Достапни линкови

Нема реална оправданост за нов државен универзитет


Илустрација.
Илустрација.

Владата најави дека ќе отвори нов универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје. Досега во Македонија се отворени околу 20-тина приватни и државни универзитети и виши школи кои бројат речиси 140 факултети.

Пратениците за два дена во законодавната комисија ќе го разгледуваат законот по скратена постапка за отвoрање на нов универзитет „Мајка Тереза“ и за создавање на Педагошки факултет во склоп на Тетовскиот државен универзитет. Со оваа нова одлука на владата ќе биде отворен шести по ред државен универзитет. Досега во Македонија се отворени околу 20-тина приватни и државни универзитети и виши школи кои бројат речиси 140 факултети.

Не само што не треба во моментов да се отвараат нови, освен онаму каде што треба одделни институти, односно специјални факултети, како што беше оправдано за ФИНКИ, туку е потребно и на затворање на многу факултети, дури и универзитети, затоа што не ги исполнуваат барањата со цел да се обезбеди квалитетно образование.
Ненад Новковски, поранешен професор.

Поранешниот министер за образование Ненад Новковски вели дека бројот на универзитети со кои располагаме е преголем, што е вообичаено по одобрувањето на формирање на приватни високообразовни институции. Тој додава дека она што сега ни е потребно е да се направи сериозна селекција по квалитет на постоечките високообразовни институти.

„Не само што не треба во моментов да се отвараат нови, освен онаму каде што треба одделни институти, односно специјални факултети, како што беше оправдано за ФИНКИ, туку е потребно и на затворање на многу факултети, дури и универзитети, затоа што не ги исполнуваат барањата со цел да се обезбеди квалитетно образование“, вели тој.

Професор Гордана Поп Симонова вели дека прашањето дали се потребни нови универзитети треба да следи по една опсежна анализа на пазарот на трудот која за жал сè уште не е направена. Таа додава дека и за студентите кои произлегуваат од постоечките универзитети не може да бидеме сигурни дали успеваат да го реализираат своето знаење и да го пронајдат своето место во стопанството.

„Во случајов квантитетот на ниеден начин не би можел да произведе квалитет. Неопходна е опсежна реформа и на постоечките универзитетски програми и секако повлекување на дисперзираните студии кои за жал не вродија со квалитет. И нашиот факултет за земјоделски науки и храна имаше две дисперзирани програми во Струмица и Прилеп и констатиравме дека е подобро студентите да доаѓаат во Скопје и да ги реализираат своите студии“, вели таа.

Поп Симонова вели дека е сосема непотребно во овој момент да говориме за нов универзитет колку и да би биле неговите програми квалитетни и вистинска конкуренција. Но, во во овој момент, јас не можам да ја видам оправданоста за тоа, вели таа.

Во предлог-законот е наведено дека целта на отворањето на нов универзитет е овозможување на достапност на високото образование во полето на техничко-технолошките, природно-математичките и општествените науки на помладата генерација. Новковски вели дека нема реална оправданост за отворање на нов универзитет, а целта е уривање на системот на високото образование, односно сè што е квалитетно да биде поткопано преку прелевање на средствата на најразлични начини.

Новковски посочува дека е можно да се види и одреден политички пазар на владејачката коалиција зад оваа одлука со цел собирање поени пред избори од албанското гласачко тело.

„Може да биде одредено политичко оправдување, но е далеку од тоа затоа што овие прашање се затворени, создадени се високообразовни институции каде што има настава на албански јазик, коишто покриваат најголем дел од потребите, каде што претстои и понатаму унапредување и практично ова е и на штета на таквите институции, затоа што со дисперзирањето, со создавањето на средствата за непотребни работи ќе биде загрозено и нивното функционирање“, вели тој.

Во предлог законот не е наведено колку пари планира Владата да потроши за основање на универзитетот „Мајка Тереза“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG