Достапни линкови

Рецитал на младите виртуози Илкоски и Имери во КИЦ


Бојан Илкоски, виолинист.
Бојан Илкоски, виолинист.

Со дела од Тартини, Бетовен, Григ и Равел, во вторник на 21 мај во 20 часот, во Салон 19.19 на Културно-информативниот центар во Скопје, ќе се претстават младите музички уметници Бојан Илкоски на виолина и Дино Имери на пијано. Нивниот рецитал се одржува во рамките на циклусот „Доаѓаме...“.

Виолинистот Бојан Илкоски кон крајот на април годинава ја освои првата награда од интернационалното жири на шестиот Меѓународен натпревар за гудачи што се одржа во Ниш, соседна Србија. Дино Имери, од своја страна, е еден од најуспешните македонски пијанисти од помладата генерација и првиот добитник на наградата „Виртуози“, највисокото признание во областа на класичната музика на државно ниво. Обајцата, овој вторник, заедно ќе се искачат на подиумот во Културно-информативниот центар во Скопје за да, во рамките на циклусот „Доаѓаме“, го одржат својот прв заеднички рецитал. Ќе свират дела од Тартини, Бетовен, Григ и од Равел.
Што се однесува до нашето дуо ова е наша прва рецитална соработка. Претходно сме музирале заедно на групни концерти и на снимања, меѓутоа ова е навистина првиот сериозен чекор што го правиме во насока на дуо виолина и пијано и искрено се надевам дека овој концерт ќе биде еден од многуте што во блиска иднина заедно ќе го изведеме.
Дино Имери, пијанист.

„Оваа програма ја имам веќе подолго време на мојот репертоар и таа претставува печат на самите композитори и еден вид бисер на виолинската литература“, вели Бојан Илкоски, во пресрет на рециталот.

Дино Имери, пак, истакнува дека соработката со виолинистот е вистинско задоволство бидејќи за него тој е еден од најперспективните млади таленти на современата македонска музичка сцена и дека тоа лесно може да се види од одбирот на тешката програма што заедно ќе ја изведат на претстојниот концерт.
Дино Имери, македонски пијанист.

„Бојан е млад човек. Полн со енергија. Што се однесува до нашето дуо ова е наша прва рецитална соработка. Претходно сме музирале заедно на групни концерти и на снимања, меѓутоа ова е навистина првиот сериозен чекор што го правиме во насока на дуо виолина и пијано и искрено се надевам дека овој концерт ќе биде еден од многуте што во блиска иднина заедно ќе го изведеме.“
Упорноста и работата секогаш не издигаат скалило по скалило нагоре. Само работата го прави еден уметник поуспешен и поуспешен.
Бојан Илкоски, виолинист.

Роден 1992 година во Скопје, Бојан Илкоски нижо и средно музичко образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Првите контакти со виолината ги имал со професор Румен Димитриев, а сега е студент на трета година на Факултетот за музичка уметност во класата на Олег Контраденко.

„Она што можам најмногу да го видам, да научам од мојот професор, тоа е упорноста. Упорноста и работата секогаш не издигаат скалило по скалило нагоре. Само работата го прави еден уметник поуспешен и поуспешен.“

Младиот виолинист е добитник на повеќе награди и признанија на државни и меѓународни натпревари, а освен во Македонија настапувал и во Романија, Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина. Член е на дузина камерни состави како Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ, Меѓународен камерен оркестар на МММ, „Скопски солисти“, „Macedonian Music&Enterteiment.“ и други, а пред нецел месец ги воодушеви публиката и жирито на шестиот Меѓународен натпревар на гудачи во Ниш.

„Со оглед на тоа што на овој натпревар имаше учесници од повеќе земји, од Русија, Украина, од скоро сите балканските држави, ова за мене е големо признание и неверојатно битна стимулација за натамошните творечки исчекорувања. Не е мала работа за еден млад уметник кога меѓународно жири ќе оцени дека досегашниот негов ангажман, залагање, трпение и љубов во изучување на тајните на инструментот се добри и дека пред него се отвораат нови хоризонти. “

Инаку, актуелниот рецитал на Илкоски и Имери, како сегмент од традицијата на ексклузивни дебитански концерти во рамките на циклусот „Доаѓаме...“ на КИЦ, требаше да се одржи минатата сезона, но она што е значајно е тоа што тој сега доаѓа како круна на еден исклучително плоден творечки период на обајцата млади уметници пред кои, какао што велат познавачите, претстои убава иднина на интернационалната сцена.
XS
SM
MD
LG