Достапни линкови

Дуо Кировски со премиерни изведби на дела во Света Софија


Со премиерна изведба на дела на Фролов и Гершвин, турскиот композитор Фазил Сај, нашиот Живојин Глишиќ и други, како круна на македонската турнеја и концертот на Северен Кипар, в недела, на 17 јули, во 21 часот, во црквата Света Софија, во рамките на Охридско лето, ќе настапи камерното дуо Кировски, Маја Шутевска Кировска на пијано и Љубиша Кировски на виолина и виола.

По цели шест години од својот последен настап на нашата најголема летна културна манифестација, пијанистката Маја Шутевска Кировска и виолинистот и виолист Љубиша Кировски, на Охридско лето се враќаат со нова програма главно сочинета од премиерни изведби. Впрочем онака како што, низ годините наназад, ја навикнаа домашната публика. Овој пат, како круна на македонската турнеја во чии рамки настапија во Гостивар, Гевгелија и Скопје, и концертот што на крајот на мај го одржаа на фестивалот Белапаис во Северен Кипар, тие на љубителите на класичната музика, во црквата Света Софија, ќе им ги дарат сопствените видувања на Концертната фантазија на теми од операта „Порги и Бес“ за виолина и пијано од Игор Фролов и Џорџ Гершвин, Сонатата за истите инструменти на извонредниот турски инструменталист и композитор Фазил Сај, Рондо за виола и пијано од нашиот Живојин Глишиќ, Брамсовата – Соната Бр. 1 во Ф мол и „Танцувајќи со мојата сенка“ што авторот Бете Илин им ја посвети пред три години во чест на двете децении од нивното делување како Дуо Кировски.

„Програмата секогаш многу внимателно ја избираме. Слушаме, преслушуваме, посегаме по многу литература и секогаш, во сите овие повеќе од 20 години, ставаме акцент на премиерни дела. На дела коишто досега не се изведувани и не се слушнати во нашата средина“, вели Маја Шутевска Кировска.

Оформено во 1993 година, Камерното дуо Кировски зад себе веќе има бројни настапи во земјава и во странство. Музицирале на врвните домашни музички манифестации како Охридско лето, Златна лира, Есенски музички свечености, Денови на македонска музика, а бележити се и нивните перформанси во земјите од регионов ( Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија...), во Полска, Италија, Велика Британија, Швајцарија, Германија и во САД.

Во 1997 година Дуото специјализира на Европската Моцарт академија во Варшава кај еминентние професори и авторитетиТакач, Роман, Жислин и Самољотов, потем се усовршуваше за изведба на сонати за виолина и пијано кај прочуените Павел Гилилов и Пјер Амојал на Летната академија во Лозана, а една година подоцна Кировски станаа добитници на Специјалната награда на Централно-европската иницијатива, на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте, во Италија.

Кон ова уште информацијата дека Дуо Кировски зад себе имаат и три дискографски објави. Првиот албум го снимија на концертот на Охридско лето во 1999 година. Шест години подоцна излезе и оној со снимките направени на Есенски музички свечености, а во 2010 го објавија и тројниот компакт диск со концертни снимки, од кои една третина од материјалот им беше посветена на македонските композитори. Наредниот е планирано да се појави наскоро и на него ќе се најде нивниот последен скопски концерт.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG