Достапни линкови

Иранската нуклеарна програма, најголема закана за светот денес


Питсбург, 25.09.09
Питсбург, 25.09.09
Американскиот Претседател Барак Обама, Британскиот Премиер Гордон Браун и Францускиот Претседател Никола Саркози го обвинија Иран за изградба на тајна нуклеарна постројка. Тие оваа заедничка осуда ја дадоа на прес конференција во Питсбург. Обама на конференцијата изјави

“Постоњето на овој капацитет нагласува дека Иран продолжува да не ги почитува обврските согласно резолуциите на Советот за Безбедност и на Агенцијата за Атомска енергија. Очекуваме Агенцијата веднаш да започне истрага”.

Обама нагласи дека Иран има право на нуклеарна енергија за мирољубиви цели, но оти обемот на постројките не е соодветен на мирољубива програма, а Техеран ги крши меѓународните норми и е закана за стабилноста и безбедноста на регионот. Британскиот премиер Гордон Браун изјави,
Америка, Обединетото Кралство и Франција се единствени – Иранската нуклеарна програма е наголем предизвик со кој се соочува светот денес

“Америка, Обединетото Кралство и Франција се единствени – Иранската нуклеарна програма е наголем предизвик со кој се соочува светот денес”.

Браун додаде дека на први октомври Иран мора да и се приклучи на меѓународната заедница како партнер или во спротивно ќе следува натамошна изолација. И францускиот претседател Никола Саркози истакна дека на Иран му се закануваат нови санкции доколку не ги почитува меѓународните обврски за нуклеарната програма. Иран веднаш официјално реагираше дека втората постројка за збогатување ураниум не била тајна и оти ако сакале да ја кријат немало за тоа да ја известат Меѓународната Агенција за Атомска Енергија.
Портпарол на Меѓународната Аганција за Атомска Енергија претходно изјави дека на 21 Септември Агенцијата била информирана од Иран за изградба и на втора постројка за збогатување ураниум во земјата чија намена ќе била за производство на струја. Меѓународната Агенција побарала итен пристап до новите капацитети. Иран е под три пакета санкции затоа што одбива да го напушти процесот за збогатување ураниум кој се користи и како нуклеарно гориво за атомски бомби.
Досега беше познато дека Иран има само една постројка за збогатување ураниум. За втората деновиве се известени и Русија и Кина, а американски експерти оценуваат дека Техеран сега има нуклеарен капацитет за воени цели.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG