Достапни линкови

ДИК прави (не)намерен хаос со избирачкиот список


Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија
Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Новиот список на спорни гласачи кој брои 39.502 луѓе, предизвика многу реакции во јавноста зашто во него се впишани и бројни јавни личности кои тврдат дека 20-тина години гласаат на исто избирачко место.

Какафонија се прави со избирачкиот список, вели долгогодишниот новинар и уредник Ерол Ризаов, кој повторно се најде на списокот со таканаречени фантомски гласачи. Тој, како и многумина други јавни личности, тврди дека веќе еднаш се обиделе да ја решат административната грешка со која се ставени на список со спорен гласачки статус, но очигледно дека тоа не е направено.

Новиот список на спорни гласачи кој брои 39.502 луѓе, предизвика многу реакции во јавноста затоа што во него се впишани и бројни јавни личности кои тврдат дека 20-тина години гласаат на исто избирачко место. Ризаов објаснува дека пред неколку месеци бил посетен од претставници на Државната изборна комисија, кои откриле дека на неговата адреса биле заведени и луѓе кои што не живеат таму и дека очекувал по таа проверка грешката да биде исправена.

„Ме имаше на сите списоци, и по матичен број и адреса и по сè и наеднаш се најдов и јас и син ми на тој список. И син ми случајно или не, е новинар. Мислам не се спорни луѓето, спорен е ДИК. Иако знаеја, иако им беше укажано, ме има на другите листи каде што се гласа редовно, се наоѓам на некој фантомски список и тоа, сосе луѓето фантоми кои се во мојот стан, ми дава за право да мислам дека ништо не е во ред со тие избирачки списоци и дека зад ова се крие една голема ујдурма и дека ништо не е во ред“, вели Ризаов.

Тој додава дека повторно ќе поднесе приговор до Државната изборна комисија иако смета дека треба да бојкотира, но не сака да му нанесе штета на избирачкиот процес. Причината за ваквата грешка ја бара во Комисијата.

„Штом вакви работи се случуваат при веќе пратена екипа од ДИК, да дојдат да ве посетат за да видат што е, како е и повторно да се најдете на такви списоци, значи апсолутна грешка на ДИК. Не верувам дека е ненамерна грешка, затоа што знаете веќе, тоа се прави намерно, тоа е под диктат на владејачките партии. Јас тоа така го разбирам“, додава Ризаов.

И поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов се најде на списокот со фантомски гласачи. Трајанов вели дека повторно испратил копија од лична карта по електронска пошта до ДИК за да ја реши административната грешка. Тој смета дека не е можно да биде евидентиран проблематичен гласач, затоа што со години гласал на исто избирачко место, а неговото име и презиме фигурира во сите бази од каде што се вршеле вкрстените проверки. Тој се сомнева дека оваа постапка служи за дефокусирање на јавноста од вистинскиот проблем со избирачкиот список за кој нема политичка волја да се реши.

„Примерите што ги има, ако не се намерно уфрлувани заради алиби, за да речат, еве има познати луѓе, новинари, политичари и познати личности од други сфери, еве и тие се проблематизирани, што би значело дека системот прави грешки, а не дека има скриени гласачи, тоа е грешка на системот“, објаснува Трајанов.

Списокот што вчера го објави Државната изборна комисија е непрегледен, имињата во него не се сортирани ниту по азбучен ред, ниту пак по општина. Голем дел од имињата во новиот список се истите кои беа објавени на веб страницата на ДИК уште на 29 март годинава, а за кои беше утврдено дека нивното гласачко право е неспорно.

Како спорни гласачи во списокот може да се најдат и имињата на синот и сопругата на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, Сввапна и Сушанто Рој, кои од неодамна се македонски државјани.

Сепак, на списокот има и голем број личности од јавниот живот, како на пример уставната судијка Гзиме Старова, професор Мирјана Најчевска и нејзиниот сопруг, претседател на дипломатскиот синдикат Сашко Тодоровски, поранешниот потпретседател на СДСМ Гордан Георгиев, како и неколку новинари.

Од ДИК велат дека овој список е резултат на договорот меѓу четирите партии, а произлегува од спроведените вкрстени и теренски проверки, односно луѓе за кои комисијата тврди дека не ги нашла на адресата на која се заведени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG