Достапни линкови

Парламент без опозиција, како фудбалски натпревар со една екипа


Формално нема никаква причина за непречено одвивање на работата на собранието, но ќе се изгуби квалитетот. Таквото собрание е како натпревар со една екипа, размислете каков резултат би имале во тој случај, анализираат експертите.

Демократија без различните погледи на власта и опозицијата не е демократија, а парламент без опозиција во време кога на земјава и се потребни крупни реформи и кога треба да се носат многу значајни одлуки, е опасно за државата, согласни се политичките аналитичари. Иако формално нема никаква причина за непречено одвивање на работата на собранието, нему ќе му недостасува гласот на опозицијата, кој пак секогаш треба да биде коректив на власта, посочува универзитетскиот професор Никола Дујоски.
Воопшто учеството или неучеството на опозицијата во парламентот не треба да се доведува во прашање, за жал, се уште сме незрела демократија, па ни се случуваат вакви работи.
Никола Дујоски, универзитетски професор.


„Од формален аспект нема да имаме проблеми да ратификуваме меѓународни договори, нема проблем да се поставуваат други високи државни функционери кои се во надлежност на собранието, но ќе го изгубиме квалитетот. Ние формално ќе носиме секакви одлуки, меѓутоа какви и да се, може и да се најдобри за Македонија, кога на нив не влијае ниту на еден начин второто мислење, значи квалитетот ќе биде доведен во прашање.“

Нема смисла во постоењето на парламент без опозиција, уверува и професор Арсим Синани. Примерот што сликовито го посочува симболично ја илустрира ситуацијата во која во моментот се наоѓаат главните актери на македонската политичка сцена.
Имаме фудбалски натпревар на кој играат само 11 фудбалери и немаме друга страна, нема ни голман, ни одбрана, ни напад, и едната екипа си игра само со себе, со два гола и размислете каков резултат би имале во тој случај?!
Арсим Синани, универзитетски професор.

„Имаме фудбалски натпревар на кој играат само 11 фудбалери и немаме друга страна, нема ни голман, ни одбрана, ни напад, и едната екипа си игра само со себе, со два гола и размислете каков резултат би имале во тој случај?!“

Вистинското место да се промовираат идеите е собранието, оти таму треба да се коригираат законите на власта, а тоа во наредниот период нема кој да го прави, дециден е Дујоски. Другиот негативен е ефект според него е во однос на евроинтегративниот процес на земјава, а во прашање ќе биде доведено и прашањето за името кое во последниот период е суштинско.

„Исто така не може да се донесе без учество на опозицијата, сепак зад тоа прашање стојат најмалку 300 илјади граѓани коишто гласале за опозицијата, кои утре на евентуален референдум би требало да имаат свој став, а тој став треба да го договорат и владата и опозицијата. Значи воопшто учеството или неучеството на опозицијата во парламентот не треба да се доведува во прашање, за жал, се уште сме незрела демократија, па ни се случуваат вакви работи.“

Според Синани, опозицијата ќе оди до крај и тешко е да се предвиди излезот од новонастанатата политичка ситуација. Како и да е, тој уверува дека работата на собранието без опозициските ставови и мислења може само да и наштети на земјата и нејзиниот напредок.

„Тој парламент веќе не би бил парламент и мислам дека е многу проблематична ситуацијата и влегуваме во една фаза на едноумие во Република Македонија.“
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG