Договорот на партиите од 20 јули не ги решава проблемите во медиумската сфера, сметаат упатените во оваа област. Новиот уредник на јавниот сервис на предлог на опозицијата, кој ќе стапи на функција сто дена пред изборите, како и формирањето на ад хок тело за мониторинг на медиумското известување остануваат најспорните договорени решенија. Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите смета дека јавниот сервис ќе остане партизиран, а врските меѓу приватните медиуми и власта ќе останат нераскинливи.
„Какво е тоа ад хок тело? Партиите имале некаква политичка волја да формираат ад хок тело. А, што е политичка волја? Зад политичка волја се крие неработењето на институциите, Агенцијата за аудиовизуелни медиуми не работи како што треба, а згора на сè, на телевизијата ќе стават партиски човек. Па, ние се бориме јавниот сервис да биде автономен, независен“, вели Адамчевски.
Според Дејан Ѓоргиевски од Центарот за развој на медиуми, договореното во делот на медиумите е во функција на изборите и е еден вид времено решение. Она што треба да се постигне со овие решенија е што е можно порамноправно и избалансирано известување на медиумите во предизборниот период.
„Решенијата се далеку од добри, но мене ме радува подготвеноста на тоа што еден дел од договорот се однесува на тоа дека после изборите во одреден рок ќе се работи на имплементација на промени во медиумското законодавство за да се спроведат препораките од извештајот на Прибе и ЕУ. И всушност тука се надежите дека после тие нема да се обидат да ја избегнат таа обврска, вели Ѓоргиевски.
Иако ова е само времено решение за кое се согласија партиите со цел надминување на политичката криза, Адамчевски смета дека истото е неприфатливо. Иако во делот на договорот пишува дека четирите политички партии се обврзуваат да спроведат медиумска легислатива согласно итните реформски приоритети и извештајот на Прибе во рок од шест месеци по изборите, Адамчевски се сомнева во капацитетот на новата влада да ги спроведе потребните реформи.
„Ние знаеме дека кај нас медиумите се актуелни пред изборите, а не после нив. Па кога ќе ги направат? Два месеца после изборите ќе поминат во составување на Влада и консолидирање на парламентот. Остануваат четири месеци. Па знаете ли вие со какви проблеми ќе се соочи таа нова Влада? Не ќе можат да решаваат ништо во медиумската област“, скептичен е Адамчевски.
Недостатоци во однос на договореното во медиумската сфера гледа и Ѓоргиевски. И тоа токму за формирањето на ад хок телото за мониторинг на медиумите, како и назначувањето на главен уредник на јавниот сервис од страна на опозицијата. Го поздравува решението за неказнување на новинар или медиум за искажување на свое мислење, кое според договореното треба да се разликува од пласирање на информација.
„Се сомневам во способност на тоа ад хок тело да одлучува што било зошто ќе биде политичко именувано. Како ќе одлучува, кои ќе бидат критериумите, тоа допрва треба да се утврди. И зошто е потребно тоа тело кога ние веќе имаме тела коишто ја следат примената на стандардите на новинарското известување, тоа се Советот за етика во медиумите и АМВУ. Потоа, проблемот на МРТВ не е само да се смени главниот уредник. МРТВ има толку многу проблеми што смената на еден човек за кого не знаеме какви ќе му бидат ингеренциите, не е доволна и само значи дека сакаме еден вид политичка контрола на МРТВ, а работата е од неа да се направи вистински јавен радиодифузен сервис“, заклучува Ѓоргиевски.
Од опозицискиот СДСМ уверуваат дека доколку победат на изборите и формираат влада, истата ќе ги спроведе потребните реформи во рок од шест месеци како што е договорено. Истовремено не ја отфрлуваат можноста ад хок телото за мониторинг на медиумите да не профункционира, имајќи предвид дека четирите политички партии ќе одберат четири члена, а избраните четворица ќе треба да го одберат петтиот.