Достапни линкови

Иран подготвен да соработува со Запад


Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад изјави дека неговата земја е подготвена да испрати ураниум во странство на натамошно збогатување како што тоа го бараат Обединетите нации. Ова е поздравено од официјален Вашингтон.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во интервју за иранската државна телевизија изјави дека не би било проблем да му даде на Западот ниско збогатен ураниум и по неколку месеци повторно да го преземе, кога тој ќе биде збогатен за 20 насто.

,,Немаме проблем да испраќаме ураниум на збогатување во странство. Некои од нив прават врева без причина. Нема проблем бидејќи ние сме подготвени да потпишаме договор за таква размена. Ќе им дадеме ураниум збогатен на 3,5 проценти, а по четири или пет месеци да ни вратат ураниум збогатен на 20 насто.,,

Ваквата одлука, според оценките, може да претставува голема промена во иранската позиција. Иранските државни претставници во изминативе месеци неколку го критикуваа планот на Обединетите нации и нудеа алтернативи на еден од главните услови, збогатување на иранскиот ураниум во странство.
Немаме проблем да испраќаме ураниум на збогатување во странство. Некои од нив прават врева без причина. Нема проблем бидејќи ние сме подготвени да потпишаме договор за таква размена...


Во Вашингтон велат дека доколку Иран е подготвен да го прифати планот на Обединетите нации, тогаш треба да ја информира Меѓународната агенција за атомска енергија. Портпаролот на Стејт Департментот Филип Кроули изјави дека Соединетите држави не се заинтресирани за натамошно преговорање со Техеран за договорот постигнат во октомври меѓу Иран и големите сили за испраќање 70 насто од својот ниско збогатен ураниум во странство.

Овој договор има за цел олеснување загриженоста на Западот дека Иран би можело да го користи уранот за нуклеарно оружје. Иран го негира тоа, наведувајќи дека неговата атомска програма е за мирољубиви цели. Инаку, во телевизиското интервју Ахмадинеџад предложи и размена на иранци во американските затвори за тројцата американски планинари кои беа уапсени во Иран во јули минатата година.

,,Не би сакале да држиме затвореници. Во тек се разговори за нивна размена со иранци затворени во Америка. Сепак за разлика од нив, кои немаат јасно обвинување зошто се затворени, за американците е јасно дека илегално ја минале нашата граница.,,

Тројцата американски граѓани во јули планинареле во северниот ирачки регион Курдистан, и притоа, според наводите на нивните семејства, случајно ја минале границата. Иран во декември објави список од 11 иранци , меѓу нив и еден нуклеарен научник кој исчезнал во Саудиска Арабија, како и поранешен функционер на министерството за одбрана кој исчезнал во Турција. Стејт департментот соопшти дека Вашингтон би ја поздравил волјата на Иран да го реши прашањето со затворените американци.
XS
SM
MD
LG