Претставници на Студентскиот пленум ќе присуствуваат на денешната средба во просториите на Ректоратот на УКИМ. Претходната средба, која требаше да се одржи во понеделникот беше откажана, а тогаш од Студентскиот пленум побараа разговорите да се водат онаму каде што е најсоодветно, односно на академско тло. Оттаму велат дека ќе седнат на маса со Министерството за образование и наука, Ректоратот и Професорскиот пленум, само за да соопштат дека нема да преговараат за постоечкиот Закон за високо образование, туку да бараат изготвување на комплетно нов закон.
очекуваме претставниците на владата да се држат до договореното, односно да почне креирање на комплетно нов закон којшто ќе се креира преку суштински дијалог, вклученост на студентите во тоа креирање, јавна дебата и суштинска анализа.Ана Бебековска, Студентски пленум.
„По повод денешната средба очекуваме претставниците на владата да се држат до договореното, односно да почне креирање на комплетно нов закон којшто ќе се креира преку суштински дијалог, вклученост на студентите во тоа креирање, јавна дебата и суштинска анализа“, вели Ана Бебековска од Студентскиот пленум.
Дарко Малиновски од Студентскиот пленум вели дека и натаму се против државниот испит и затоа остануваат на своето барање.
Нашето главно барање е создавање на нов законски текст во којшто нема да има надворешно тестирање на студентите, бидејќи тоа се коси со принципот на автономија на универзитетот.Дарко Малиновски, Студентски пленум.
„Нашето главно барање е создавање на нов законски текст во којшто нема да има надворешно тестирање на студентите, бидејќи тоа се коси со принципот на автономија на универзитетот. Ние не преговараме, ние всушност бараме владата да се држи до договореното. Сметаме дека на оваа средба тие треба да се држат до она коешто беше договорено во владата, а тоа е одложување на законот, а потоа влегување во процес на креирање на нов законски текст“, вели Малиновски.
Според Бебековска, кои ќе бидат нивните следни чекори зависи и од тоа како ќе помине средбата.
„Доколку не прифатат, ќе треба Пленумот да одлучи за следните негови постапки“, вели таа.
Студентите продолжуваат со окупација на факултетите. Тие прогласија автономна зона на Филолошкиот и Филозофскиот факултет, Машинскиот и Архитектонскиот факултет. Наставата ја бојкотираат студентите на Природно-математичкиот факултет и на Педагошкиот факултет, а на Правниот факултет има алтернативни предавања.
На студентите од Скопје им се приклучија и нивните колеги од другите градови, односно од битолскиот технички факултет. Тие преку социјалните мрежи се пожалија дека им е исклучено греењето на факултетот.