Милозвучното и патетично Адаџо за гудачи од американскиот композитор Семјуел Барбер, делото кое звучно ги има обоено многу филмски остварувања, двете извонредни музички поеми на францускиот композитор Клод Дебиси - „Попладнето на еден фаун“ и „Море“ и, по прв пат кај нас првиот Концерт за виолина и оркестар од еден од најзначајните претставници на музичкиот минимализам и еден од најизведуваните живи композитори, култниот Филип Глас, ја чинат содржината на претстојниот концерт на Македонската филхармонија симболично насловен „Минимализам и месечина“.
Изведбата на првиот Концерт за виолина и оркестар на Филип Глас со Македонската филхармонија како идеја ја имав од поодамна.Владимир Костов, виолинист.
Со националниот ансамбл во оваа пригода ќе диригира маестро Урош Лајовиц од Словенија, а солист во делото на Глас напишано во 1987 година и посветено на неговиот татко ќе биде македонскиот виолинист Владимир Костов.
Концертот не го подготвував премногу долго. Со работа започнав на почетокот од оваа година и според реакциите на оние кои слушнале дека ќе се изведе очекувам дека тоа ќе биде едно несекојдневно музичко доживување.Владимир Костов, виолинист.
„Изведбата на првиот Концерт за виолина и оркестар на Филип Глас со Македонската филхармонија како идеја ја имав од поодамна. И за тоа практично имав неколку причини. Прво затоа што како музика е многу убав, многу интересен, без разлика на тоа што како дело му припаѓа на минимализмот. Тоа за мене уште повеќе го прави значаен. Неодминлив. Втората причина е фактот што Филип Глас е еден од најголемите живи композитори на 20 век и култен автор што знае да го предизвика светот. И трето, гледајќи ги филмовите во кои е користена неговата музика едноставно уживав во она што тој го работи. Сето тоа ми даде поттик да си речам – Зошто да не?! Овој концерт би сакал и јас да го свирам. Концертот не го подготвував премногу долго. Со работа започнав на почетокот од оваа година и според реакциите на оние кои слушнале дека ќе се изведе очекувам дека тоа ќе биде едно несекојдневно музичко доживување. Едноставно многу луѓе со нагласена љубопитност со право го очекуваат овој настан“, ќе рече виолинистот.
Роден 1975 година, Владимир Костов дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Михајло Куфојанакис. Следејќи го сопствениот порив за надградба, особено во областа на солистичката дејност, тој стручно се усовршувал кај реномирани педагози како Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова и други. Костов е единствениот музичар од Македонија кој повеќе пати бил биран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичка младина, настапувајќи на турнеи во Европа, САД, Канада и во Азија, во некои од најпознатите светски концертни сали.
Со оркестарот „Исток-Запад“, пак, настапувал во Алтенбург (Германија), а во периодот од 2000 до 2004 година, е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика е негов посебен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли, меѓу кои и на Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“ и Квартетот „Бревис“. Основач е на клавирското трио „ВАМ“ и редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичката младина на Македонија, а од неодамна и на новоформираниот ансамбл за современа музика „Кон темпора“.
Словенечкиот и светски диригент Урош Лајовиц е еден од највлијателните раководители на оркестри на просторот на поранешна Југославија. Уметникот кој годинава ја одбележува седмата деценија од животот, дипломирал композиција и диригирање на Музичката академија во Љубљана во 1969 година, а магистрирал на Високата музичка школа во Виена, во класата на славниот Ханс Сваровски. Кариерата ја почнал како асистент-диригент, потоа станал шеф-диригент на Загрепските симфоничари како и на Словенечката филхармонија. Тој е основач и диригент на камерниот оркестар „Словеникум“ од Љубљана и добитник на бројни врвни награди и признанија. Од 1990 година Лајовиц работи како редовен професор по диригирање на Високата музичка школа во Виена, а соработувал со сите поголеми оркестри од земјите на поранешна Југославија, како и со светски угледни оркестри, меѓу кои и Минхенската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Берлинското радио, РИАС Симфониета, Оркестарот на Радио Лајпциг, Оркестарот на Јужно-германското радио, Оркестарот „Моцартеум“ од Салцбург, „Бах-Колегиум“ од Минхен, Московскиот државен оркестар, Киевската филхармонија, Јаначековата филхармонија од Острава, Прашката филхармонија и други. Во последниве неколку години маестро Лајовиц делува како шеф-диригент на Белградската филхармонија и предава диригирање на Музичката академија во Виена, каде во 2012 година му е доделена титулата „Професор Емеритус“.