Достапни линкови

Мидори за свечено отворање на новата сезона на Македонската филхармонија


Со Концертот за виолина и оркестар во D-dur оп.35 од oскаровецот Ерих Корнголд, во кој како солист гостува една од најдобрите виолинистки на денешнината – Јапонката Мидори, овој четврток, во 20 часот, во Домот на АРМ во Скопје, свечено ќе биде отворена новата сезона на Македонската филхармонија. Диригент ќе биде маестро Емил Табаков, а овој симфониски концерт на публиката ќе и ја дари и изведбата на комплексното дело „Животот на херојот“ оп.40 од Рихард Штраус, кое долго време не било на репертоарот на домашните оркестри.

Македонската филхармонија обистинувањето на својот сон ќе го започне со „уметник ѕвезда“. Со славната Мидори Гото, американската виолинистка по потекло од Јапонија, онаа која е пожелувана на која било светска концертна сцена и за која критиката е едногласна во уверувањето дека е една од највиртуозните уметници на новата генерација класични дејци. Таа на своето прво доаѓање во Скопје ќе биде солист во изведбата на Концертот за виолина и оркестар во D-dur оп.35 од оскаровецот Ерих Корнголд, инаку едно од најпознатите дела на австриско-американскиот композитор што овој и го посветил на Алма Малер, сопругата на неговиот ментор Густав Малер.

Посегањето по фактите од пребогатата биографија на Мидори ќе го рече и следново. Родена е во Осака 1971 година, а виолина почнала да учи со својата мајка на мошне рана возраст. Откако маестро Зубин Мехта ќе ја слушне во 1982 година, воодушевен од нејзината изведба ќе ја покани да го направи своето деби на само 11-годишна возраст на традиционалниот Новогодишен концерт на Њујоршката филхармонија. Тогаш ќе започне и нејзината блескава кариера.

Досега има реализирано голем број снимки на капитални дела за виолина, меѓу нив и најновата - соло сонатите и партитите од Бах. Изведува композиции од Пендерецки, Хајла, Шчедрин, Штауд, Раутавара... Меѓу светските музички кругови е позната како фасцинантен изведувач, но и како талентиран едукатор и иновативен активист. Во 2012 година ја доби престижната награда „Кристал“ на Светскиот економски форум во Давос. Беше избрана за член на Американската академија на науките и уметностите и ѝ беше доделена титулата почесен доктор на музика на Универзитетот во Јеил. Пет години пред тоа славната виолинистка беше прогласена за „Гласник на мирот“ од страна на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.

И уште е нешто, Мидори како почитуван професор по музика на Универзитетот во Јужна Калифорнија посветува исклучително внимание на процесот на едукација на младите. Токму со таа цел ја има формирано и непрофитната организација „Мидори и пријателите“, преку која овозможува музичко образование за децата во Њујорк и во Јапонија.

Со Македонската филхармонија на отворањето на новата сезона 2016 – 2017, којашто, пак, маркетингшки е форматирана како „Слатко задоволство“, ќе раководи маестро Емил Табаков, еден од најзначајните диригенти на овие простори. Овој симфониски концерт на публиката ќе и ја дари и изведбата на комплексното дело „Животот на херојот“ оп.40 од Рихард Штраус, кое долго време не било на репертоарот на домашните оркестри.

„Ова е едно од ретките симфониски дела коешто многу сликовито, па би кажала и многу балетски, опишува живот на еден херој за каков што се сметал себе Рихард Штраус. При неговата изведба се слуша како тој се бори со непријателите, како ја љуби жена си, како размислува за своите дела. Во 40 минути буквално како на филм можеме да го видиме, не само да го слушнеме, животот на еден херој. За нас како Оркестар и за мене како концерт-мајстор ова е огромен предизвик и затоа со нетрпение го очекуваме овој концерт. Не се сомневам дека со него и публиката ќе може да ужива во слаткото задоволство“, ќе рече виолинистката Ана Котраденко, која при изведбата на „Животот на херојот“ има подолга соло делница.

И, уште една тривијална, но за публиката драгоцена информација. По завршувањето на обете концертни изведби, Мидори ќе ги потпишува своите албумски објави, меѓу кои и најновата компилација „The Art of MIDORI“, издание на „Sony Classical“, на која се документирани најзначајните снимки на оваа виртуозна уметница.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG