Достапни линкови

Конституирано македонското собрание


Трајко Вељаноски повторно е избран за претседател на македонското Собрание. Опозицијата предводена од СДСМ не присуствуваше на инаугуративната седница, но Собранието им ги верификуваше мандатите.

И во наредните четири години македонското Собрание ќе го води досегашниот спикер Трајко Вељаноски. На денешната конститутивна седница, Комисијата за избори и именувања го предложи, а мнозинството го изгласа Вељаноски за претседател на Собранието. Седницата беше отворена со звуците на македонската химна, а во присуство на странски амбасадори и истакнати личности од јавниот живот. Ја водеше најстариот пратеник од осмиот пратенички состав, Стојан Миланов од Социјалистичката партија.
Верификационата комисија смета дека нема основа за оспорување на освоените мандати на 123-те избрани пратеници. Комисијата му предлага на Собранието да ги верификува мандатите на избраните пратеници во Собранието на Република Македонија.
Александар Николовски, претседател на Верификационата комисија.

Од вкупно 123 избрани претставници на предвремените парламентарни избори, на седницата присуствуваа 85 пратеници. Како што беше најавено, во салата не се појавија членовите на опозициските СДСМ и нејзините коалициски партнери, како и пратеникот од НДП, кои освоија мандати на изборите на 27 април.

Откако беше изгласан дневниот ред, мнозинството го избра Александар Николовски за претседател на Верификационата комисија, а беа избрани и нејзините членови. Откако го разгледа извештајот на Државната изборна комисија за парламентарните избори од 27 април, претседателот на Комисијата изјави:
Сакам да ја споделам мојата длабока разочараност од групата пратеници кои незадоволни од народната поддршка, одлучија да не ја извршуваат доверената задача.
Трајко Вељаноски, претседател на Собранието.

„Верификационата комисија смета дека нема основа за оспорување на освоените мандати на 123-те избрани пратеници. Комисијата му предлага на Собранието да ги верификува мандатите на избраните пратеници во Собранието на Република Македонија“, изјави Николовски.

Потоа следуваше избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која го предложи Трајко Вељаноски за претседател на Собранието од редот на пратениците.

„Тој има богато политичко искуство“, рече во своето излагање претседателот на Комисијата за избори и именувања, Зоран Илиоски, додавајќи дека Комисијата едногласно оценила оти Вељаноски успешно ќе ја извршува функцијата претседател на Собранието на Република Македонија.

Откако даде свечена изјава, Вељановски ѝ се обрати на јавноста. Рече дека е задоволен што на оваа седница се присутни повеќе од две третини од народните избраници, но истовремено рече дека е разочаран од одлуката на опозицијата да ги врати пратеничките мандати.

„Сакам да ја споделам мојата длабока разочараност од групата пратеници кои незадоволни од народната поддршка, одлучија да не ја извршуваат доверената задача. Оттука, од ова место, како прв меѓу еднаквите, повикувам на државно единство, повикувам сите да бидеме свесни за својата историска одговорност и да не дозволиме личните суети да ја надминат почитта кон Македонија. Ги повикувам нашите колеги од опозицијата да дејствуваат според Уставот и законите, да дојдат тука во парламентот за да работиме“, рече Вељаноски.

На членовите на Владата кои се избрани за пратеници им престануваат функциите, но заради обезбедување на континуитет во работата тие ќе ги извршуваат овие функции до изборот на новата Влада.

Инаку, според официјалните конечни резултати на Државната изборна комисија од предвремените парламентарни избори, одржани на 27 април, во идниот состав на Парламентот треба да седнат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ. Опозицијата предводена од СДСМ освои 34 мандати, но одлучи да ги врати и да не учествува во новиот собраниски состав. Исто така едниот свој мандат го врати и НДП.

Претходно, пак, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соопштија дека како партии кои добиле најголема доверба на граѓаните, постигнале согласност за формирање ново парламентарно мнозинство.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG