Достапни линкови

Велковска Трајановска - Молитвата е тишина која пее


„Исон“ е насловено делото на младата, но веќе афирмирана композиторка Валентина Велковска Трајановска, што премиерно ќе биде изведено на првиот концерт од циклусот „Кирилица“ во новата сезона на Македонската филхармонија, што треба да се одржи овој четврток, на 19 ноември, во 20 часот, во Домот на АРМ во Скопје.

Делото „Исон“ го создавав како мој дипломски труд, заедно со професорот и мој ментор Томе Манчев, и ова дело се осврнува на тематиката на православното црковно пеење.

Земен е вториот глас, придружниот и практично бидејќи делото е програмско, следи една таква концепција на човекот како единка која проаѓа најпрво низ сите тие елементи кои што се поврзани со православното пеење, литургијата, периодот на пост кој е прв во него, потоа пеењето и на крајот причесната и молитвата на човекот сам со себе и во себе.
Валентина Велковска Трајановска, композитор.

Со овие зборови младата, но веќе афирмирана композиторка Валентина Велковска Трајановска, ќе го започне кажувањето во пресрет на премиерната изведба на „Исон“ што ќе се одржи во рамките на програмата на првиот концерт од циклусот „Кирилица“ во новата сезона на Македонската филхармонија планиран за овој четврток, 19 ноември, во 20 часот, во Домот на АРМ во Скопје.

„Земен е вториот глас, придружниот и практично бидејќи делото е програмско, следи една таква концепција на човекот како единка која проаѓа најпрво низ сите тие елементи кои што се поврзани со православното пеење, литургијата, периодот на пост кој е прв во него, потоа пеењето и на крајот причесната и молитвата на човекот сам со себе и во себе. „Исон“ почнува и завршува со пауза бидејќи според материјалите коишто ги истражував молитвата е тишина која пее“, вели композиторката.

Родена 1976 година, Валентина Велковска Трајановска музичкото образование го завршува во Скопје. На Факултетот за музичка уметност во 2001 дипломирала на одделот за музичка теорија и педагогија, а три години подоцна и на одделот за композиција во класата на професор д-р Тома Манчев. Во 2006 година магистрира во областа на теоријата на оркестрацијата, а од 2009 година е на докторски студии по композиција кај истиот ментор.

Во меѓувреме била соработник и музички новинар во Македонското радио и Македонската телевизија, работела и како демонстратор по солфеж и основи на оркестрација на Факултетот за музичка уметност, а од 2007 година е професор на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во целиот период стручно се усовршувала учествувајќи на дваесетина интернационални конференции, семинари и фестивали во градови како Лондон и Дартингтон во Англија, Острава - Чешка, Белград - Србија, Визби - Шведска, Подгорица – Црна Гора, Бафало – САД итн.

Главните карактеристики на композиторскиот јазик на Валентина Велковска – Трајановска, како што забележуваат музиколозите, се „програмноста и употребата на различни стилски постапки и техники при создавањето на едно дело меѓу кои полистилизам, ограничена алеаторика и модалност“.

„Во најголем дел моето творештво е програмско, што не значи дека е зададена програма туку понекогаш инспирацијата може да биде определена слика како кај делото „Омен“. Потоа може да биде поема или песна од некој македонски поет најчесто, пример за тоа е едно дело за дувачки инструменти е инспирирано од песната „Ѕвездин траг“ од Јован Стрезовски. Зависно од инспирацијата јас понатаму ги избирам и инструментите и тематиката која најдобро ќе ја отслика таа идеја која сум ја одбрала“, вели таа.

Нејзините композиции се изведувани на голем број концерти и фестивали во земјава и во странство од реномирани домашни и странски изведувачи и ансамбли како виенскиот „Реконсил“, Новиот лондонски камерен хор, квартетите „Диотима“, „Елезијан“ и „Сонар“, Интернационалниот ансамбл „Дартингтон“, камерниот ансамбл „Алеа“, Битолскиот камерен оркестар и други.

„Од друга страна некои дела, пак, зависно од тоа во која земја сум била и каде сум учествувала на семинари и фестивали се создадени за конкретен инструментариум. На пример некој резидентен гудачки квартет за кој сум творела, но повторно тие имаат програма кон која јас се осврнувам. Други се создадени како дел од проект. На пример скоро пишував дело кое беше дел од еден голем проект на еден француски пијанист посветен на Филип Глас, при што композитори од повеќе од 100 земји создадовме дела кои на свој начин се осврнуваат на творештвото на овој голем автор. Јас не го земав него како цитат или директна инспирација туку едноставно неговото творештво и моето видување ги пропуштив да поминат низ мене како автор“, вели таа.

Во моментов композиторката работи на ораториум за голем симфониски оркестар, мешан хор, солист баритон и рецитатор. Неговиот наслов е „Соништата на бесмртните“ и тоа воедно ќе биде нејзиниот докторски труд.

„Ораториумот има историска содржина и се навраќа на неколку значајни ликови од македонската историја. Делото започнува со Методиј Андонов Ченто, продолжува со Павел Шатев, Гоце Делчев, Цар Самоил и завршува со Филип Втори Македонски. Бидејќи ова е обемна работа која си бара многу труд, а јас си ги имам и редовните обврски на Академијата, сè помалку време ми останува да пишувам други творби. Сепак, наспроти ова успевам да создавам дела за хорски состав или, пак, некое камерно дело, а по завршувањето на ораториумот размислувам да се зафатам со пишување на балет или реквием“, вели таа.

Конечно, дел од опусот на Валентина Велковска Трајановска е поместен на повеќе групни носачи на звук, а во 2013 година таа го објави својот дели албум насловен како „Чекор пред темнината“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG