Нецели пет месеци по бележитиот концерт на Дуке Бојаџиев и Македонската филхармонија во њујоршкиот „Карнеги хол“, композиторот, пијанист и продуцент, еве го повторно дома. Во Скопје. Се разбира за да ја продолжи успешно зачнатата приказна за соништата, љубовта и вербата. За музиката во нејзината суштинска, емотивна смисла. Онаа што како искра блесна пред половина декада во Античкиот театар во Охрид со Македонската филхармонија зад него и којашто се развива и катадневно допишува.
Всушност „Сон, верба, љубов“ е една порака за сите бидејќи сите треба да сонуваме, веруваме и да љубиме нешто за да животот ни биде поубав.Дуке Бојаџиев, музичар.
Проектот, во случајов, е насловен „Дуке и пријателите“ и подразбира размена на енергии со уметници како гитарскиот маг Влатко Стефановски, актериштето Никола Ристановски, вонсериските пејачки Каролина Гочева и Тања Царовска, виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски, перкусионистите Матијас Кунзли и Костас Анастиадис, сите придружувани од камерен оркестар под диригентство на маестро Саша Николовски Ѓумар.
„Ова на некој начин ќе биде некоја проширена верзија на концертот во Карнеги хол. Во овој случај на многу поголема сцена и со многу поголема продукција. Од лани, од кога ја почнав актуелнава серија, ова ќе биде 10-ти по ред концерт и слободно можам да кажам дека ќе биде најбогат, со музика, со гости...Ќе биде како една надградба на „Сон, верба, љубов“ со некои дополнителни музики и поезии...една убава, магична вечер за оплеменување на душите. Посебно пред публика која што поемотивно и приоѓа на мојата музика бидејќи, разбирливо, коренот на сето она што го работам тргнува од Македонија, од ова наше поднебје“, вели Бојаџиев во предвечерието на концертниот викенд во арената „Метрополис“. Говорејќи за проектот, тој забележува дека не станува збор за приказна што има почеток и крај.
„Сон, верба, љубов“ како проект би рекол дека е развиван можеби цели 20 години. Како настанувала музиката, најнапред ќе се издвои една нумера, потем уште една, па друга...и така со ред се прибирале околу таа комбинација што ја нареков со тоа име. Всушност „Сон, верба, љубов“ е една порака за сите бидејќи сите треба да сонуваме, веруваме и да љубиме нешто за да животот ни биде поубав. Дури јас повеќе би ја нарекол духовна порака којашто е проткаена низ оваа музика и којашто ве носи на ова патување кај што можете да погледнете и во себе, не само во музиката, и тоа да ве отвори внатре. Моите концерти не ги нарекувам „забава“, туку повеќе „искуство“. Нивната цел е слушателот, гледачот, да доживее искуство. Не само да се забавуваш, туку и да погледнеш во себе. Да се отвориш кон тоа. Да се нурнеш во себе. Едноставно не можеш да и одолееш на музиката, на емоциите кои што ти ги буди. “
Бојаџиев дополнува дека тоа не е својствено само за перформансите пред домашната публика, туку и за оние пред странците. Барем, тој така ги доживеал реакциите на присутните на неговите настапи во Рим и во Њујорк. Од таму, со право, потенцира дека проектот ќе се развива и ќе живее натаму. Дека постојано ќе еволуира. Дека ќе се појават нови песни, некои ќе се сменат, а некои како „Танго до балчак“ секогаш ќе бидат присутни на репертоарот.
„Јас работам и електронска музика и со тие концерти порано многу повеќе се занимавав, но признавам мене лично отсекогаш ми биле подраги овие акустични концерти кај што имам оркестар, кај што имам прекрасни солисти и мислам дека тука импактот на емоции е најубав и најсилен.“
Со оглед на тоа што Бојаџиев пишува и филмска музика, нималку не чуди кога вели дека би останал во ова звучно опкружување за кое денес не знае до каде би одело натаму и дали воопшто би изнедрило некоја потполно нова звучна приказна. Некоја исто толку емотивно моќна авантура.
„Еве сега завршувам со работата на новиот филм од прочуениот хрватски режисер Рајко Грлиќ каде исто така има многу убава музика, па на репертоарот на следниот концерт веројатно ќе се најде и нешто од тоа. Во филмот има една вокална тема што ја пее Јосипа Лисац , па од таму не ја исклучувам можноста од идна соработка со неа. Дури ни фактот дека е возможна серија на концертни настапи по регионов, во балканските држави. Впрочем, не случајно е оваа наша средба со Авалон продукција. Минатата година се сретнавме, се почувствувавме, видовме дека ќе можеме да одиме напред заедно и ова, во некоја, рака е прв поголем заеднички проект чија крајна цел е на вистинскиот начин и на многу поголемо ниво да ја изнесеме македонската култура надвор од постојните рамки на државата. Конечно, не можам да ги предвидам работите, но јас целото време давам 100 проценти во она што го работам и верувам дека тоа ќе вроди со убав плод. Каков што е сегашниот кој верувајте е резултат на долгогодишен ангажман.“
И малечко потсетување, Дуке Бојаџиев веќе долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка јавност. Автор е на филмска, електронска и акустична музика во која може да се почувствува духот на македонската традиција, иако принципите во кои е врамен неговиот творечки израз и стил се строго западноевропски.
Низ неговата интернационална кариера, Бојаџиев има соработувано со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, со Манчевски, Трајков, Панов, како и со Столе Попов за неговото последно филмско остварување „До балчак“.
Зад себе има соработки со ѕвезди како Синди Лопер, БЛУ МЕН ГРУП, ТЕЛЕПОП МЈУЗИК...а неговата музика е користена за светски кампањи на познатите брендови: „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“. Неговите композиции може да се најдат на извиканите светски дискографски компилации како „Буда Бар“ и „Маракеш Експрес“ што дефинитивно го прави еден од најзначајните современи македонски композитори кој живее и работи надвор од земјава.