, за индивидуите за кои се верува дека најверојатно се во странство, се постигна согласност да има дополнителен мониторинг на изборите. Мислам дека е направен добар напредок во вистинската насока, вели Суомалајнен.

Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, вели дека методологијата која ја избрала ДИК за прочистување на Избирачкиот список не е соодветна, но прашањето треба да се постави токму кон институцијата надлежна за тоа. Списокот, според него сепак е прифатен од сите политички партии и тоа гарантира дека нема да се злоупотребува.

„Сите политички партии предложија методологија за прочистување на Избирачкиот список, а ДИК ја прифати безусловна таа методолгија. Сега само таа може да каже во каква состојба е Избирачкиот список. Никој од нас од страна не може точно да каже во каква состојба е Избирачкиот список. Но, мислам дека во моментов е солиден за да има избори. Но, ќе се појави проблем, според моите сознанија, на лица кои ќе отидат на избирачко место и не ќе се најдат на Избирачкиот список. Ќе мора тие да се проверат теренски. Тоа е мојот став“, смета Новаковски.

Во однос на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите, Суомалајнен истакнува дека планираат да дојдат во редовна набљудувачка мисија. Вообичаено, според неа има 200-300 краткорочни набљудувачи и околу 20-30 долгорочни набљудувачи. Тие доаѓаат во земјава 6-8 недели пред изборите. Тоа, како што потенцира Суомалајнен, е доволно и за овие избори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG