Стана практика секој вторник владата да се задолжува и со задолжувањето да отплаќа долгови. Денеска е предвидено да се задолжи нови 93,3 милиони евра, а утре треба да врати исто толкав долг. Од друга страна, владата излегува со податоци за зголемен економски раст, нови инвестиции, напредок во економијата, први места на светски ранг листи. Дел од економистите укажуваат дека самиот факт што има голем недостаток на финансиски средства во буџетот ги демантира фалењата дека економијата ни е на многу високо ниво.
Сега се земаат пари, се задолжуваме, за да се поткупат сите групи на интереси кои имаат некакво влијание за да го продолжи оваа власт својот животен циклус за уште неколку години.Висар Адеми, економски аналитичар
„Очигледно е дека нашата економија не е доволно моќна за да го полни буџетот и буџетот нормално да ги извршува основните обврски, а да не зборуваме за некои дополнителни. Очигледно е дека оваа влада, со голем помош на медиумите кои се блиски до неа, досега успешно манипулира со најголемиот број на граѓани, кога е во прашање висината на долгот и економијата“, вели економистот Слободан Најдовски.
Тој наведува дека дел од задолжувањата се планирани во буџетот поради планираниот висок дефицит кој го имаме и во годинашниот буџет. Но, исто така, Најдовски укажува дека кај нас перманентно ќе се јавува потребата од задолжувања доколку продолжи ваквата политика.
„Причината за задолжувањата, покрај ниското ниво на економијата, е и тоа што владата се однесува како Дедо Мраз. За голем дел на потребите на буџетот кои треба да бидат приходи по основ на различни давачки, ги ослободува странските инвеститори. Од тој аспект има неусогласеност помеѓу големите желби за трошење на владата и приходите што ги создава македонската економија“, вели тој.
Економистите бараат промена во фискалната политика во начинот на прибирање и трошење на парите, предупредувајќи дека во спротивно ќе имаме перманентно растење на долгот. Тие исто така согледуваат дека искуствата од минатите изборни циклуси зборуваат дека оваа влада најмногу се задолжува за време на избори. Економистот Висар Адеми вели дека пред и за време на избори, секогаш растат трансферите во буџетот и другите расходи и оти тоа води кон заклучок дека задолжувањето расте во функција на изборите и дека на индиректен начин ќе се купуваат гласови.
„Сега се земаат пари, се задолжуваме, за да се поткупат сите групи на интереси кои имаат некакво влијание за да го продолжи оваа власт својот животен циклус за уште неколку години“, вели Адеми.