Достапни линкови

Стевановиќ - Ректоратот да каже дали дозволил сечење на дрвјата


Стевановиќ - Ректоратот да каже дали дозволил градење во кампусот на УКИМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:40 0:00

Стевановиќ - Ректоратот да каже дали дозволил градење во кампусот на УКИМ

Ректоратот на УКИМ требаше да ја образложи постапката за сечењето на дрвјата, влегувањето на лица надвор од УКИМ и процесот на донесување одлука за овие објекти. Требаше да свика седница, ако ништо друго да превенира ескалација на ситуацијата на УКУМ, вели професор Маја Стевановиќ од Професорскиот пленум во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професор Стевановиќ, изградбата на двата барокни факултети поради кои преку ноќ беа исечени педесетина дрвја предизвика бурни реакции и обвинувања за упад во автономијата на Универзитетот. Дали со ваквата постапка се нарушува начелото за управување со универзитетскиот простор?

Не знаеме. Не знаеме од следната причина, според закон право да даде дозвола на лица што не се од УКИМ има Ректорот или човек кој би бил овластен од Ректорот, тоа значи дека и оние кои влегле во 2 и 30 по полноќ и полицијата којашто беше присутна во понеделникот на територијата на кампусот на УКИМ можеле да влезат со дозвола или без дозвола, а ние не знаеме дали тие имаат дозвола и од кого имале. Затоа и студентите и Професорскиот пленум јавно повикаа Ректоратот на УКИМ да се огласи и да каже дали некому издал дозвола за влегување на територијата на Универзитетот или не. Ако влегле без дозвола, тоа е директен упад во Автономијата и кршење на правото на неповредливост на просторот, а ако влегле со дозвола тогаш треба да се види и да се разговара кој и зошто ја издал таа дозвола и во крајна линија зошто ја направил таа проценка.

Професорскиот пленум преку писмено соопштение посочи за нетранспарентност во целата процедура околу одлучувањето на локацијата и изгледот на факултетските згради. Каде ја лоцирате одговорноста за ваквиот след на настаните?

Одговорноста ја лоцирам и во Министерството за образование, но пред сè, бидејќи тоа нас како професори нè интересира, во работата на органите на управата на нашиот универзитет. Овие денови добивме различни информации, сè се тоа неофицијални информации, сè се тоа нешта кои самите ги баравме за да можеме да направиме некаква реконструкција на настаните. Јас имав можност да видам три записника од Сенатот на УКИМ, првиот е од 11 месец 2013,другите два се од втори и трети месец 2015 година. Во првиот стои под точка разно, замислете, бидејќи толку е неважен проблемот дека е изгласана одлука за барање изградба на факултет, без да се посочи каков факултет, за кого факултет, во кампусот на општествено-хуманистичките науки. Информациите од некои од сенаторите се дека на тој состанок била изгласана одлука за барање средства за изградба на објект. Во другите два записника имаме барање од одредени сенатори да се добие информација, а во третиот записник стои информација дека ќе се побара писмена информација од министерството. Само да посочам, два сенати кои се одржани, за кои зборувам, се случиле после обзнанувањето на јавниот конкурс и резултатите од јавниот конкурс во врска со градењето на овие згради од страна на министерството. Ниту е мое, ниту на кој било од професорите да бидат приватни истражители. Ако пости место на кое треба да се расчистат сите дилеми, тоа место е Сенатот на УКИМ.

Дали ректоратот на УКИМ требаше веднаш да ја образложи досегашната постапка и истиот да понесе одговорност пред Сенатот на УКИМ?

Ректоратот на УКИМ требаше да ја образложи постапката за сечењето на дрвјата, влегувањето на лица надвор од УКИМ и процесот на донесување одлука за овие објекти. Требаше да свика седница, ако ништо друго да превенира ескалација на ситуацијата на УКУМ.

Сечењето на дрвјата во кампусот предизвика силни реакции кај студентските движења. Дали Професорскиот пленум планира и натаму да им се придружи во нивните активности и имате ли конкретен предлог како да се реши проблемот?

Професорскиот пленум се придружи кон јавните повици на студентите да се разреши овој проблем низ институционалните канали на УКИМ и нашите понатамошни чекори ќе ги планираме и како Професорски пленум, но и во координација со Студентскиот пленум. Она што можам да го тврдам е следното, дека проблемот не може да се разреши ако за проблемот не се разговара и ако проблемот не се разгледа од сите аспекти. И од аспектот на легалноста на постапката, но особено од аспектот на легитимноста на постапката и во крајна линија велиме дека е задоцнето решение, можеби е доцна, но никогаш не е доцна да се преземат одредени чекори и повторно да се преиспита целиот тек на постапката и логиката на тоа да на тоа место, веќе преполно, се градат уште два објекти за уште најмалку 5.000 студенти и професори.

Целото интервју со професор Маја Стевановиќ можете да го погледнете во видеото на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG