Изградбата на двата барокни факултети во универзитетскиот кампус на УКИМ, заради кои преку ноќ беа исечени речиси педесет дрвја повторно го отвори прашањето на игнорантскиот однос на Министерството за образование, но и на органите на управата на УКУМ кон професорите и студентите.
Ректоратот на УКИМ требаше да ја образложи постапката за сечењето на дрвјата, влегувањето на лица надвор од УКИМ и процесот на донесување одлука за овие објекти. Требаше да свика седница, ако ништо друго да превенира ескалација на ситуацијата на УКУМ.Маја Стевановиќ, универзитетски професор.
Целата процедура околу одлучувањето за локацијата и изградбата на факултетските згради Професорскиот пленум ја оцени како нетранспарентна, а за ваквиот след на настани професорката Маја Стевановиќ, која е член на Професорскиот пленум, одговорноста ја лоцира во МОН, но пред се во работата на органите на управата на УКИМ. Овие денови има различни информации за тоа како е изгласана одлуката за барање за изградбата на факултетите и за тоа како е изгласана одлуката за барање средства, вели професор Стевановиќ. Таа посочува и дека Ректоратот на УКУМ требало веднаш да ја образложи целата постапка.
„Ниту е мое, ниту на било кој од професорите да бидат приватни истражители. Ако пости место на кое треба да се расчистат сите дилеми тоа место е Сенатот на УКИМ. Ректоратот на УКИМ требаше да ја образложи постапката за сечењето на дрвјата, влегувањето на лица надвор од УКИМ и процесот на донесување одлука за овие објекти. Требаше да свика седница, ако ништо друго да превенира ескалација на ситуацијата на УКУМ“, изјави професор Стевановиќ од Факултетот за Драмски уметности во Скопје, која е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа
Сечењето на дрвјата во кампусот предизвика бурни реакции и револт кај студентските движења. Тие велат дека властите не извлекле поука од минатогодишните масовни протести кои се организираа за екстерното тестирање.
„Во тој процес на инклузивност повторно беа исклучени студентите. Не само студентите, генерално туку студентите на двата факултети кои ќе добијат зграда. Тие се неинформирани комплетно за овој процес. Ако ја погледнете изјавата на деканот на ФИНКИ ќе видите дека и самиот декан кажува дека е на функцијата неколку месеци и ги нема деталите“, вели студентката Иван Туфегџиќ која има искуство со минатогодишното организирање на протестите.
Професор Маја Стевановиќ смета дека проблемот може да се реши низ разговор и преиспитување на целата процедура на носењето на одлуката.
„Тоа треба да се направи на вонредна седница на Сенатот. Тоа треба да биде јавна седница на која ќе присуствуваат и медиумите и претставниците на Студентскиот пленум и претставниците на Професорскиот пленум. Крајно време е да почнеме да ги расчистуваме работите“, вели Стевановиќ.