Достапни линкови

Ни дисперзираните студии не го зголемија бројот на студенти


Новите факултети и дисперзирани стидии во изминатите години се соочија со почетнички проблеми при основањето. Повеќето имаа недостаток на просторни услови и кадар.

Дисперзираните студии значително не го зголемија бројот на студенти на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“. И годинава се очекува да има околу 2.000 бруцоши, како и лани, што е за илјада студенти помалку од бројот што се запишувал пред десетина години. Ректорот на универзитетот Сашо Коруновски, запрашан дали дисперзираните студии не ги дадоа очекуваните резултати, вели дека треба да се договори обемот на нивната редукција.

„Повеќе од една дисперзија на факултет веќе е проблематична за квалитетот, тоа одговорно го тврдам. Тоа значи еден процес сега на редукција на тие дисперзирани студии. Редукција во обем која во високообразовната политика универизтетите со Министерството треба да ја договорат во кој степен е одржлива“, вели Коруновски.

Дури четири факултети од вкупно девет на битолскиот универизтет имаат дисперзирани студии во други два града. Така, Правниот факултет од Кичево е со дисперзирани студии во Битола и Струга. Технолошко-техничкиот факултет од Велес со дисперзии во Кичево и Битола, Техничкиот факултет од Битола со дисперзии во Прилеп и Велес,Факултетот за туризам и угостителство од Охрид со дисперзирани студии во Велес и една заедничка студиска програма со Факултетот за безбедност од Скопје.

„Од другата страна имаме одговор дека тоа е пристапност на сите до високо образованиот процес. Тука е дилемата: колку да не ги затвориме вратите за оние кои не можат да си дозволат да студираат во поголемите урбани центри и колку тоа се одразува на сметка на квалитетот. Да најдеме еден начин кој би бил прифатлив. Мој став е дека еден факултет не може да има повеќе од една дисперзија“, вели Коруновски.

Новите факултети и дисперзирани стидии во изминатите години се соочија со почетнички проблеми при основањето. Повеќето имаа недостаток на просторни услови и кадар. Дел од факултетите на Битолскиот универизтет користат професори од Скопскиот. Имаше најави до скопскиот ректорат дека ќе им се забрани на професорите од Скопје да предаваат на другите универзитети, но со изборот на нов ректор на универитетот „Св. Кирил и Методиј“ се очекува да не дојде до повлекување на вакви црвени линии.

„Како бројка имаме околу 20 професори од Скопје. Со сите универизтети да седнеме на ректорска конференција и да се договориме и да утврдиме однос кој нема да значи изолација на скопскиот универизтет, кој е наш соработник, штом бараме помош го цениме нивниот квалитет“, вели Коруновски.

Според него, не би требало да се дозволи повеќе од половина од професорскиот кадар на еден факултет да е ангажиран од друг универзитет. За факултетите кои имаат неостаток на стручен кадар тој додава дека се обидуваат да пронајдат, но тоа е процес на растење на високо образованите институции.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG