Достапни линкови

Собранието работи, опозицијата бојкотира


Новиот собраниски состав ја одржа третата седница. Пратениците од СДСМ повторно не присуствуваа.

Уште една собраниска седница помина без присуство на опозициските пратеници. Третата седница заврши со усвојување на повеќе предлог одлуки, односно предлог одлуките за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, за основање постојани работни тела на Собранието, за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување на меѓународната соработка на Собранието на Република Македонија и за објавување оглас за избор на членови на Комисијата за верификација на фактите.

Со Предлог-одлуката поднесена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се предлага Собранието да има тројца потпретседатели. Бројот на потпретседатели го утврдува Собранието по предлог на претседателот, а тие се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи информира дека приоритет во преговорите е усогласувањето на партиските платформи врз основа на кои ќе работи новата Влада.

На седницата меѓудругото, беше констатирано дека на Руфи Османи од НДП му прекинува мандатот.

И пратениците од СДСМ, пак, не се појавија во собраниската сала. Нема нови моменти по одлуката на Управниот суд да ја отфрли тужбата што ја поднесоа кандидатите за пратеници од оваа коалиција, кои тврдеа дека со одлуката за верификација на нивните мандатите Собранието ги прекршило Уставот и законите. Освен веќе искажаниот став дека одлуката на Судот е уште една потврда дека во Македонија нема институции, односно дека сè е партија, а Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се над правото, законот и Уставот, од СДСМ сè уште нема конкретен одговор за следните потези. Од партијата кратко соопштија дека повеќе детали за натамошните чекори ќе има по утрешниот состанок на пратениците со раководството. Против одлуката на Судот, социјалдемократите имаат право на жалба во рок од 15 дена.

Во меѓувреме, нема нови детали околу преговорите за новата влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи информира дека приоритет во преговорите е усогласувањето на партиските платформи врз основа на кои ќе работи новата Влада. Што се однесува до имињата на министрите, Османи вели дека ДУИ нема да открива кои министри од нивните редови ќе седат во кабинетот на Груевски се до 5 јуни, кога треба да се одржи партискиот конгрес.

Иако во јавноста се шпекулира со разни имиња и комбинаторики, од ДУИ велат дека разговарале со ВМРО-ДПМНЕ и за листите и за ресорите, но сè уште нема целосен договор. Извори на ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека засега е договорено ист број на министерски места, односно труд и социјала на чело со кадар од ДУИ, а одбрана во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и оти нема да има промени во бројот на министерски места што го имаа партиите во минатиот владин состав.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG