Достапни линкови

Прв меѓународен театарски фестивал - МНТ


Театарската претстава Медеја на Хрватското народно казалиште.
Театарската претстава Медеја на Хрватското народно казалиште.

Со учество на големи продукции од Велика Британија, Грузија, Бугарија, Азербејџан, Хрватска, Србија и од Црна Гора, од 25 мај до 5 јуни, ќе се одржи првото издание на Меѓународниот театарски фестивал – МНТ. Манифестацијата се обистинува во годината кога нашата национална установа ја одбележува 70-та театарска сезона, а целта на случувањето е да овозможи презентирање на различните сценски естетики, подобро меѓусебно запознавање и отворање на поголеми можности за посериозна взаемна соработка.

Она што беше неколкугодишен убав сон на неколкумина театарски дејци од националната куќа, конечно станува реалност. На Скопје и на Република Македонија, од 25 мај до 5 јуни, ќе им се случи првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ. И, тоа не каков било, туку со големи и релевантни продукции зад кои стојат установи и творци чии имиња од поодамна се повеќе од респектабилни на европската театарска сцена.
Овој фестивал и уште неколку проекти кои што ќе следуваат се со цел да се реализира нашата идеја МНТ да биде еден од водечките национални театри во Југоисточна Европа.
Дејан Пројковски, уметнички директор на Македонскиот народен театар.

Манифестацијата ја отвора Државниот театар „Коте Марџијанишвили“ од Тбилиси, Република Грузија, со претставата „Како што милувате“ на нам добро познатиот Леван Цуладзе. Следува „Лет над кукавичкото гнездо“ што големиот Александар Морфов ја постави на сцената на Народниот театар „Иван Вазов“ од Бугарија. Од Националниот театар на Азербејџан ни доаѓа „Мене... Нас...“ во режија на Гунер Сатај, а од Црногорското народно позориште проектот на Радмила Војводиќ - „Everyman Dzilas“. Мнозина љубители на театарот ќе побараат карта повеќе за „Медеја“ на извонредниот Томаж Пандур, хит претставата на Хрватското народно казалиште, а само неколку дена по премиерната изведба во Белград македонската публика ќе има можност да го проследи видувањето на режисерот Саша Габриќ на Нушиќевиот „Народен пратеник“. И, конечно на 5 јуни за грандиозно спуштање на завесата на ова промотивно издание на првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ е одбрана „Хамлет“ на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст и славниот „Глоуб театар“ од Лондон. Актерите на шекспировиот четиривековен театарски колектив ќе имаат две изведби на староанглиски на класичниот текст, а Скопје е меѓу првите регионални центри кои се најдоа на мапата од нивната двегодишна светска турнеја.
Терминот не е одбран од ѓутуре. Терминот е прецизно одбиран затоа што за да ги донесете сите овие театри во овој период воопшто не е лесно.
Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

„На 7 декември ние ја отворивме новата зграда. Влеговме во објект со кој малку национални театри од Европа можат да се пофалат, но од тогаш всушност започна и создавањето на новото лице на националниот театар. Така што, сите овие претстави и имиња коишто доаѓаат во таа насока којашто уште тогаш ја најавивме во создавање на една сериозна национална театарска куќа по теркот на неколку големи национални куќи во Европа. Овој фестивал и уште неколку проекти кои што ќе следуваат се со цел да се реализира нашата идеја МНТ да биде еден од водечките национални театри во Југоисточна Европа, односно сакаме да бидеме важен театарски центар прво со создавањето на својата продукција и од друга страна со презентирањето и поврзувањето на сите овие големи театарски куќи“, вели Дејан Пројковски, уметнички директор на Македонскиот народен театар.

Тој дополнува дека на првото издание Меѓународниот театарски фестивал е планирано да се случат и неколку работилници и средби со учесниците на манифестацијата, во негови рамки ќе биде и 50-та изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ на актерката Катина Иванова, а во текот на случувањето ќе бидат обнародени и двете копродукции со големи театарски куќи за проекти планирани за 2015 година.

Од друга страна, Дејан Лилиќ, директор на нашата национална театарска куќа, забележува дека иако фестивалот се поклопува со други големи традиционални културни манифестации како што се ОФФ-ФЕСТ и делумно со Мајски оперски вечери, тие внимавале тој да биде во период кога завршува театарската сезона, а пред летниот одмор, и да не се совпаѓа со другите театарски фестивали како што е МТФ „Војдан Чернодрински“, Охридско лето или „Ристо Шишков“.

„Терминот не е одбран од ѓутуре. Терминот е прецизно одбиран затоа што за да ги донесете сите овие театри во овој период воопшто не е лесно. Тие потоа одат на разно разни фестивали, а конечно и не можете да викнете да ви гостуваат кога и кај нив во полн ек е театарската сезона“, вели Лилиќ.

Инаку, Министерството за култура за првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ одвои три милиони денари, а министерката Елизабета Канческа Милевска потенцира дека на македонската публика ќе ѝ бидат понудени врвни театарски остварувања со визуелна естетика која може да се види во реномираните европски театри.

„Верувам дека овој театарски фестивал ќе прерасне во традиција. Навистина има што да понудиме, а имаме и на што да бидеме горди во делот на целокупната сценска технологија и аудио-видео опрема којашто ја поседува театарот, бидејќи сето тоа е потенцијална можност повеќе да се соработува и во копродукција и со другите театри и голем број на големи светски театри да ги видиме да гостуваат овде во Македонија. Нашата интенција е да ја унапредиме драмската дејност и да овозможиме богата театарска понуда за сите наши граѓани. Во оваа смисла убедена сум дека и новиот Меѓународен театарски фестивал ќе биде исклучителен настан во нашето културно живеење и една убава можност македонските уметници со својата креативност и индивидуалност да ги одмерат силите со уметниците од целиот свет“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека билетите за претставите на првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ ќе бидат по 300 денари, освен за „Хамлет“, проектот на шекспировиот „Глоуб“ за кој картите ќе бидат по 500 денари.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG