Достапни линкови

Вести

Израелски напад врз општинска зграда во јужен Либан, меѓу загинатите е и градоначалник

Чад по израелскиот напад во јужен Либан.
Чад по израелскиот напад во јужен Либан.

Најмалку 16 лица, меѓу кои и градоначалникот на јужниот либански град Набатија, загинаа денеска (16 октомври) во израелски напад во кој беше погодена општинската зграда, соопштија либанските власти.

„Шеснаесет лица загинаа, а 52 лица се ранети според конечниот биланс од нападот на израелскиот непријател врз зградите на општина Набатија и заедницата на општини“, соопшти либанското Министерство за здравство.

Претходно либанската државна новинска агенција (ННА) објави дека градоначалникот Ахмед Кахил бил убиен заедно со неколку членови на општинскиот совет додека одржувале состанок.

Израел започна копнена операција во Либан претходно овој месец, со цел да го ослабне Хезболах, со кого разменуваше прекугранични оган од почетокот на војната во Газа. САД го прогласија Хезболах за терористичка организација, додека ЕУ го стави на црната листа само неговото вооружено крило, а не и политичката партија која свои претставници во либанскиот парламент.

Либанскиот премиер Наџиб Микати го осуди нападот врз Набатија, велејќи дека „светот намерно молчи за злосторствата на окупацијата“, обвинувајќи дека така се охрабрува Израел да продолжи со, како што рече, „агресија и злосторства“.

„Доколку сите земји во светот не се во можност да ја спречат очигледната агресија врз либанскиот народ, дали е корисно да се прибегне кон Советот за безбедност (на Обединетите нации) за да се побара прекин на огнот“, рече Миктаи.

По нападот во Набатија, специјалната координаторка на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашерт, предупреди дека страдањето на цивилите во Либан достигнало невидено ниво и повика на заштита и на цивилите и цивилната инфраструктура.

Претходно денеска, Израел го нападна и главниот град на Либан, Бејрут, по пауза од неколку дена.

Израелската војска објави дека погодила подземно складиште во јужните предградија на Бејрут во кое тврди дека имало оружје на Хезболах, кој е финансиски и воено поддржан од Иран.

Армијата соопшти дека нападот на бејрутското предградие Дахије е извршен откако „се преземени низа чекори за да се намали ризикот од цивилни жртви, кои вклучуваат предупредувања до населението“ пред нападот.

Најмалку 1.300 луѓе се убиени низ Либан од 23 септември. ОН наведуваат дека околу 700.000 луѓе се раселени.

За време на израелските операции во Либан, на удар беа и припадниците на мировните сили на ОН во таа земја (УНИФИЛ).

Членките на ЕУ кои имаат војници во УНИФИЛ денеска ја изразија својата „заедничка волја да извршат максимален политички и дипломатски притисок врз Израел“ за да спречат понатамошни „инциденти“ против мировната мисија на ОН, соопшти Италија.

Италија и Франција организираа видео-конференција на 16-те земји од ЕУ кои се дел од УНИФИЛ, каде министрите за одбрана „најостро ги осудија“ нападите за кои мисијата го обвини Израел, се вели во соопштението на италијанското Министерство за одбрана.

Во соопштението се додава дека „истовремено, јасно е ставено до знаење дека Хезболах не може да го користи персоналот на УНИФИЛ како штит во конфликтот“.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, рече дека активностите на мировниците на ОН се од „големо значење“ и дека тие би можеле да играат витална улога откако ќе заврши војната со Хезболах.

„Израел придава големо значење на активностите на УНИФИЛ и нема намера да и наштети на организацијата или нејзиниот персонал“, наведе Кац во објава на мрежата „Икс“.

На состанокот, министрите на ЕУ се согласиле за „важноста од одржување на стабилно присуство во Либан“ и изјавија дека секоја одлука за иднината на мисијата треба да се донесе на ниво на ОН.

На состанокот учествуваа министрите на Франција, Италија, Шпанија, Австрија, Хрватска, Финска, Грција, Ирска, Латвија, Холандија, Полска, Германија, Естонија, Унгарија, Малта и Кипар.

Повеќе од 140 луѓе загинаа во експлозија на цистерна со гориво во Нигерија

Превртената цистерна експлодираше во градот Маџија, Нигерија, 16 октомври 2024 г.
Превртената цистерна експлодираше во градот Маџија, Нигерија, 16 октомври 2024 г.

Повеќе од 140 луѓе загинаа, а десетици се повредени во северна Нигерија откако превртена цистерна експлодираше додека луѓе се обидувале да го соберат излеаното гориво, соопштија нигериските служби за итни случаи.

Ова е најновата ваква несреќа во период кога бензинот стана скапоцена стока за време на најтешката економска криза во Нигерија во последните децении.

Цистерната се преврте доцна во вторникот кога нејзиниот возач нагло свртел за да избегне судир со камион во градот Маџија, соопшти полицијата.

По несреќата околу цистерната се насобраа луѓе кои го собираа горивото што се излеа на патот и во одводот, изјави портпаролот на полицијата Лован Шису Адам.

Нура Абдулахи, портпарол на Националната агенција за управување со вонредни состојби (НЕМА), рече дека „повеќе од 140 луѓе“ се закопани во масовната гробница и предупреди дека бројот на жртви најверојатно ќе се зголеми.

Полицијата претходно соопшти дека загинале најмалку 94 лица, а 50 се повредени.

Нигериските пратеници одржаа и едноминутно молчење во Сенатот.

Во изјавата во средата, потпретседателот на Нигерија, Кашим Шетима, повика на проценка на безбедносната ситуација и рече дека федералната влада испраќа ресурси за поддршка на погодените.

Несреќите со фатални танкери се чести во Нигерија, најнаселената земја во Африка, бидејќи сообраќајните прописи не се почитуваат строго и нема ефикасен железнички систем за транспорт на товар.

Кога има вакви несреќи, луѓето често собираат гориво во чаши и кофи за да го однесат дома. Оваа пракса зачести поради скокот на цената на горивата.

Цената на бензинот се зголеми за пет пати откако претседателот Бола Ахмед Тинубу ги укина субвенциите минатата година, а исто така често има и недостиг од горива.

Ситуацијата дополнително се влоши минатата недела бидејќи државната нафтена компанија ги зголеми цените по втор пат за нешто повеќе од еден месец.

Прв самит на ЕУ и земјите од Заливот, присуствува и саудискиот престолонаследник

Саудискиот премиер и престолонаследник Мохамед бин Салам до италијанската премиерка Џорџа Мелони на самитот во Брисел, 16 октомври 2024 г.
Саудискиот премиер и престолонаследник Мохамед бин Салам до италијанската премиерка Џорџа Мелони на самитот во Брисел, 16 октомври 2024 г.

Лидерите на земјите од Заливот, вклучително и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, денеска (16 октомври) во Брисел се состанаа со шефовите на држави и влади на Европската Унија (ЕУ) на самит чија цел е да се спречи „сеопфатен пожар“ на Блискиот Исток.

Европската Унија се стреми да соработува поблиску со Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), кој ги обединува Бахреин, Катар, Кувајт, Оман, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, за решавање на конфликтите на Блискиот Исток и Украина.

Учеството на де факто владетелот на Саудиска Арабија, потврдено во последен момент, ги зголеми очекувањата од самитот.

Овој прв собир од ваков вид, самитот ЕУ-ГЦЦ, се одржува пред состанокот на лидерите на ЕУ во главниот град на Белгија.

Шефовите на држави и влади почнаа да пристигнуваат во раните попладневни часови, по вечерата за министрите за надворешни работи што се случи во вторникот вечерта.

Трговијата, енергијата и климатските промени ќе бидат на дневен ред на разговорите во Брисел, иако претставниците на ЕУ нагласија дека „главна тема“ ќе бидат воените операции на Израел во Појасот Газа и Либан.

„Ние сме партнери со усогласени интереси“, изјави белгискиот премиер Александар Де Кро, додавајќи дека се надева оти разговорите ќе помогнат да се постигне прекин на огнот и деескалација на Блискиот Исток.

Според еден функционер на ЕУ, „се чини дека Саудијците повторно се ангажираат за Либан – што е апсолутно витално за решавање на ситуацијата“.

Друг официјален претставник рече дека една од целите на состанокот е „да се избегне сеопфатно потпалување“ во регионот на Блискиот Исток, додавајќи: „Двете страни се загрижени за тоа“.

ЕУ е вториот најголем трговски партнер на земјите од ГЦЦ, но преговорите за трговскиот пакт траат со години.

Исто така, помеѓу двата блока постојат разлики околу руската инвазија на Украина, особено за примената на западните санкции и напорите на ЕУ да го казни Иран за помагање во воените напори на Москва.

Самитот во Брисел доаѓа нешто повеќе од една година по почетокот на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, сојузничка на Иран, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација. Изминативе недели конфликтот се прошири во Либан, предизвикувајќи стравувања од голем регионален конфликт.

Подготвени сме да дејствуваме се повеќе и повеќе заедно во соочувањето со заедничките предизвици“, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, пред самитот.

ЕУ повика на прекин на огнот во Либан и во Појасот Газа.

Заливските монархии богати со ресурси, традиционално сојузници на Заад, се зближија со Иран, кој им дава поддршка на Хамас во Газа и Хезболах во Либан.

Тие постојано повикуваа на создавање на палестинска држава покрај Израел, при што некои од Заливските земји играат клучна улога во напорите да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така учествува на состанокот ЕУ-ГЦЦ, со кој заеднички претседаваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, кој моментално претседава со ротирачкото претседателство на ГЦЦ.

Меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ ги повика лидерите на ЕУ да извршат притисок врз нивните колеги од Заливот да спроведат реформи, меѓу другото, за прашањата поврзани со политичките затвореници, слободата на изразување, работничките и останатите права на жените.

„Лидерите на ЕУ треба јасно да кажат дека ослободувањето на критичарите и напредокот во однос на човековите права се од витално значење за билатералните односи“, рече Клаудио Франкавила од оваа меѓународна организација.

Во објавената агенда за самитот, човековите права не се споменати.

Српскиот вицепремиер Вулин во нова посета на Москва

Александар Вулин, вицепремиер на Србија.
Александар Вулин, вицепремиер на Србија.

Србија и Русија продолжуваат да ја зајакнуваат соработката на безбедносните структури, беше соопштено на 16 октомври од Владата на Србија за време на новата посета на вицепремиерот Александар Вулин на Русија.

Потпретседателот на српската влада во Москва се сретнал со директорот на руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, кој го истакнал „влијанието на Вулин врз развојот на односите меѓу српските и руските служби“ додека тој беше министер за одбрана, министер за внатрешни работи и директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Во Москва, тој се сретнал и со директорот на руската Федерална служба за безбедност, Александар Бортников, со кого, како што е соопштено, разговарал за натамошната соработка и „соочувањето со заедничките предизвици“.

Вулин, кој е во официјална посета на Москва од 16 октомври, важи за еден од најсилните поддржувачи на Кремљ меѓу претставниците на Владата во Србија. Од почетокот на инвазијата на Украина, тој во неколку наврати оствари официјална посета на Русија.

Во септември, тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, на маргините на Источниот економски форум (ЕЕФ) во Владивосток, кога рече дека Србија не е само стратешки партнер, туку и сојузник на Русија.

Меѓу другото, Вулин на средината на јуни во Москва се сретна со врвот на најважните безбедносни служби на Русија, а во април со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Николај Патрушев.

Во јануари оваа година тој беше одликуван од страна на Путин и Федералната безбедносна служба.

Стејт департментот го стави Вулин на т.н. „црна листа“ во средината на 2023 година токму поради неговите врските со Русија и наводната корупција додека тој сè уште беше на чело на БИА.

Тој се повлече од функцијата во ноември 2023 година, откако се соочи со наводен притисок од Западот.

Вулин беше назначен за вицепремиер на Владата на Србија на почетокот на мај годинава.

Србија и Русија имаат историски блиски врски.

Србија е една од ретките земји во Европа која одбива да се приклучи на меѓународните санкции воведени против Кремљ по руската инвазија на Украина.

Руте: Состојбата на Западен Балкан е загрижувачка

Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

НАТО смета дека ситуацијата во регионот на Западен Балкан е загрижувачка поради околностите во Босна и Херцеговина и во Косово, изјави денеска (16 октомври) генералниот секретар на Алијансата Марк Руте, предупредувајќи дека Русија ја охрабрува поделбата во овој регион.

„Ситуацијата на Западен Балкан сè уште е загрижувачка поради сецесионистичките закани во Босна и Херцеговина, како и поради кревката безбедносна ситуација во Косово и малиот напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина“, изјави генералниот секретар на НАТО.

Шефот на Алијансата предупреди дека Русија исто така се обидува да ги поткопа демократиите во регионот користејќи сајбер и хибридни закани, вклучително и дезинформации.

Русија, според Руте, „ги користи внатрешните ранливости за да предизвика поделби“.

На состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО, што ќе се одржи на 17 и 18 октомври, ќе бидат анализирани мисиите на Алијансата во Косово и во Ирак.

Тоа ќе биде првиот министерски состанок со кој ќе претседава новоименуваниот секретар на алијансата, Марк Руте, кој ја презеде функцијата на 1 октомври од Јенс Столтенберг.

Пет работи што треба да ги знаете за новиот шеф на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Вработени во МВР сведочеа за убиството на Вања и Панче

Судскиот процес започна на 20 септември.
Судскиот процес започна на 20 септември.

Со сослушување сведочи, денеска (16 октомври) во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Како сведоци на рочиштето се појавија вработени во МВР кои биле ден од истрагата и потрагата по двете жртви кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, а чиј тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година.

Поранешниот началник од Велес, Ристо Самарџиев, во судница сведочеше дека телото на Жежовски го пронашле на непристапно место до е тешко да се дојде ако некој не го посочи конкретно. Тоа, според ексначалникот, го посочил еден од обвинетите, Велибор Манев.

„Велибор ни го кажа местото на настанот. Прво кажа дека тие се виновници за убиството на Вања, го кажа местото каде е убиена и закопана. После тоа го прашавме за Панче и ни кажа и за Панче, го земавме и нè однесе на местото на настанот. Тој го знаеше точното место каде што е закопан Панче“, рече Самарџиев.

Тој посочи дека обвинетиот Манев кажал оти лицето кое пукало бил првоосомничениот во случајот Љупчо Палевски.

Телото на Жежовски беше пронајдено во близина на Велес.

За тоа како било пронајдено телото на девојчето Вања во околината на Скопје, пак, претходно на рочиштето сведочеше поранешниот помошник-началник од скопската полиција, Музафер Каишиќ.

Тој бил првиот што контактирал со родителите на девојчето, кога се јавиле индиции дека Вања е киднапирана.

„Првата средба со родителите на Вања беше на денот на пријавување во вечерните часови. Тогаш ние директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е сработено и што да се преземе. Тогаш родителите за прв пат ги видовме. Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за колеги, после разговорот анализиравме беше конфузен, потиштен во многу изјави и многу работи кои ние го прашувавме“, сведочеше Каишиќ.

И тој во својот исказ кажа дека до телото на убиеното девојче ги однел Влатко Кешишов, уште еден од обвинетите во случајот.

Судскиот процес за двократното убиство започна на 20 септември. На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски – Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Денешното рочиште беше второ на кое се сослужуваа сведоци. На првото во понеделникот, 14 октомври, меѓу сведоците беше и мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска, која тврдеше дека не ги познава обвинетите за убиството. Таа сведочеше и дека таткото, кој сега е обвинет, веднаш се сомневал дека ќерка им е киднапирана.

Истиот ден сведочеа и ќерката и зетот на 74-годишниот Жежовски од Велес. Тие раскажаа дека го пријавиле исчезнувањето на велешанецот откако во неговиот дом наишле на запалена греалка и сијалица, а пензионерот го немало. Го немало ниту возилото „Цитроен“ кое, инаку, не го давал никому и имало голем багажен простор.

Грузија предупредува на лажни снимки за предизвикување немири пред изборите

Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.
Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Грузиските безбедносни претставници во средата издадоа предупредување за наводен план за дистрибуција на лажни видео и аудио снимки со цел да се предизвикаат немири пред парламентарните избори во оваа земја закажани за овој месец.

Грузиската служба за државна безбедност (СУС) соопшти дека политички поврзани групи, кои не ги идентификуваше јавно, се подготвуваат да објават лажни снимки од претставници на грузиската влада направени со помош на вештачка интелигенција и други напредни технологии, пренесе украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Предупредувањето доаѓа во време на засилени политички тензии во Грузија, особено по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ претходно оваа година, а го нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Во соопштението на СУС се наведува дека целта на лажните снимки е „да предизвикаат конфронтација меѓу различни гранки на власта и да се влошат нејзините односи со православната црква и западните партнери“.

СУС предупредува дека оние кои стојат зад планот имаат намера да ги прикажат лажни снимки како материјали кои протекле од самата СУС, со цел да ја дискредитираат службата и да сеат раздор во политичката структура на Грузија.

„Оваа провокација е дизајнирана да поттикне протести и да ја дестабилизира земјата заради политичка корист“, соопшти СУС, додавајќи дека внимателно ги следи активностите на инволвираните групи и ќе преземе правни мерки доколку е потребно.

Грузиските власти постојано изразуваат загриженост за потенцијалните обиди да се започне „обоена револуција“ слична на онаа позната како Евромајдан во Украина во 2014 година, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович, иако досега не се дадени конкретни докази во прилог на овие тврдења.

По усвојувањето на законот за „странски агенти“, Тбилиси беше критикуван за сè поблиските врски со Москва, додека Европската унија и САД изразија загриженост за падот на демократијата во Грузија.

Законот за „странски агенти“ беше широко критикуван дека е сличен на рускиот закон што се користи за задушување на слободата на медиумите и неистомислениците.

Во прилог на засилување на тензиите беше и тоа што претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили на 3 октомври потпиша закон за кој групите за човекови права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, наколет кон Русија, инсистира дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции.

Граѓанското општество во Грузија, пак, со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

Обвинителство: 16 цариници осомничени за примање поткуп

Илустрација.
Илустрација.

Вкупно 16 лица, како вработени во Царинската управа, се осомничени за кривичното дело примање поткуп, додека уште две други лица ќе се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Станува збор за лица кои работеле во царинските испостави „Ново Село“ и „Дојран“, а кои Обвинителството ги сомничи дека од март 2023, па се до вчера, 15 октомври 2024 година, со умисла извршиле повеќе кривични дејствија така што земале поткуп за да не пресметуваат увозни давачки на превозници.

„При вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки“, велат од ОЈО ГОКК.

Увезената стока, според обвинителството, осомничените цариници ја пуштале во слободен промет и на тој начин, си остварувале имотна корист за себе, а на штета на државниот буџет.

По повеќемесечна предистрага, вчера во Струмичко-гевгелискиот регион била спроведена акција под кодно име „Премин“ и биле извршени претреси на 26 локации, а од слобода биле лишени 14 царински службеници, еден пензиониран цариник и еден полицаец.

При претресите биле пронајдени и 50.000 евра кои, според обвинителството, биле земени од поткупот.

Целиот случај е отворен откако првично граѓанин поднел пријава против три лица.

По завршувањето на истрагата односно со наредбата за истрага, од ОЈО ГОКК велат дека бараат и Основниот кривичен суд Скопје да определи притвор за шестмина од осомничените, додека за останатите 10 бараат поблаги мерки – одземање на пасоши, забрана за напуштање на државата, како и забрана за определени работни активности.

На 16-те лица кои се осомничени за делото примање поткуп им се заканува затворска казна од четири до десет години.

За двете лица осомничени за злоупотреба на службената положба, пак, ќе се води скратена постапка бидејќи со последните измени на Кривичниот законик од септември лани, казната за ова дело е од шест месеци до три години затвор.

Маск стана мегадонатор: Даде 75 милиони долари за кампањата на Трамп

Трамп и Маск на митинг во Пенсилванија, 5 октомври 2024 г.
Трамп и Маск на митинг во Пенсилванија, 5 октомври 2024 г.

Американскиот милијардер Илон Маск дал околу 75 милиони долари на својата организација (America PAC) која се бори за победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Организацијата се обидува да го зголеми одѕивот на гласачите кои ќе го поддржат Трамп на изборите во клучните сојузни држави, а во периодот од јули до септември потрошила околу 72 милиони долари, покажуваат податоците доставени до Федералната изборна комисија на САД.

Тоа е повеќе од кој било друг донатор што сака да ги мотивира поддржувачите на Трамп да излезат на гласање, пишува Ројтерс.

Кампањата на Трамп во голема мера се потпира на надворешни групи за мотивација на гласачите, што значи дека организацијата на Маск – најбогатиот човек на светот, игра важна улога во изборната трка меѓу републиканскиот кандидат и неговата демократска ривалка Камала Харис.

Во објава на платформата Икс (поранешен Твитер), чиј сопственик е тој, Маск најави дека ќе „одржи серија разговори“ ширум Пенсилванија која се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис.

Маск, кој рече дека претходно гласал за претседателските кандидати на Демократската партија, но на овие избори направи остар пресврт надесно. Тој го поддржа Трамп во јули и се појави со него на митинг во Пенсилванија претходно овој месец.

Донациите што ги дава за кампањата го сместуваат во ексклузивниот клуп на републикански мегадонатори, листа на која се наоѓаат и банкарскиот наследник Тимоти Мелон и Миријам Аделсон, сопственичката на казино и најбогатата личност со израелско државјанство.

Што ги разликува Харис и Трамп - американските претседателски кандидати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Претходно овој месец беше објавено дека Маск тајно финансирал конзервативна политичка група со години, долго пред јавно да го поддржи Доналд Трамп.

Од организацијата America PAC одбиле да ги коментираат донациите на Маск.

Маск не одговорил на барањето за коментар од новинската агенција Ројтерс.

Русија го намалува бројот на странци иако и недостига работна сила

Мигранти работници во Русија.
Мигранти работници во Русија.

Руската влада одобри мерка со која од 2025 речиси ќе се преполови квотата за дозволи за престој на странци. Ваквиот потег Москва го презема и покрај тоа што во последните десет години бројот на работници од странство падна на минимум што го влоши и така акутниот недостиг на работна сила.

Новата квота што ја постави Владата за следната година е 5.500 дозволи, во споредба со 10.600 во 2023 година.

Намалувањето на квотите за дозволи за престој, кои се распределуваат низ земјата врз основа на барања за нивно издавање, следува по влошувањето на расположението на руската јавност кон мигрантите. Околу 80 отсто од анкетираните Руси изразиле загриженост за големиот број мигранти, особено од Централна Азија и Кавказ.

Стотици илјади работници мигранти од тие области легално престојуваат во Русија со работни дозволи кои им овозможуваат да останат и да работат во земјата, но само на ограничен период. Со дозволите за престој, пак, се дозволува да останат во Русија со години.

Многу Руси имаат негативен став кон мигрантите од Централна Азија по терористичкиот напад на забавниот центар „Крокус Сити“ во близина на Москва во март, во кој загинаа 140 лица.

Неколку мажи од Централна Азија, главно од Таџикистан, беа уапсени под сомнение за вмешаност во нападот. Оттогаш, агенциите за спроведување на законот ги засилија акциите насочени кон мигрантските заедници.

Претходно оваа недела, комесарот за човекови права на Таџикистан, Умед Бобозода, изрази загриженост поради малтретирањето на таџикистанските мигранти во Русија по терористичкиот напад, обвинувајќи ги руските органи за спроведување на законот за користење нелегални методи, вклучително и физичко малтретирање и неоправдани притворања.

Некои работници мигранти од Централна Азија беа принудени да им се придружат на руските вооружени сили вклучени во инвазијата на Украина.

Бројот на издадени дозволи за престој во Русија се намалува од 2021 година. Тогаш имаше 39.000 дозволи.

Според податоците на руското Министерство за внатрешни работи, до средината на оваа година биле искористени само 20 отсто од планираните квоти за 2024 година.

Инаку, одлуката за намалување на квотите објавена денеска доаѓа еден ден откако Долниот дом на рускиот парламент усвои Закон со кој се заострува процесот за добивање дозволи за престој.

Странците во брак со руски државјани сега ќе треба да чекаат три години по венчавката за да се пријават, што е значителна промена од претходното правило кое дозволуваше веднаш да се поднесе апликација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG