Достапни линкови

 
Возачки дозволи со општински пари – инвестиции во безбедност или повеќе хаос?

Возачки дозволи со општински пари – инвестиции во безбедност или повеќе хаос?


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Градоначалниците на три скопски општини сметаат дека субвенциите што ги доделуваат за возачки испит придонесуваат за побезбедни улици. Граѓански здруженија со критики, бараат субвенции за почист воздух. Сомневања во критериумите за распределба на субвенциите - важат само за одредени авто-школи?

Локалните власти во Центар, Кисела Вода и Карпош финансираат милиони денари за возачки дозволи, потег кои наидува на критики од граѓанските здруженија и иницијативи според кои на ваквите мерки гледаат дополнително зајакнување на доминацијата на моторизираниот транспорт во градот кој брои жртви на небезбедните улици и се гуши во смог.

Општина Центар издвојува над 5 милиони денари (81.000 евра) за субвенционирање на возачки дозволи, Општина Кисела Вода дава 4 милиони денари (65.000 евра), а активна мерка има и Општина Карпош која издвојува 7 милиони денари (113.000 евра) за субвенции на млади да полагаат возачки испит.

Субвенционирањето на возачки дозволи е мерка за зголемување на безбедноста во сообраќајот, обезбедува соодветна едукација и сообраќајна култура и го намалува ризикот од возење без дозвола, велат од кабинетот на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во одговор за Радио Слободна Европа.

„Со ова ги поттикнуваме младите да научат да возат и да се вклучат во сообраќајот соодветно едуцирани и подготвени, со што сметаме дека ја зголемуваме безбедноста“, велат од Општина Центар од каде додаваат дека за загадувањето поддржуваат мерки за субвенции за велосипеди, тротинети и електрични велосипеди.

Скопје се соочува со алармантни проблеми со безбедноста во сообраќајот. Само на булеварот „Партизански одреди“ во изминатите години загинаа неколку млади луѓе.

Периодов од почетокот на годината младите протестираа откако 22-годиншата Фросина Кулакова на почетокот на јануари го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин.

За загадувањето, земјата се најде на второ место на земји со најзагаден воздух во Европа, според извештајот на компанијата за следење на квалитетот на воздухот Ај Кју Ер (IQAir) кој го објави мината недела.

Моторизирана мобилност, наместо младински полтитики?

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и советничката група во Општина Центар ја осудија одлуката на градоначалникот Герасимовски.

Тие нагласуваат дека младите бараат безбедни улици, додека локалната власт вложува средства во стимулирање на нови возачи.

Според „Шанса за Центар“, пет милиони денари, наместо да се искористат за субвенции за возачки дозволи за една „повластена“ генерација, можеле да бидат вложени во формирање и финансирање на Младински совет, што е законска обврска на општината.

„Сакаат да ги купат, не сакаат да ги слушнат!“ велат од иницијативата, алудирајќи на тоа дека наместо да се инвестира во младински политики, се фаворизира моторизираната мобилност.

Тие дополнително предлагаат средствата да се пренаменат за реконструкција на училишта, ослободување на „заробени“ дрвја, сообраќајна опрема, пристапни рампи за лица со попречености и изградба на слиени тротоари на велосипедски патеки.

Јавните повици на општините за доделување на субвенциите за полагање на возачки испит од Б-категорија, се за млади жители на општините, кои можат да добијат 10.000 денари. Условот е во текот на годината да наполнат 18 години, односно да се родени во 2007 година, а најмалку една година да живеат во општината.

Средствата можат да се користат исклучиво за обука во автошколи регистрирани во рамките на општините.

Безбедност или дополнителен сообраќаен хаос?

И од кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски, истакнуваат дека мерката за субвенционирање на возачки дозволи е воведена токму од безбедносни причини.

Оттаму додаваат дека многу млади, токму поради финансиски ограничувања, не можат да посетуваат автошкола, што ги прави ризик на патиштата.

Со оваа субвенција, општината сака да ги поттикне младите да стекнат потребни знаења, сообраќајна култура и вештини, со што ќе се намали бројот на незгоди.

„Со субвенционирањето на возачките дозволи, им овозможуваме на младите да се стекнат со потребните знаења и вештини, да се едуцираат за сообраќајната култура и безбедност, и да станат обучени и одговорни учесници во сообраќајот. Тоа е првиот и основен чекор за намалување на бројот на сообраќајни незгоди“, велат од Општина Кисела Вода.

Во однос на загадувањето и метежот во градот, од општината велат дека имаат мерки како инсталирање на пречистувачи за воздух во училиштата, субвенционирање на печки за пелети, фотоволтаици во училишта.

„Поставивме мерна станица за квалитет на воздухот во близина на „Цементарница“, како и мерна станица во паркот „Македонија“, велат од Општина Кисела Вода.

Дискриминаторски субвенции?

Во Општина Карпош мерката е започната од почетокот на 2024 и се уште трае. Невена Георгоргиевска, советничка во општината, вели дека младите подобро е да возат со возачки дозволи, отколку без, но за неа проблемот е што програмата, како што вели, се коси со програмата за развој, за помагање на младите за наоѓање конкурентна работа.

„Во однос на тоа што во условите на целиот сообраќаен хаос наместо создавање услови за безбеден велосипедски сообраќај се форсира автомобилски сообраќај“, вели Георгиевска.

Општина Карпош ја оправдува мерката како дел од политиките за млади, нагласувајќи дека, покрај поддршката за ученици до 15 години, субвенционирањето на возачки дозволи е наменето за средношколци кои полнат 18 години.

Според општината, ова ја зголемува безбедноста, спречува „диво“ возење и ги подготвува младите за пазарот на труд, каде што често се бара возачка дозвола.

Дополнително, сметаат дека оваа мерка ја зголемува мобилноста и одговорноста на младите, а во иднина планираат нејзино проширување со покривање на дополнителни трошоци.

„Сметаме дека (младите) е подобро да возат автомобили со положен возачки испит, отколку да возат на диво“, велат од Општина Карпош.

Но, Неда Малеска - Сачмароска од Центарот за управување со промени смета дека општинскиот буџет треба да финансира проекти кои ги подобруваат условите за сите жители, а не само за одредена категорија граѓани.

Според неа, критериумите за распределба на субвенциите се дискриминаторски, а начинот на финансирање на мерката остава простор за злоупотреби.

Таа додава и дека распределбата на средствата по принципот „прв дојден, прв услужен“ е проблематична и потенцијално неправедна, бидејќи исклучува ранливи групи, како што се деца на самохрани родители или семејства со пониски приходи.

Дополнително, смета дека барањето автошколите да бидат регистрирани во одредени општини го нарушува принципот на слободен пазар.


  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG