Достапни линкови

Подмачкано при задолжувањата, при враќање ќе чкрипи


Во првата половина од годината Владата планира скоро секој месец ново задолжување кое не се однесува на стари долгови. Само во јануари државата позајми двојно повеќе од што беше најавено. Проблем ќе настане кога овие пари граѓаните ќе треба да ги враќаат.

Планираното задолжување со нови седум милиони евра најверојатно се однесува на враќање стари долгови, оценуваат економистите, посетувајќи дека утре треба да се врати идентична сума. Тие го критикуваат новото задолжување порачувајќи и на Владата дека во 2015 година јавниот долг е на највисоко ниво измерено досега и изнесува 4, 244 милијарди евра, или 47 отсто од домашниот бруто производ.

Она што треба да не загрижува е враќањето на долговите по основ на емитувани обврзници на домашниот пазар во март, мај и јуни. Во тој период во Македонија доспеваат над 400 милиони евра долгови по основ на задолжувања на домашниот пазар.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека треба да не загрижува нешто друго.

„Она што треба да не загрижува е враќањето на долговите по основ на емитувани обврзници на домашниот пазар во март, мај и јуни. Во тој период во Македонија доспеваат над 400 милиони евра долгови по основ на задолжувања на домашниот пазар.“

Тој смета дека покрај потребата за враќање на старите долгови Македонија ќе се најде во незавидна ситуација заради потребата од пополнување на дефицитот кој се јавува во буџетот. Според него не е случајно што Владата покрај предвидените задолжувања кој ги има во календарот за првите шест месеци предвидува скоро секој месец ново задолжување кое не се однесува на стари долгови.

„Ние ќе се најдеме во исклучително тешка ситуација после јуни кога ќе престанат парите добиени по основ на еврообврзницата, имајќи предвид дека дотогаш и дефицитот ќе расте. Затоа не случајно бараат изборите да се одржат на 24 април за да не се види нивната политика што ја водата во областа на финансиите и големата потреба од задолжувања што ни следи после или не“, вели Најдовски.

Економистот Зоран Витанов реагира дека не се задолжува владата, туку дека се задолжуваат граѓаните на Македонија. Според него недозволиво е парите да не се трошат за продуктивни работи, туку за споменици, згради и враќање на стари долгови.

„Замислете дека јас дома сум земал кредит да ставам уметничка слика, а ратата на кредитот ми е поголема од вкупните приливи на мене и мојата сопруга што но доаѓаат дома. Ама важно е дека имам уметничка слика“, вели Витанов.

Владата минатата недела планираше да се задолжи со нови 813 илјади евра на домашен пазар, но одлуката беше повлечена. Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов ги побара документите за да може да поднесе жалба, по што аукциите привремено беа тргнати. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Наумов ја попречува реализацијата на буџетот и го крши Законот за буџет.

Инаку само во јануари владата позајми двојно повеќе од што беше најавено, односно ја задолжи земјата за 62,5 милиони евра, наместо за планираните 31 милиони евра. За да се избегнат тешките последици од задолжувањата економистите порачуваат дека до крајот на годината треба да се преземат мерки во областа на водењето на буџетската политика како ускладување на расходите со приходите во буџетот, строго придржување до одредените цели кои се однесуваат на дефицитот во буџетот и негово сведување на разумна мерка од под два отсто од БДП.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG