Достапни линкови

Македонија оди кон должничко ропство


Експертите се сомневаат во фискалната стратегија на владата, оти се покажало дека и досега се задолжувала повеќе од што планира во стратегиите. Велат дека задолжувањата ќе продолжат се додека државата не колабира комплетно.

Македонија планира да го зголеми долгот за 1,6 милијарди евра во наредните три години. Според фискалната стратегија за периодот 2016-2018 година, јавниот долг во наредните три години треба да достигне 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП-то. На крајот на септември минатата година, овој долг бил помалку од 4 милијарди евра, односно 44 отсто од БДП-то.

Тие со задолжувањето ќе продолжат се додека комплетно не ја доведат земјата во безизлезна ситуација. Се додека земјата не колабира комплетно, затоа што престанувањето на растот на јавниот долг значи обелоденување на реалната состојба во економијата, на реалната состојба во која што се наоѓаат јавните финансии, престанување на политиката на политичката корупција, а без политичка корупција тие како власт се изгубени.
Петар Гошев, поранешен гувернер на Народна банка.

Дел од економистите стравуваат дека задолжувањето ќе биде уште поголемо, со оглед на тоа што владата и досега се задолжуваше повеќе од она што го планираше во стратегиите.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека воопшто не им верува на бројките што ги објавуваат институциите. Тој смета дека јавниот долг и во моментов е повисок од 50 проценти од БДП-то.

„Тие со задолжувањето ќе продолжат се додека комплетно не ја доведат земјата во безизлезна ситуација. Се додека земјата не колабира комплетно, затоа што престанувањето на растот на јавниот долг значи обелоденување на реалната состојба во економијата, на реалната состојба во која што се наоѓаат јавните финансии, престанување на политиката на политичката корупција, а без политичка корупција тие како власт се изгубени. Затоа тие ќе продолжат се додека можат да земаат кредити од било каде и од кои било услови.“

Гошев вели дека оваа власт не го почитува Уставот и законите што ги носи и воопшто не очекува да ја испочитува ниту фискалната стратегија, која нема важност на закон. Ако не им одговара, ќе ја третираат како палома, како и досега, вели Гошев.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека Македонија постепено, но сигурно се движи кон должничко ропство. Тој вели дека владата ја донесе фискалната стратегија без поширока јавна расправа, само за да го задоволи ММФ кој бараше донесување на ваква стратегија.

„Со новата фискалната стратегија што е објавена Владата влегува во еднонасочен правец, се судира со динамиката на растот на економијата, предвидува раст 3 до 4 посто и тоа прашање е дали ќе се оствари, без разлика колкав е и дали е квалитетен тој раст и сепак предвидувате многу поинтензивен раст на јавниот долг, кон што ве води тоа? Кон грчко сценарио, тоа е едноставно. Секој раст на јавен долг кој е е поголем по интензитет од растот на економијата ве носи во Банкрот.“

Според стратегијата, буџетскиот дефицит постепено треба да се намалува и до 2018 да достигне 2,6 отсто од БДП-то.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG