Достапни линкови

Вести

Излезни анкети на изборите во Франција: Левицата води, следува Макрон, а потоа десницата

Луѓе ги очекуваат резултатите од вториот круг од парламентарните избори во Нант, западна Франција, 7 јули 2024 година.
Луѓе ги очекуваат резултатите од вториот круг од парламентарните избори во Нант, западна Франција, 7 јули 2024 година.

Во вториот круг од вонредните избори во Франција на 7 јули според излезните анкети, води левицата, потоа приврзаниците на партијата на претседателот Емануел Макрон, а десницата е трета, пишува Франс прес.

Проценките по завршувањето на гласањето во 20 часот покажуваат дека меѓу 172 и 215 пратенички места освоила левицата, од 150 до 180 Макрон и 115 до 155 екстремната десница Марин Ле Пен.

Французите денеска масовно гласаа во клучниот втор круг од предвремените парламентарни избори.

Се гласаше за 501 пратеничко место во францускиот Парламент, кој има вкупно 577 пратеници.

Во првиот круг на 30 јуни беа избрани само 76 пратеници.

Излезноста на гласачите до 16 часот беше 59,71 отсто, што е највисока излезност на парламентарните избори од 1981 година (61,4 отсто), кои ја донесоа левицата дојде на власт.

Од почетокот на кампањата, Франција е втурната во токсична атмосфера, обележана со навреди, физички напади на кандидати и расистички и антисемитски говори.

Во Франција во случај на протести ќе бидат мобилизирани 30.000 полицајци, од кои 5.000 во Париз. Многу сопственици на продавници во градовите ги заштитуваат своите излози.

Избирачките места беа затворени во 20 часот, додека гласањето веќе беше во тек на француските прекуморски територии во саботата.

Националниот собир и нивните сојузници освоија најмногу гласови во првиот круг пред седум дена (33 отсто), потоа левичарскиот совет на Новиот народен фронт со 28 отсто и таборот на претседателот Емануел Макрон со 20 отсто.

Изборите се одржаа во време на подготовките за Олимписките и Параолимписките игри во Париз, кои започнуваат на 26 јули.

Макрон го распушти парламентот и распиша избори на 9 јуни, по победата на Националниот собир на изборите за Европскиот парламент и лошиот резултат на неговата либерална партија Преродба.

Најмалку шестмина повредени во првата трка со бикови во Памплона

Во моментот кога бик влегува во коридата, фестивалот Сан Фермин во Памплона, Шпанија, 7 јули 2024 година.
Во моментот кога бик влегува во коридата, фестивалот Сан Фермин во Памплона, Шпанија, 7 јули 2024 година.

Најмалку шест лица се повредени на првиот ден од овогодинешното трка со биковите во Памплона, Шпанија, соопштија лекарите на 7 јули.

Едно лице се здобило со повреда на главата, а другите пет се со претежно модринки, изјави за РТВЕ портпаролот на локалната здравствена служба, пренесува ДПА.

Неколку повредени завршиле во болница.

Секој ден до 14 јули, стотици луѓе ќе ловат по шест бикови, од кои некои тежат повеќе од 600 килограми, и неколку волови низ сокаците на Памплона сè до арената. Потоа матадорите ги убиваат биковите во арената.

За време на трката на патеката долга 875 метри, секоја година се повредени десетици тркачи, од кои повеќето се млади мажи.

Имаше 16 смртни случаи од 1924 година, а последниот беше во 2009 година.

Активистите за правата на животните ги нарекуваат трките со бикови „средновековна суровост“.

И покрај тоа, фестивалот сè уште привлекува илјадници посетители од целиот свет.

Ердоган го повика Асад да ги обноват турско-сириските односи

турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турција може во секое време да испрати покана до сирискиот претседател Башар ал Асад за можни разговори за обновување на односите меѓу двете соседни земји, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 7 јули.

„Ќе ја испратиме нашата покана до Асад и со тоа сакаме да ги вратиме турско-сириските односи на исто ниво како порано. Нашата покана може да биде испратена во секое време“, нагласи Ердоган.

Турција ги прекина врските со Сирија во 2011 година по избувнувањето на војната во која ги поддржа бунтовничките сили кои сакаат да го соборат Асад.

Анкара изврши неколку прекугранични воени операции против милитантите за кои вели дека ја загрозуваат нејзината национална безбедност и воспостави „безбедна зона“ во северна Сирија, каде што сега се стационирани турските сили, пренесува Ројтерс.

Ердоган истакна дека Анкара ќе иницира реципрочни мерки за секој позитивен чекор на Дамаск и дека рускиот претседател Владимир Путин и ирачкиот премиер Мохамед Шија Ал Судани можат да придонесат за воспоставување контакт.

Турскиот претседател додаде дека сега се дојдени до точка од која, доколку Асад направи чекор кон подобрување на односите со Турција, Анкара може да одговори со истиот пристап.

Сириските власти постојано укажуваат дека може да се воспостави секаков вид нормализација на односите откако Турција ќе се согласи да повлече илјадници војници од северозападна Сирија.

Највисока излезност на изборите во Франција во последните 43 години

Гласачите стојат во ред пред да го дадат својот глас во вториот круг од парламентарните избори во Франција на избирачко место во Лион на 7 јули 2024 година.
Гласачите стојат во ред пред да го дадат својот глас во вториот круг од парламентарните избори во Франција на избирачко место во Лион на 7 јули 2024 година.

Одѕивот на гласачите во вториот круг од француските парламентарни избори денеска до пладне беше највисок од 1981 година и поголем отколку во вториот круг од последните парламентарни избори одржани во 2022 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Излезноста беше 26,3 отсто, што е значително зголемување во однос на 18,99 отсто пред две години.

Гласачките места низ Франција беа отворени на 7 јули за вториот круг од парламентарните избори, при што се очекува победа на Националниот собир (РН) на лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен.

Иако антиимиграциската, евроскептичната партија можеби нема да освои целосно мнозинство, поделбите во парламентот би можеле да ја донесат Франција во политичка неизвесност и да ја ослабат нејзината меѓународна позиција, пишува француската новинска агенција Франс прес.

Гласањето започна во 8 часот и треба да продолжи до 18 часот или до 20 часот во поголемите градови, кога ќе бидат објавени првите проценки на резултатите.

Главното прашање е дали партијата Национален собир на Марин Ле Пен и нејзините сојузници ќе постигнат апсолутно мнозинство од 289 места во 577-членото Национално собрание, Долниот дом на земјата, пишува германската новинска агенција ДПА.

Последните анкети предвидуваат дека Националното собрание и неговите сојузници ќе обезбедат 175 до 215 места, што е многу помалку од апсолутно мнозинство.

Новинската агенција Ројтерс пишува дека изборите ќе го реконфигурираат политичкиот пејзаж и исто така дека анкетите предвидуваат екстремно десничарскиот Национален собир (РН) да освои најмногу гласови, но веројатно нема да го има потребното мнозинство.

Таквиот исход може да ја фрли земјата во хаотичен однос во парламентот пред Олимпијадата во Париз, сериозно поткопувајќи го авторитетот на претседателот Емануел Макрон.

Во првиот круг минатиот викенд, Националниот собир беше најсилната партија, пред новиот левичарски сојуз и центристичкиот табор на претседателот Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на предвремени парламентарни избори по поразот на неговата партија на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни.

МНР го повика на консултации македонскиот амбасадор во ОН Фрчкоски

Љубомир Фрчкоски.
Љубомир Фрчкоски.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (МНР) соопшти дека македонскиот амбасадор во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски бил повикан на консултации во Министерството, но не даде детали за причиите поради кои е повикан.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека согласно Законот за надворешни работи македонскиот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството“, наведуваат од МНР, јавува МИА.

Од Министерството информираат дека за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено известена.

Иако МНР се уште на објавува за што станува збор, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на денешната прес-конференција одговораше на новинарско прашање во врска со повикувањето на Фрчкоски на консултации во МНР.

Тој рече дека секој треба да биде повикан на одговорност за тоа како ја извршувал својата должност, без разлика за кој човек се работи или на која функција бил.

„Од тоа што можевме во јавноста да го видиме, гледаме дека како амбасадор на Македонија уживал во удопствата кои му ги обезбедил Зоран Заев со именувањето, а во исто време нема отчет како се трошеле народните пари, односно парите биле трошени на непознат начин“, рече Лефков.

Дел медиуми објавија дека Фрчкоски бил повикан поради злоупотреба на службената картичка за авионски билети и непочитување на насоки кои биле давани од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Земјотрес почувствуван во подрачјето на Охрид

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Земјотрес со магнитуда од 3.6 степени според Рихтеровата скала днеска е почувствуван во подрачјето на Охрид, информира
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија.

Според извештајот, земјотресот се случил на 7 јули во 14 часот и 7 минути во охридското подрачје, на 125 километри југозападно од Скопје.

Според досегашните податоци на опсерваторијата, земјотресот бил почувствуван од населението во градот Охрид и околината.

Земјотресот бил почуствуван и во повеќе места од Охридско-струшкиот регион, како и во дел од пограничните подрачја со Албанија.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар јави дека земјотресот регистриран денеска во близина на Охрид се случил на длабочина од 5 километри во Охридското Езеро.

Поморската мисија на ЕУ уништи два дрона во Аденскиот залив

Илустративна фотографија - Нафтен танкер Полукс управуван од Sea Trade Marine S.A., од Атина погоден од јеменските Хути. 17.02.2024.
Илустративна фотографија - Нафтен танкер Полукс управуван од Sea Trade Marine S.A., од Атина погоден од јеменските Хути. 17.02.2024.

Поморската мисија на Европската унија која ги штити бродовите што го преминуваат Црвеното Море соопшти дека нејзината фрегата Псара на 7 јули уништила двe беспилотни летала во Аденскиот залив.

Мисијата Аспид започна во февруари како одговор на нападите со беспилотни летала и ракети врз бродови од милитантите Хути поддржани од Иран.

Хутите ги опишуваат нападите како акти на солидарност со Палестинците во израелската војна во Газа.

Други земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, исто така имаат поморски сили кои дејствуваат во областа.

САД веруваат дека иранскиот корпус на гардата на исламската револуција помага во планирањето и извршувањето на ракетните напади и нападите со дронови на Хути.

Иран, од друга страна, негира вмешаност.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија долго време го обвинува Иран за вооружување, обука и финансирање на Хутите.

Хутите негираат дека се соработници со Иран и нагласуваат дека тие сами произведуваат оружје.

Хутите извршија повеќе од 50 напади врз бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив од ноември минатата година.

Доаѓа период на многу топло време со температура до 40 степени

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Со дневни температури над 30 степени целзиусови, кои на некои места ќе достигнат и 40 степени, следува период на многу топло време во Северна Македонија, инфомира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

„Во попладневните часови претежно во планинските подрачја ќе има и изолирана појава на нестабилност со краткотраен дожд и ретки грмежи“, велат од УХМР.

Денеска времето е сончево и топло со мала локална облачност и со слаб ветер од променлив правец, со максимална температура од 31 до 38 степени. Во Скопје ќе биде до 37 степени, наведува УХМР.

И Хиррометеролошките заводи во регионот информираат дека следниве денови се очекува топло време со натпросечни температури и повремени локални дождови.

Експертите за клима велат дека поради тоа многу е важно луѓето сериозно да ги сфатат предупредувањата и да не излегуваат во најтоплите часови од денот.

„Мораме да сфатиме дека ова не се исти жештини како пред десет или 20 години, туку се последици на променетата клима“, вели за РСЕ Ивана Воиновиќ – директорка на Центарот за климатски промени на Универзитетот Долна Горица во Црна Гора.

Се предвидува дека низ целиот европски континент температурите ќе се искачат високо над 30 степени, а во многу земји и ќе надминат +40 степени. Најтопло ќе биде во Источна Европа и на Балканскиот Полуостров.

Очекувањата според хидрометрролошките заводи се следнава недела најжешката воздушна маса да се движи од Италија кон Балканскиот полуостров, проширувајќи се на север кон Словачка, Унгарија и Полска. Во делови од Романија, Бугарија и Грција, исто така, се прогнозира температурите да стигнат до 40 степени.

Жешко време веќе зафати и големи делови од Русија, коде се измерени меѓу најтоплите временски услови во последните сто години, со температури над 35 степени Целзиусови. Температурите во Москва го соборија рекордот од 1917 година, објави Ројтерс.

И во Соединетите држави (САД) речиси 130 милиони луѓе ширум земјата ќе се соочат со екстремно високи температури во текот на следната недела, по продолжувањето на долготрајниот топлотен бран кој веќе собори рекорди за опасно високи температури, пишува АП.

Според Националната метеоролошка служба, температурите би можеле да достигнат повеќе од 38 степени Целзиусови во делови од северозападниот дел на Тихиот Океан, средно-атлантскиот и североисточниот регион на САД, а во поголемиот дел од западот, температурите најверојатно ќе бидат од 8 до 16 степени Целзиусови над просекот за ова време од годината.

Источниот дел на САД, исто така, се подготвува за уште повисоки температури. Балтимор и другите делови на Мериленд беа под предупредување за горештини, а температурите се очекува да достигнат до 43 целзиусови степени.

Во петокот беше поставен нов рекорд на топлина во долината на смртта во Калифорнија, едно од најжешките места на Земјата, при што температурата достигна 52,8 степени Целзиусови.

МВР прави претреси за убиството во Тетово, едно лице задржано на разговор

Убиство во Тетово.
Убиство во Тетово.

Основниот суд во Тетово издаде наредна за претрес на три локации во тетовското село Гајре од каде биле земени предмети кои би можеле да користат за расчистување на убиството на 39- годишниот маж, врз кој вчера беше пукано од автомобил во Тетово, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Исто така МВР наведува дека во Полициска станица Тетово било задржано едно лице нформативен разговор во врска со убиството.

Пукањето се случи на 5 јули кога, според полициските извештаи, едно лице кое возело автомобил мерцедес пукало кон возило БМВ во кое било 39-годишното лице со иницијали Р.Т, кое од добиените повреди починало.

Убиството било пријавено дека се случило во петокот во 20:35 часот на улица „Штипска“ во Тетово во близина на угостителски објект.

Од МВР велат дека Биро за јавна безбедност (БЈБ) преземало дополнителни мерки за пронаоѓање на лицето за кое постојат основи на сомневање дека е потенцијалниот сторител.

„Целокупните дејствија се преземаат во координација со надлежното Јавно обвинителство, а во целиот случај од првиот момент се вклучени и полициски службеници од Одделот за крим полиција при БЈБ, се вели во соопштението од МВР.

По убиството бил одржан работен состанок во СВР Тетово на кој учествувало раководството на СВР Тетово, на криминалистичка полиција, на економски криминал и на полициска станица Тетово, на кој се дадени прецизни насоки за понатамошно постапување.

Јавното Обвинителство вчера информираше се дадени наредби за обдукција на убиениот, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор, а возилото и други траги се подигнати за вештачење.

Вонредна состојба во руски Воронеж по наводен напад со украински дрон

Илустративна фотографија - Пожарникари работат на гаснење пожар по извештаи дека експлозија погодила складиште за гориво во Воронеж, Русија, на околу 460 километри јужно од Москва. 24 јуни 2023 година.
Илустративна фотографија - Пожарникари работат на гаснење пожар по извештаи дека експлозија погодила складиште за гориво во Воронеж, Русија, на околу 460 километри јужно од Москва. 24 јуни 2023 година.

Вонредна состојба беше прогласена на 7 јули во делови од руската област Воронеж во близина на границата со Украина, откако наводен напад со украинско беспилотно летало запали складиште за оружје, соопштија регионалните власти.

Регионалниот гувернер Александар Гусев изјави дека украинските беспилотни летала биле соборени од руски системи за противвоздушна одбрана и дека пожарот бил предизвикан од остатоци што паднале во текот на ноќта врз складиште за муниција во областа Подгорненски.

Видеата објавени на Телеграм наводно покажуваат најмалку еден дрон кој се упатува кон складиштето, а потоа се слуша долга серија на експлозии додека во воздухот се креваат облачи од црн чад.

Гусев рече дека засега нема извештаи за жртви. Подоцна утрото објави дека прогласил вонредна состојба во населбата каде што се наоѓа запалената депонија за оружје, без да ја именува.

Патот што води до областа беше затворен и властите почнаа да ги евакуираат жителите во центрите за привремено сместување, се вели во извештаите.

Украина, чија енергетска и цивилна инфраструктура беше десеткувана од неколкумесечните интензивни руски напади со беспилотни летала и ракети, за возврат почна да гаѓа индустриски капацитети во Русија, главно капацитети за преработка на нафта кои работат за војската.

Украинската Воена разузнавачка служба (ХУР) во порака на Телеграм од 7 јули тврди дека нејзини агенти нападнале логистички центар во Дебалцево, во делот на Доњецк, окупиран од Русија, во кој се наоѓала тенковска опрема и муниција претходниот ден.

ХУР, исто така, тврди дека е уништена комуникациска станица за електронско војување во Новолуганск, во окупираната област Луганск.

Тврдењата не можеа да бидат независно проверени.

Исто така, украинските воздухопловни сили на 7 јули соопштија дека нивните системи за противвоздушна одбрана одбиле нов руски ракетен и напад со беспилотни летала врз неколку региони претходно истиот ден.

„Непријателот нападна со две балистички ракети „Искандер-М“ и 13 беспилотни летала „Шахед“, соопшти украинското воздухопловство на Телеграм, додавајќи дека 13 беспилотни летала биле соборени во регионите Кироворад, Харкив, Суми и Полтава.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека неговите ракети Искандер уништиле два украински фрлачи за ракетни системи земја-воздух „Патриот“ и радарската станица „Жирафа“ во селото Јужне во областа Одеса.

Тврдењето не можеше да се потврди независно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG