Достапни линкови

Кога ќе пукне тиквата со кредитите?


Неодговорно е власта да ги зголемува ризиците во земјата и откако ќе си замине да ги доведе граѓаните да мораат да се соочат со зголемување на даноците за да се отплатат долговите или земјата да дојде во ситуација на преговори и условувања од странските кредитори.

Македонија се наоѓа во загрижувачка зона околу висината на јавниот долг, а Владата соочувајќи се со финансиски проблеми не може да функционира без нови кредити, коментираат експертите.

Владата денеска се задолжи за 10 милиони евра повеќе од што најави. Денеска позајми нови 13,4 милиони евра, иако на денешната аукција на државни записи побара заем од 3,6 милиони евра од домашните кредитори, колку што утре доспеваат за враќање. На секое задолжување од почетокот на годинава, владата се задолжуваше двојно повеќе од што бараше. Само од почетокот на годинава владата се задолжи за 91 милиони евра, наместо за планираните 42 милиони евра.

Замислете, јас како домаќин на моето семејство се задолжувам за да купам на кредит уметничка слика. Ратата ми е поголема од двете плати што ми стигаат во семејството, но јас немам намера јас да го отплаќам долгот и тоа им останува на моите деца. Дали сум јас одговорен родител или не? Така во моментов се однесува Владата на Република Македонија.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

Поранешниот гувернер на Народната банка на Република Македонија, Петар Гошев вели дека тврдењето на Владата дека долгот од над 40 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) е меѓу најниските во Европа, или е манипулација или, пак, незнаење оти степенот на задолженост не е еднакво опасен за секоја земја.

„Затоа што во историјата имаме повеќе земји коишто банкротирале на многу пониско ниво на јавен долг од овој што го има Република Македонија. Значи тоа зависи од вкупната структура на економијата, од вкупниот платежен капацитет на една земја. Србија на пример, влезе во проблеми кога имаше долг од околу 55 до 60 проценти од БДП. И таа не можеше да го сервисира без да склучи договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Тој сега е поголем, достигна до 80 проценти од БДП, но тоа го прават со рестрикции и со поддршка на ММФ. Тие почнаа да ги намалуваат пензиите, ги намалија платите во јавниот сектор, па прават програми за отпуштање на вработени од јавниот сектор за рационализации. Така што Македонија забрзано се движи во таква ситуација“, вели Гошев.

За економскиот аналитичар Зоран Витанов ваквото задолжување на земјата претставува егоцентрична политика. Тој коментира дека во моментов Македонија се задолжува два милиона евра дневно, потенцирајќи дека наместо во енергетика и во патишта, парите се инвестираат во споменици.

„Замислете, јас како домаќин на моето семејство се задолжувам за да купам на кредит уметничка слика. Ратата ми е поголема од двете плати што ми стигаат во семејството, но јас немам намера јас да го отплаќам долгот и тоа им останува на моите деца. Дали сум јас одговорен родител или не? Така во моментов се однесува Владата на Република Македонија“, вели Витанов.

За последново задолжување, дополнителниот заменик – министер за финансии Кире Наумов порача клиентите кои ќе учествуваат на аукцијата да бидат претпазливи при кредитирањето на Владата и да ја имаат во предвид одлуката од Управниот суд. Од кабинетот на министерот за финансии Зоран Ставрески велат дека одлуката на Управниот суд се уште не е правосилна.

Но, поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев потенцира дека неодговорно е власта да ги зголемува ризиците во земјата и откако ќе си замине да ги доведе граѓаните да мораат да се соочат со зголемување на даноците за да се отплатат долговите или земјата да дојде во ситуација на преговори и условувања од странските кредитори.

„Еднаш Македонија на почетокот на 90-тите беше во таква ситуација со распадот на Југославија, а оваа гарнитура забрзано работи да ја доведе земјата повторно во таква ситуација.“

Гошев објаснува дека категоријата државен долг не е исто што и категоријата вкупен јавен долг и оти државниот долг на Република Македонија е значително поголем од оние 47 проценти од БДП, што ги соопштува Владата.

„Ако се додадат и другите компоненти на јавниот долг и ако се утврдат неизмирените обврски на Владата кон приватниот сектор, а дефинитивно знаеме со сигурност дека Владата има неизмирени обврски, тогаш овие 47 проценти што циркулираат честопати непрецизно во јавноста преку медиумите, не се 47 проценти, туку се многу повеќе од тоа и јас мислам дека не се помалку од 55 проценти од БДП“.

Гошев додава дека според статистиката што ја води НБРМ, се знае дека бруто надворешниот долг на Република Македонија, во којшто спаѓа долгот на јавниот сектор и долгот на приватниот сектор, изнесува некаде околу 6,4 милијарди евра или меѓу 70 и 75 отсто од БДП и дека според тие индикатори Македонија е во ризична зона.

„На пример во 2006 година, бруто надворешниот долг изнесуваше некаде околу 40 – 45 отсто од БДП, а денеска изнесува над 70 проценти. Тоа значи дека и со ова темпо на раст на економијата, со овие ниски стапки на раст од коишто не сме задоволни, (во просек во изминативе 10 години се под три отсто) фактички се должела пред се на ова задолжување, а не на зголемување на продуктивноста на постојните и на новите капацитети во економијата на Македонија“.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG