Достапни линкови

Препорака условена со изборите, работата на СЈО и реформите


Нова условена пропорака за почеток на преговори со ЕУ. Фер избори, оставање на СЈО да си ја заврши работата и спроведување на реформите се услов за напредок во евроинтеграциите, вели еврокомесарот Јоханес Хан.

Македонија доби уште една условена препорака за членство во Унијата. Годинава таа е условена со целосна примена на договорот од Пржино, со спроведување на фер и демократски избори и фокусирање на клучните реформски приоритети. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан потенцира дека изборите се исклучително важни за Македонија, бидејќи во изминатите години земјата го изгубила политичкиот кредит. Токму затоа, тој смета дека доколку изборите се спроведат во фер, транспарентна атмосфера и во согласност со меѓународните стандарди, можат да бидат одлучувачки фактор.

„Морам да кажам дека не се само изборите важни. Тие се пресвртница, но веднаш потоа избраната влада треба да се фокусира на приоритетните реформи. Сепак, изборите се веќе еден вид позитивен притисок врз европското семејство за реализација од наша страна. Сите ние досега сведочевме што значи кога нема резултати, земјата назадуваше, мислам дека може да ја стабилизираме и сега е наш ред да ги наградиме со тоа што ќе им дадеме перспектива и почеток на предвидените преговори доколку тие ги исполнуваат условите“, изјави Хан во интервју за Радио Слободна Европа.

Хан за напредокот и перспективите на Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:16 0:00

Покрај важноста на изборите и приоритетните реформи, овогодинешниот извештај му дава поддршка на Специјалното јавно обвинителство. Во извештајот се вели дека сите препреки со кои се соочило СЈО само го истакнале недостигот на независно судство и потребата да се спречи селективна правда. Во заклучоците се вели дека напорите на специјалната обвинителка да воспостави законска одговорност мора да бидат поддржани, а Собранието мора да утврди политичка одговорност за прислушуваните разговори и нивната содржина.

Во врска со потребата од продолжување на мандатот на СЈО по март догодина, Хан изјави:

„СЈО може да ја работи работата заедно со тимот. Мислам дека специјалната јавна обвинителка веќе поднесе обвиненија и сега судовите имаат обврска треба да ги процесираат. Дел од условите е да се остави СЈО да ја работи својата работа и токму тоа беше еден од најважните исходи на Пржинскиот договор. Ова е прв приоритет, а потоа останува да се види како новата влада ќе ја продолжи работата“, изјави Хан.

Годинашниот извештај за напредокот на Македонија ја нотира загриженоста на државната контрола врз функционирањето на демократските институции и клучните области во општеството. Покрај фактот дека државата се соочила со најтешката политичка криза од 2001 година, која се одразила врз недостигот на политичка култура и капацитет за компромис, наведено е и дека меѓуетничките односи останале кревки.

Во однос на останатите области се забележува дека Македонија има одредено ниво на подготовка во реформите во судскиот систем и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Како умерено ниво на подготвеност се карактеризираат реформите во јавната администрација, а се истакнува важната улога на граѓанското општество во поддршката на демократските процеси. Заклучокот е дека е потребен напредок во однос на конкретната имплементација на реформите.

Меѓудругото, се посочува дека макроекономската стабилност треба да се зачува, построго да се контролира јавниот дефицит и да се подобри транспарентноста во спроведувањето на јавните расходи. Иако се констатира дека земјата главно одржува добри релации со соседите и добра регионална соработка, посочено е дека се потребни решителни чекори за решавање на спорот за името со Грција. Во извештајот пишува и дека земјата била погодена од миграциската криза и соработувала со сите соседни земји и земји членки на Унијата во справувањето со миграциските текови.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG