Достапни линкови

Вердиевата „Симон Боканегра“ за почеток на Мајските оперски вечери


Со премиерната изведба на претставата „Симон Боканегра“, едно од последните дела на Џузепе Верди, в петок на 9 мај од 20 часот во Салонот на МОБ, започнуваат 42-те Мајски оперски вечери. Годинашното издание на фестивалот се одликува со нагласено присуство на италијанските творци и голем број на светски оперски ѕвезди како Инва Мула, Џузепе Сабатини, Џована Казола, Руди Парк и други.

Пет оперски претстави и еден балет се на програмата на 42-те Мајски оперски вечери, фестивалот кој традиционално ќе се одржи од 9 до 31 мај. Една од спецификите на годинашното издание на манифестацијата е нагласеното присуство на гостите од Италија која се смета за татковина на операта.
Во изминатите денови работев со оркестарот и хорот токму да ги надминеме тие замки – да ги вклопиме белкантото и симфоничноста и можам да ви кажам дека го постигнавме посакуваното ниво.
Џанлука Мартиненги, диригент.


Свеченото отворање ќе биде сторено со премиерата на операта „Симон Боканегра“, едно од последните дела на големиот Џузепе Верди и можеби најголемото достигнување на романтизмот. Со оркестарот и хорот ќе диригира маестро Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е неговиот сонародник Антонио Карло де Лучија, сценограф Алесандра Полимено, а за костимите се погрижи нашиот Александар Ношпал.
Весна Гиновска Илкова,
Весна Гиновска Илкова,

Насловната улога ја толкува македонскиот баритон Борис Трајанов, за ликот на Амелија или Марија Боканегра е задолжена певицата Весна Гиновска Илкова, а тука се и Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Владимир Андриќ од соседна Србија и многу други.
Работевме напорно месец и половина и моето искуство со режисерот и со диригентот е прекрасно и верувам дека публиката ќе ги забележи високата професионалност и поинаквиот звук и музички израз кои се карактеризираат со голема лиричност.
Весна Гиновска Илкова, сопран.

За делото композиторот бил инспириран од историски лик – херојот Симон Боканегра и од истоимената драма на Антонио Гарсија Гутиерез, а дејствието се одвива во средината на 14 век во Џенова.

„Симон Боканегра е опера којашто се наоѓа некаде на средината од опусот на Верди. Таа во себе содржи два значајни чинитела – првиот е белкантото на младиот Верди, а вториот симфоничноста што треба да ја изгради оркестарот и која најдобро може да се почувствува во следните негови дела како „Отело“ и „Фауст“. Во изминатите денови работев со оркестарот и хорот токму да ги надминеме тие замки – да ги вклопиме белкантото и симфоничноста и можам да ви кажам дека го постигнавме посакуваното ниво. Тие звучат како да се италијански оркестар и хор“, вели во пресрет на премиерната изведба на „Симон Боканегра“ диригентот, маестро Мартиненги.

Режисерот Де Лучија, пак, забележува дека екипата се движела во рамките на времето во кое е напишано либретото бидејќи „чувствата не се менуваат и остануваат исти како што биле некогаш“, а певицата Весна Гиновска Илкова истакнува дека ова е една од најкомплексните опери во кои досега толкувала некоја улога.

„Да отпееш една ваква улога за мене е голем предизвик пред сè затоа што сметам дека после 40-та година сопраните се базираат на онаа техника којашто е доста битна и доста во однос на работата. Работевме напорно месец и половина и моето искуство со режисерот и со диригентот е прекрасно и верувам дека публиката ќе ги забележи високата професионалност и поинаквиот звук и музички израз кои се карактеризираат со голема лиричност“, вели таа.

Организаторите на манифестацијата посебно ги истакнуваат костимите во делото за кои во случајов бил задолжен креаторот и професор Александар Ношпал. Нему ова му е прв ангажман во едно вакво големо оперско дело и тој знае да каже дека направиле огромен напор во денешно време да креираат автентични костими.

„Навистина е голем предизвик да направите во денешно време историски костим, а тој да биде автентичен. Тоа значи многу истражување, тоа значи многу работа и нормално соочување со нови ткаенини, материјали коишто треба да изгледаат автентично. Вложивме голем напор, но мислам дека успеавме во тоа“, вели Ношпал.

По ваквото грандиозно отворање на фестивалот на 18 мај следува Моцартовата „Дон Џовани“ со Италијанецот Џузепе Сабатини како диригент и Хавиер Ландете од Шпанија и македонскиот тенор Благој Нацовски како носители на главните улоги. Четири дена подоцна е Гуновата „Фауст“ каде режијата, сценографијата и костимите се на Марио Де Карло од Италија, а диригент е нашиот Оливер Балабурски. Овде во насловната улога ќе настапи Иван Момиров од соседна Бугарија, а за ликот на Маргарита ќе биде задолжена Инва Мула, оперската певица од Албанија со светска кариера која пошироката публика ја памети по пројавата во филмот „Петтиот елемент“ и која сме имале можност да ја слушнеме и на фестивалот Охридско лето.

На 26 мај ќе биде изведена „Турендот“ од Џакомо Пучини со италијанската певица Џована Казола која се смета за една од најпознатите ѕвезди што ја толкувале улогата, а завесата на МОБ традиционално ќе биде спуштена со Вердиевата „Аида“ за чиј лик овојпат ќе се погрижи Силвана Фроли.

Конечно на програмата на 42 Мајски оперски вечери публиката ќе има можност да проследи и еден балет - „Жизел“ од Адолф Адам. Во насловната улога на 12 мај ќе ја видиме Украинката Јана Саленко, потписник на кореографијата е Леонид Лавровски од Русија, а со оркестарот ќе диригира Алис Фарнам од Велика Британија.

Кон ова не смее да се заборави дека во организација на Амбасадата на Италија, во фоајето на МОБ до крајот на јуни ќе биде поставена изложба за Џузепе Верди по повод 200 години од неговото раѓање кои светот ги одбележа минатата година. На постановката ќе бидат претставени плакати, фотографии и партитури од опери на славниот композитор во различни продукции.

Инаку, сево ова говори дека МОБ како организатори, со силна поддршка од Министерството за култура и спонзорите, се стремат кон регионално силен фестивал и веруваат дека со натамошниот ангажман на големи светски ѕвезди (за кои велат дека досега имаат разбирање за висината на хонорарите) ќе го дигнат високо реномето на манифестацијата во пошироки, европски рамки.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG