Достапни линкови

Виолистот Гаџа и Македонската филхармонија - „Во боите на барокот“


„Во боите на барокот“ е насловен концертот, што под диригентство на маестро Борјан Цанев, овој четврток, на 17 март, во 20 часот, во Домот на АРМ, ќе го одржи Македонската филхармонија. Како солист ќе се претстави македонскиот виолист Дритон Гаџа, кој веќе неколку години наназад живее и работи во Германија и активно настапува на европските сцени соработувајќи и со престижни камерни и симфониски оркестри.

„Многу ми е убаво што ќе свирам пред нашата публика, што ќе настапам во мојата родна земја. Нешто што ми се немаше случено во последните четири-пет години, и затоа ќе кажам, малку сум возбуден, но од друга страна не можам да ги скријам среќата и радоста што се случува овој концерт. Да, тука е и нагласената одговорност што секој од нас солистите ја чувствува, но кога ќе се качиш на сцената доста работи се забораваат. Едноставно кога ќе биде отсвирен првиот тон ти си веќе влезен во филмот на музиката и работите почнуваат поинаку да течат. Затоа, пак ќе речам, јас се чувствувам неизмерно среќен што ќе настапам со Македонската филхармонија. Посебно поради тоа што поголемиот дел од музичарите во оркестарот ми се колеги и пријатели од поодамна. Не се сомневам дека на публиката ќе и дариме едно несекојдневно симфониско доживување.“

Вака Дритон Гаџа ќе ја почне сторијата во пресрет на својот концерт со Македонската филхармонија насловен како „Во боите на барокот“ што, под диригентство на маестро Борјан Цанев, е планирано да се одржи овој четврток, на 17 март, во 20 часот, во Домот на Армијата на Република Македонија. Солистот на виола во оваа пригода ќе ги изведе Концертот во G-dur од Георг Филип Телеман, дело кое претставува силен предизвик за репродуктивните уметници, како и романтичниот Концерт во c-moll од Јохан Кристијан Бах.

„Јас сум голем љубител на барокна и класична музика, на музика од класичниот период како Моцарт...Кристијан Бах е тука некаде во тој период, а Телеман му припаѓа на барокот...и затоа се одлучив за тие две дела. Се разбира има и други преубави дела од барокниот и класичниот стил, но овие два концерта од кога сум почнал да се бавам со виолата едноставно ми лежат на срце и ете затоа ги одбрав да ги свирам овде во Македонија.“

Роден во Скопје 1978 година, Дритон Гаџа веќе неколку години живее и работи во Германија. Во светот на музиката влегол на петгодишна возраст кога започнал да посетува часови по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Седум години подоцна во истото училиште, во класата на проф. Љупчо Соколов, се префрла на виола и полека почнува да ги открива тајните и на овој инструмент.

По завршувањето на средното образование, Гаџа заедно со уште шестмина студенти, помеѓу 72 кандидати, е примен на студии на една од најдобрите школи во Франција - Конзерваториумот „Souperier National de Region Boulogne“ во Париз. Потоа се запишува на студии на Високата музичка школа во Вирцбург каде што дипломирал и магистрирал во класата на професор Рајнер Шмит и Фабио Марано.

Посетувал мајсторски курсеви со професор Шмит, како и со познатиот романски квартет „Voces“, со кого реализира и заеднички концерти. Но, како што и самиот вели, за него еден од поважните педагози со кого сè уште соработува е виолистот и виолинист Григори Жислин. Дритон Гаџа е добитник на неколку значајни награди, меѓу кои и првата награда на Натпреварот за виола во Скопје, прва награда на Натпреварот за камерна музика во Скопје, трета награда на Натпреварот за виола на Универзитетот во Вирцбург...

Инаку, уште од неговото пристигнување во Германија, тој соработува со престижни оркестри како соло-виолист, меѓу нив и со Камерата „Франконија“ под водство на Жислин, Камерниот оркестар на Вирцбург, Светскиот камерен оркестар на Франкфурт, како заменик-водач на виолите во северниот Оркестар во Порто, Португалија, Европската камерна филхармонија и со Ка­мер­ни­от оркестар на солистите од Санкт Петербург... Македонскиот уметникнастапувал и со други оркестри во најзначајните музички сали, какви што се Филхармонијата во Келн, Концертната сала во Берлин, Херкулес са­ла­та во Минхен, Минхенската филхармонија, Ројал Алберт хол во Лон­дон, Старата опера во Франкфурт, во најважните сали во Јужна Кореја и на дру­ги концерти низ Шпанија, Франција, Данска, Белгија, Италија, Хо­лан­ди­ја…

„На секој музичар кој решил искрено да се бави со музика, не само да заработува и да живее од неа, полесно ќе му биде да се снајде во животот и да се избори за себе затоа што искрената љубов спрема музиката тогаш се гледа. Секој од нас, независно дали е репродуктивец или се бави со организација на концерти, бара да биде опкружен со луѓе кои имаат искрена љубов кон музиката. И затоа јас на секој колега би му порачал искрено да ја сака и искрено да се бави со музиката. Поинаку не може. Е, сега од друга страна е тешко, како и во секоја работа, да се пробиеш, што значи голем ангажман, многу пот, часови и часови вежбање...вештина и туркање како да се стигне до вистинските контакти и вистинските инструменталисти, многу откажувања...но ако се сака музиката тогаш се стигнува на целта. “

Инаку, по концертот со Македонската филхармонија Дритон го очекуваат неколку фестивали на кои ќе свири камерна музика, потем во најава се и неговите соло перформанси во соседните земји, за да во октомври со минхенскиот камерен ЈАКОП ПЛАЦ ОРКЕСТАР во кој членува настапи со Берлинската филхармонија.

„Доста интересна програма свириме и многу често патуваме со овој оркестар. Минатата година од Минхен каде редовно настапуваме бевме на турнеја во САД, потоа се вративме и музициравме во Шведска, Република Чешка... Инаку, мене лично најмногу ме исполнуваат изведбите на камерна музика па затоа и најчесто свирам на фестивалите од тој тип. Посебно им се радувам и на средбите со колегите со кои што сум студирал заедно или со кои сме соработувале во разни пригоди. Јас живеам во Минхен, но постојано патувам и концертрирам по Европа. Од пред три години сум член и водач на виолите и на НОУ БОРДЕРС ОРКЕСТАР кој е составен од перспективни балкански музичари. Со нив во Љубљана снимивме еден албум кој потем се појави како издание на „Дојче грамофон“. “

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG