Достапни линкови

Мандатите на СДСМ останаа неврачени


СДСМ не дојдоа на врачување на уверенијата од страна на ДИК за пратеничките места кои ги освоија на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 27 април.

СДСМ не дојдоа на врачување на уверенијата од страна на ДИК за пратеничките места кои ги освоија на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 27 април.


Комисијата вчера ги соопшти официјалните конечни резултати од изборите. Опозицијата која освои 34 пратенички места соопшти дека нема да ги прифати мандатите и оти тоа ќе биде потврдено со заверени нотарски изјави на нивните кандидати за пратеници. Неприфаќање на мандатот најави и Руфи Османи, единствениот пратеник на НДП што доби мандат. Во идниот состав на Парламентот ќе седнат 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, 19 од ДУИ, 7 од ДПА и 1 од ГРОМ.
СДСМ во иднина ќе ги направи сите институционални, но и вон институционални потези кои им стојат на располагање со цел во Македонија да биде доведена во ситуација како држава да може да организира фер и демократски избори.
Петре Шилегов, СДСМ.


Причината за такавата одлука, како што изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов за Радио Слободна Европа е тоа што партијата не и признава изборите, бидејќи се одвивале во крајно недемократска, нефер атмосфера и под силен притисок. Тоа според него, го покажуваат и извештајот на ОБСЕ/ОДИХР којшто го прифати и Стејт департментот и ЕУ. Шилегов најави дека СДСМ во иднина ќе ги направи сите институционални, но и вон институционални потези кои им стојат на располагање со цел во Македонија да биде доведена во ситуација како држава да може да организира фер и демократски избори. Според него, тоа бил единствениот чекор кој СДСМ можела да го преземе после изборите. Едноставно ние сметаме дека не е потребно да даваме легитимитет на така организираните избори и на така избрана влада, вели Шилегов

На предвремените парламентарни избори од 1.780.128 запишани граѓани уставното право го искористиле 1.120.774 гласачи или 62,96 отсто. ДИК на седницата на која беа објавени конечните резултати од предвремените парламентрани избори на 27 април, не даде оценка дали гласањето поминало во фер и демократска атмосфера. ДИК едногласно ги усвои извештаите и за претседателските и за парламентарните избори. Конститутивната седница на Парламентот се очекува да биде свикана до крајот на неделава кога спикерот Трајко Вељаноски ќе го добие извештајот од ДИК дека изборите се завршени.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG