Достапни линкови

„Евгениј Онегин“ за отворање на 44. Мајски оперски вечери


Со премиерната изведба на „Евгениј Онегин“ од Петар Илич Чајковски, во режија на Дејан Пројковски и со Саша Николовски -Ѓумар како диригент, на 9 мај, во 20 часот, свечено ќе бидат отворени 44-те Мајски оперски вечери. До 31 овој месец и прикажувањето на „Аида“, со Весна Ѓиновска Илкова во насловната улога, публиката ќе има можност да проследи уште неколку значајни музичко-сценски дела, два балета и исто толку гала концерти, а по прв пат ќе биде реализиран и едукативниот проект „Мали мајски оперски вечери“.

По пауза од цели 34 години, на сцената на Македонската опера и балет се враќа „Евгениј Онегин“, операта на големиот Петар Илич Чајковски работена според романот во стихови на најголемиот руски поет и основачот на модерната руска литература – Александар Сергеевич Пушкин. За нејзиното поставување, кое овојпат е планирано за свеченото отворање на 44-то издание на Мајски оперски вечери, се погрижи режисерот Дејан Пројковски.

Пројковски, во пресрет на премиерната изведба, знае да каже дека „Евгениј Онегин“ е голем сон за секој режисер и опера за чија поставка се потребни неколку работи - лудост и храброст да му се пријде како и на секое големо, класично дело и дека тој на овој начин ја преиспитува сопствената авторска зрелост. Дополнува дека потпишуваат една оперска претстава која како главен лајт-мотив ја има фаталноста. Дека работејќи во изминатите месец и половина, се занимавале со љубовта и страдањето на Онегин, Татјана, Олга и Ленски... притоа обидувајќи се да ги пронајдат клучните зборови кои ќе ги водат: солзи, страв, каење, колнењето на вечната љубов и на крајот да ги измијат сите тие гребаници и бесконечни траги кои остануваат во срцата на сите нив.

„Направивме една, би рекол, доста жестока оперска претстава благодарение на сите солисти во неа. Се занимаваме со тие фаталности, со тие крајности...Со водата како симбол, со солзите како доказ на страдањето, на исплачената младост, на исплачениот живот...Песната „Умилкување“ од Петре М. Андреевски за мене беше режисерскиот патоказ. И, сега ако треба да ја раскажам на кратко што е за мене операта, што е оваа претстава, тоа е токму оваа песна која што зборува точно за фаталноста и за подготвеноста да се направи сè за љубовта“, вели Пројковски, кому ова по ланското поставување на „Змејовата невеста“ од Стојан Стојков му е втор последователен проект во МОБ.

Насловната улога во „Евгениј Онегин“ ја толкува младиот македонски баритон Иван Наумовски, кој појаснува дека се обидел да најде сосема свој Онегин, автентичен и различен од она што досега го видел на оперската сцена или на филм. Покрај него во операта настапуваат Тамара Калинкина од Украина која ќе го долови ликот на Татјана, за Олга е задолжена Николина Јаневска, а Ленски ќе го толкува Домагој Доротиќ, оперски пејач од ХНК во Осиек.

И, кога сме веќе тука да кажеме дека со оркестарот ќе диригира маестро Саша Николовски-Ѓумар (и Иван Еминовиќ на репризата), кореограф е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, а за костимите се погрижи Марија Пупучевска.

Од друга страна, на 44-то издание на Мајски оперски вечери, до 31 мај и затворањето со Вердиевата „Аида“, ќе бидат прикажани вкупно 15 настани, од кои 10 во официјалната програма и половина од тоа во едукативното издание за најмладите.

Освен овие две класични дела, љубителите на оперската уметност ќе имаат можност на 17 мај да ја проследат „Риголето“ со Карлос Алмагер Вилалобос од Мексико во насловната улога, „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах на режисерката Урсула Хорнер од Австрија и диригентот Јануш Пшибилски од Полска, со Себастијан Ферада од Уругвај како солист седум дена подоцна и конечно на 26 мај - „Турандот“ од Џакомо Пучини што пролетва како свој проект ја донесе прочуениот Италијанец - Џанкарло дел Монако.

Згора на ова, публиката ќе има можност да проследи и две балетски претстави – класиката „Лебедово езеро“ ( 13 мај) со Шиори Касе од Јапонија, Јона Акоста од Куба и Дојчин Дојчев од Бугарија како гости и современиот „Заспаните убавици“, што Саша Ефтимова го стокми посегајќи по романот на Јасунари Квабата.

На годинешното издание на манифестацијата се и два гала концерти. Најнапред на 14 мај ќе ги чуеме белграѓаните ВИВА ВОКС, нам добро познати по настапот на Охридско лето и хорот кој негува уникатен микс на автентични акапела изведби на поп-рок и алтернативна музика надополнети со бит-бокс и кој е еден од ретките ансамбли кој имал можност да настапи во средиштето на Обединетите нации и во големата сала на плоштадот Тјенамен во Пекинг. Тука е и концертот на контра тенорите Макс Емануел Цениќ од Хрватска, Василиј Хорошев од Русија и Реј Ченез од САД, кои на 24 мај ќе пеат придружувани од Македонската филхармонија под диригентство на маестро Мориц Гнан од Германија.

Конечно, функционирајќи како манифестација во манифестацијата, Малите мајски оперски вечери, од 15 до 29 мај, на најмладите и нивните родители ќе им овозможат да проследат пет едукативни содржини. Програмата ќе биде отворена со детската балетска претстава „Доктор Офболи“ од Игор Морозов, потем следува премиерата на операта „Црвенкапа“ од Цезар Кјуи во режија на Цветан Станоевски, па концертите на рускиот детски хор „Отрада“ и неодамна формираниот при МОБ - „Фалсето“, за да завесата биде спуштена со балетот „Петар Пан“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG