Достапни линкови

Европскиот извештај во сенка на кризата и изборите


Архивска фотографија-Евроамбасадорот Орав му го врачува извештајот на ЕК на поранешниот премиер Груевски, Скопје 2015
Архивска фотографија-Евроамбасадорот Орав му го врачува извештајот на ЕК на поранешниот премиер Груевски, Скопје 2015

За разлика од претходните години, сега во јавноста речиси нема дебата за очекувањата од извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава кој ќе биде објавен утре. Замореност на општеството, но и домашните кризи се причините за тоа, оценуваат аналитичарите.

Замореност од речиси истите извештаи секоја година, но и опседнатоста со домашните кризи и очекувањето на изборите се дел од причините поради кои, според аналитичарите, извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава не добива толку големо внимание. За разлика од други години, кога со денови се зборуваше за тоа што се ќе содржи, сега и власта и опозицијата се фокусирани на други теми, најмногу поврзани со изборите закажани за 11 декември.

Според Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика ЕПИ, намалувањето на интересот е очекувано и се должи на две работи - се намалува влијанието на Европската комисија во Македонија затоа што без разлика каков е извештајот нема напредок во интеграцискиот процес, а втората причина е, додава таа, што годинава нема неизвесност за неговата содржина.

„Сега се е јасно, односно дека концентрацијата ќе биде на пржинскиот процес и очекувањата од Договорот од Пржино, изборите и итните реформски приоритети, а и се знае дека нема да има препорака. Значи нема изненадувања“, вели Ристевска-Јорданова која додава дека и претстојните избори имаат улога во намалувањето на интересот но во помала мера.

И Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование смета дека годинава има малку дебата за европскиот извештај и воопшто за македонските интеграции. Според него, сепак, во тоа улога имаат и домашните инциденти и кризи кои последниве денови непосредно пред објавувањето на извештајот ја дефокусираа јавноста.

„Претходниот викенд зборувавме за Диме Спасов и цела една недела зборувавме за него. Од овој викенд зборуваме за изборните листи на опозицијата. Мислам дека луѓето знаат што се случува во државата, дека досега сите извештаи што беа објавени само ги потврдуваат сомнежите на граѓаните или она за што сме биле свесни, но не сме можеле да го докажеме, така што фокусот на граѓаните сега е на одржување на изборите и на 11 декември“, вели Стојковски.

Тој во извештајот за напредокот, кој Европската комисија ќе го презентира утре, очекува Македонија да добие повторно условена препорака. Според Стојковски, тој ќе биде многу повеќе критичен од претходната година, ќе се осврне и на забелешките и препораките на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, а ќе има и конкретна препорака за работата на судството и постапувањето на случаите од Специјалното јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG