Достапни линкови

Животот на студентите во „автономната зона“


Трет ден „окупација“ на УКИМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Трет ден „окупација“ на УКИМ

Во автономната зона што студентите ја прогласија на Филозофскиот факултет велат дека секој момент им е исполнет со проекции на филмови, театарски претстави или дебати.

По две проспиени ноќи во просториите во кои се наоѓаат Филолошкиот и Филозофскиот факултет, студентите продолжуваат со своите активности. Во автономната зона што ја прогласија велат дека секој момент им е исполнет со проекции на филмови, театарски претстави или дебати.

Доаѓаат на проекциите, доаѓаат на театарските проекции, се вклучуваат во дебатите, некои од професорите исто така спијат тука, постои голем интерес, значи тука постојано е преполно.
Ана Кнежевиќ, студентка.

„Има дечки кои цртаат, кои пуштаат музика, има некои кои се занимаваат со мултимедијалниот центар, прават фотографии, ги пуштаат по интернет. Најверојатно од утре ќе почнеме со предавања, ќе предаваат професори, исто така и студенти ќе предаваат. Денеска ќе имаме дебата за високото образование и секој ден имаме одредена програма која се пушта по интернет и која ги повикува сите студенти да дојдат и да седат заедно со нас, да следат сè она што се случува“, вели студентката Ана Кнежевиќ, која додава и дека на нивните активности не присуствуваат само студентите, туку доаѓаат и други граѓани.

Организирани сме во шест или седум групи редари, кои го запазуваат редот и мирот. Гледаме што носат луѓето, забрането е да се внесува алкохол. Имаме група за во кујна, тие се грижат за храната, за хигиената, за обезбедување средства за хигиена, имаме група за мултимедија.
Ана Тодоровска, студентка.

„Доаѓаат на проекциите, доаѓаат на театарските проекции, се вклучуваат во дебатите, некои од професорите исто така спијат тука, постои голем интерес, значи тука постојано е преполно“, вели Кнежевиќ.

Студентот Славе Ангелов, пак, од вчера се приклучил во окупацијата на факултетот и добил задача да биде дел од оние што се задолжени за кујната и храната.

„Времето го поминувам супер, дојдов овде бидејќи сакам да помогнам, сакам да бидам дел од ова. Ја давам поддршката како студент, бидејќи знам дека тоа е за мене и за сите други“, вели Ангелов.

Тој, како и сите други со кои разговаравме, е изненаден од големиот број граѓани кои доаѓаат и им донираат храна и сè што им е потребно, па вели дека веќе имаат полн магацин кој по завршувањето на окупацијата планираат да го донираат.

И студентката Ана Тодоровска е задолжена за кујната. Таа вели дека донациите коишто им остануваат откако ќе ги прераспределат за своите потреби ги пренасочуваат на Машинскиот факултет каде што од вчера исто така е прогласена автономна зона. На Филозофскиот, пак, тие се поделени во неколку групи со различни задолженија.

„Организирани сме во шест или седум групи редари, кои го запазуваат редот и мирот. Гледаме што носат луѓето, забрането е да се внесува алкохол. Имаме група за во кујна, тие се грижат за храната, за хигиената, за обезбедување средства за хигиена, имаме група за мултимедија“, вели Тодоровска.

Инаку, студентите претпладнево, исто како и вчера, ја прекинаа наставата во две предавални на Економскиот факултет. Некои од професорите излегоа брзо не коментирајќи ништо, а некои, пак, им дадоа поддршка веднаш напуштајќи ги предавањата. Велат дека продолжуваат со окупацијата на факултетите сè додека не бидат исполнети нивните барања, односно повлекување на Законот за високо образование и целосно нов закон во чие создавање ќе бидат вклучени и претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум.

Вчера, пак, Министерството за образование соопшти дека продолжувал дијалогот меѓу Владата и претставниците на академската заедница, а од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ информираа и дека формирале работна група која треба да учествува во дебатата за подобрување на пакетот реформи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG