Достапни линкови

Вердиевата Магбет за почеток на 43 Мајски оперски вечери


Со премиерата на вердиевата „Магбет“, в сабота, на 9 мај, во 20 часот, ќе бидат отворени 43. Мајски оперски вечери. На годинашното издание на оваа престижна културна манифестација, до 31 овој месец, ќе бидат одиграни уште четири оперски претстави и еден балет, а со нагласено љубопитство се очекува доаѓањето на италијанската дива Даниела Деси, која ќе биде солистка во „Андријана Лекуврев“ од Франческо Чилеа.

Годинашниве 43-ти Мајски оперски вечери ќе започнат со премиера на дело кое веројатно најмногу одговара на амбиентот и времето во кое живееме. Во градежно-окупираната модерна градба на МОБ, в сабота, на 9 мај, на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, ќе биде прикажана „Магбет“, грандиозното дело што славниот Џузепе Верди го напишал во 1846 година, во периодот на преродбата во неговата дотогаш поделена земја, посегнувајќи по трагедијата на најголемиот светски драматичар Вилијам Шекспир.

Магбет е само една од алките на синџирот со убиства. Ни првиот ни последниот. Финалето на операта коешто навидум изгледа триумфалистичко нималку не е такво. И новиот крал е само една од многубројните алки на долгиот синџир на крвта.
Марко Спада, италијански режисер.

Во случајов, пак, за релативно кратко време, неа на сцена ја донесува италијанскиот режисер Марко Спада, кој знае да каже дека станува збор за „барокна и класична опера“. Барокна, бидејќи го опфаќа светот на вештер(к)ите, а класична, затоа што говори за настани кои постојано се присутни во човечката историја. Историјата на моќта, битките за здобивање со моќ, за случувањето народ и за компромисите - како да се стигне до нешто и како да се оствари власта.

Тој забележува дека, иако настаните се случуваат во средниот век, во времето на Шекспир, сепак заедно со сценографот Мауро Тинти и костимографот Раде Василев, решиле да го транспонираат Магбет во денешнината која по ништо не се разликува од минатото.

„Магбет е само една од алките на синџирот со убиства. Ни првиот ни последниот. Финалето на операта коешто навидум изгледа триумфалистичко нималку не е такво. И новиот крал е само една од многубројните алки на долгиот синџир на крвта“, вели Спада.

За прв пат учествувам во еден модерен проект, почнувајќи од костими, преку сценографија. Досега сме работеле нешто што било помеѓу класичното и модерното, но овој пат е сè навистина поразлично.
Весна Ѓиноска – Илкова,оперска певица.

Тој, видно задоволен од соработката со ансамблите на МОБ, истакнува дека во целата приказна за настанокот на операта од особено значење е изведбата на македонските солисти Борис Трајанов, Владимир Саздовски, Марјан Николовски и Весна Ѓиноска – Илкова, која ја толкува улогата на Лејди Магбет.

Ѓиноска – Илкова, во пресрет на премиерната изведба, вели дека крајно инспиративно и крајно професионално влегла во градењето на ликот и дека оваа улога ја чувствува како своја. Дека изградила драмски лик којшто му доликува на еден сопран од нејзиниот ранг да ја има на својот репертоар и дека со Лејди Магбет успеала да ја почувствува слободата и моќта на самата музичка драма.

„За прв пат учествувам во еден модерен проект, почнувајќи од костими, преку сценографија. Досега сме работеле нешто што било помеѓу класичното и модерното, но овој пат е сè навистина поразлично. Многу ми се допаѓаат едноставните сценски движења коишто се чисти и јасни, пред сè затоа што тука е и музичката изведба којашто е секогаш нагласена за еден оперски пејач. Ќе ме видите и во една досега непознато визуелно издание, а убедена сум дека оваа претстава долго ќе остане на репертоарот на МОБ“, вели таа.

Инаку, на 43-те Мајски оперски вечери ќе бидат прикажани и „Травијата“ со Норман Виџаја од Индонезија како диригент и Нина Најденова од Бугарија како режисерка, „Андријана Лекуврев“ на Фраческо Чилеа, операта во која партнерка на нашиот Ѓорѓи Цуцковски ќе му биде светски познатата сопранистка Даниела Деси, „Симон Боканегра“ - делото со кое започна минатогодишното издание на манифестацијата а традиционално завесата и овојпат ќе биде спуштена со вердиевата „Аида“, операта што ја режираше Дејан Прошев и во која со оркестарот ќе диригира Стефано Романи, а како солисти ќе се појават бројни италијански уметници.

Конечно, не смее да се заборави и тоа дека љубителите на балетот, на 13 мај, ќе имаат можност да го проследат „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски во кое, за оваа пригода, на сцената на МОБ од прочуениот Бољшој театар ќе пристигнат ѕвездите Нина Капцова и Артјом Овчаренко.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG