Достапни линкови

Владата се пишмани за новото предизборно задолжување


Владата за денеска планираше да се задолжи со нови 813 илјади евра на домашен пазар, но одлуката е повлечена. Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, кога денеска ги побарал документите за да може да поднесе жалба, аукциите биле тргнати, но како што додава, тоа не значи дека до вечер не можат да се појават. Само во јануари владата позајми двојно повеќе од што беше најавено, односно ја задолжи земјата за 62,5 милиони евра, наместо за планираните 31 милиони евра.

Владата ќе продолжи да се задолжува сè додека може и да зема кредити од каде било и под кои било услови, велат познавачите. Но, иако владата за денеска планираше да се задолжи со нови 813 илјади евра на домашниот пазар, одлуката е повлечена. Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, кога денеска ги побарал документите за да може да поднесе жалба, аукциите биле тргнати, но како што додава, тоа не значи дека до вечер не можат да се појават. Наумов за нашето радио изјави дека независно од тоа тој ќе продолжи со постапката да ја обжали одлуката, оти, како што вели, некој мора да поднесе одговорност.

Не ќе може на неопределено време да се одложат обврските и дупките во буџетот на Република Македонија. Со таа огромна дупка во буџетот се држат во заложништво неколку слоеви на граѓани – државната администрација, пензионерите.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Експертите пак очекуваат задолжувањата не само да продолжат, туку и да се зголемуваат, оти долговите мора да се подмируваат.

„Не ќе може на неопределено време да се одложат обврските и дупките во буџетот на Република Македонија. Со таа огромна дупка во буџетот се држат во заложништво неколку слоеви на граѓани – државната администрација, пензионерите. Јас и многу други сме укажувале дека овој момент кога-тогаш ќе дојде, веќе е дојден и владата нема каде, има огромни побарувачки, ќе избие огромен револт и знаците се јасни со оваа огромно задолжување“, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Само во последните три месеци од минатата година владата го зголемила јавниот долг за 283 милиони евра со што на крајот на годината долгот достигна 4,224 милијарди евра или 47 отсто од БДП-то, покажуваат податоците на Министерството за финансии. Сепак, задолжувањата над планираното не престанаа ни со почетокот на годинава, иако по минатогодишното задолжување со еврообврзницата беше најавено дека ќе има пари за да се финансираат потребите во првата половина од годинава. Така, само во јануари владата позајми двојно повеќе од што беше најавено, односно ја задолжи земјата за 62,5 милиони евра, наместо за планираните 31 милиони евра. Половина од овие пари се вратени на име на стари долгови.

Дополнителниот заменик министер за финансии од СДСМ Кире Наумов вчера обвини дека со последното најавено задолжување, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го прекршил Законот за јавен долг и подзаконските акти кои го регулираат начинот и постапката за издавање и исплата на државни хартии од вредност. Тој најави дека ќе ја побара целокупната документација и одлуки кои претходат на објавувањето на проспектите и ќе поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка при работен однос во втор степен со која ќе го оспори денешното задолжување. Наумов вели дека аукцијата се најавува четири работни дена претходно, но оти министерот Зоран Ставрески ја закажал три работни дена претходно.

Во интервју за Радио Слободна Европа од минатата недела, Наумов вели дека државата се задолжува со страшно темпо и оти владата нè носи во дефинитивно должничко ропство.

Искуството покажува дека владата секогаш ги прави најголемите задолжувања пред избори. Опозицијата обвинува дека токму со тие пари владата ги „купува“ граѓаните да гласаат за неа.

Хајредини вели дека и прислушуваните разговори покажале како се „купуваат“ гласачи.

„Многу компании во последните година-две работеле, а не ги имаат наплатено своите побарувања од државата, сега бидејќи претстојат избори тие ќе вршат невиден притисок да ги наплатат своите достасани побарувања, кои некаде не се евидентирани, никаде не објавени. Како што гледавме и слушавме, тие стојат во тефтерот на Ставрески, а не во официјалната евиденција на буџетот на Македонија“, вели тој.

За првата половина на годинава закажани за 24 аукции на државни хартии од вредност, а во предизборните март и април владата ќе се задолжи девет пати.

Според фискалната стратегија за периодот 2016-2018 година, Македонија планира да го зголеми долгот за 1,4 милијарди евра во наредните три години. Јавниот долг во наредните три години треба да достигне 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП-то.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG